ЈУБИЛЕЈ

Големото востание низ страниците на македонската литература од 20 век

ИЛИНДЕН - ВРВ НА КОПНЕЖИ И СТРЕМЕЖИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Епското платно на настаните кои ги креира македонскиот народ, го дополнуваат и книжевните творби посветени на бележити револуционери, меѓу нив најопеани Делчев, Сандански, Карев, Груев, Пиперката и други.
  • Поетот зборува за поразијата во македонската револуционерна акција, за погубноста на туѓите интереси и пропаганди, но и гласно кажува и покажува дека во Илинден ставивме сопствена содржина и дека сакаме Република без протекторат.

Македонски 20 век на самиот почеток го одбележуваат два значајни настани кои не ја изразуваат само судбината и опстојбата на македонскиот народ, туку и децидно ја одредуваат неговата иднина. Епопејата на Илинден и Крушевската Република ги овековечуваат, на дело ги покажуваат вековните стремежи и идеали на сопствениот непокор и самобитност. Тие гласно и на дело потврдуваат дека сопствените национални и социјални права и слободи се изборуваат со сопствена борба и жртви.

Во таа клучна 1903 година, се појавува и епистоларната книга на Македонија "За македонцките работи" од Крсте Петков - Мисирков. Наспроти епопејата на Илинден, наспроти светото македонско револуционерно дело и државноста со Републиката, Мисирков во тој комплекс како знак на идентификација го вградува и прашањето за македонскиот литературен јазик. Оттука и македонската литература во 20 век е под знакот на Илинден и е нејзина опсесивна тема за која говори д-р Васил Тоциновски.

ПЕСНИТЕ

Македонската народна песна е првиот и веродостоен израз на вековните ропства и патила на македонскиот народ. Таа не е само регистратор, туку станува јавен повик македонскиот народ да се крене на востание и да ги избори слободата и иднината.

Во уметничката литература, пак, наспроти генијот на безимениот народен творец е генијот на Марко Цепенков кој низ песна е и летописец на страдањата, но и глас на спротивставување и бунт, вели д-р Васил Тоциновски. Наспроти сите дилеми, недоразбирања и заскитувања во 19 век, 20 век веќе децидно и точно ги одредува сите назнаки на македонската литература и на македонскиот литературен јазик. Забрзаниот и резултантен македонски книжевен израз се должи пред се што тој се негува и се развива во стратегијата и акцијата на ВМРО. За потребата од македонска книга идеологот Гоце Делчев покренува и одржува посебен конгрес. Од неговата епистоларија аргументирано проследуваме дека покрај оружје во борбата на македонскиот народ, како моќни агитациони средства ги препорачува книгите на Атанас Раздолов.

Според д-р Тоциновски, тематски во литературата од овој период можеме да одбележиме три етапи кои ја градат целината на македонскиот книжевен исказ. Писателите го легитимираат пред илинденскиот период сите зла и несреќи против кои и се крева илинденското востание, како чин и како втор тематски круг по кој следи темата на постилинденскиот период. Епското платно на настаните кои ги креира македонскиот народ, го дополнуваат и книжевните творби посветени на бележити револуционери, меѓу нив најопеани Делчев, Сандански, Карев, Груев, Пиперката и други.

ТВОРЦИ И БОРЦИ

Формацијата на револуционерни писатели која последователно доаѓа од претходната даскалска литература како релевантна назнака и потреба за книжевен исказ ја има должноста во извојувањето на националните права и слободи. Илинден е врв на тие копнежи и стремежи.

За нив многу стихови посветиле веќе споменатиот Атанас Раздолов, поетот на Илинден, Арсениј Јовков, посебно со романот во стихови "Илинден", Никола Киров - Мајски кој во поемата "Шагуна" ја издигнува познатата парола "слобода или смрт" и Димитар Молеров со многуте стихови посветени на Илинден и на неговите главни протагониости, објаснува д-р Тоциновски. Во таа поетска плејада се и заложбите на Лазар Поп Трајков со поемата "Локвата и винари", Трајко Кинтанчев, Кочо Молеров, Димитар Миленски, Серафим Григоров и други. Притоа, треба особено да се нагласи фактот дека сите тие не се само воини со зборот, туку се и борци со оружје. По таа генерација поети и членови на македонското револуционерно движење, доаѓа новата генерација на творци и борци од редовите на ВМРО (Обединета) комунисти и партизани. Секако дека светот и животот можат да опстојуваат без поетите, но ми се чини позначаен е фактот дека без нив тие би биле посиромашни. Како најилустративен пример го земам Никола Вапцаров. Тој со неколку стихови од својата антологиска песна "Илинденска" ја кажува суштината и фактите кои ќе ги најдете во илјадници страници од историјата. Поетот зборува за поразијата во македонската револуционерна акција, за погубноста на туѓите интереси и пропаганди, но и гласно кажува и покажува дека во Илинден ставивме сопствена содржина и дека сакаме Република без протекторат. Прекрасни стихови за Илинден ќе испејат и Кочо Разцин во поемата "Сандански", Коле Неделковски во поемата "Пеш по светот" и Мите Богоевски во антологиската поема "Спроти Илинден". Илинден е опсесивна тема и за Венко Марковски. Тој илјадници стихови на оваа тема вградува во поемите и романите во стихови за "Гоце", "Илинден", "Чудна е Македонија" и бројни одделни песни.

Од таа генерација на македонски поети вредни естетски резултати на оваа тема бележиме од Михаил Сматракалев, Кирил Манасиев, Паскал Паскалевски и други.

РОМАН И РАСКАЗ

Во македонскиот расказ илинденската тема исто така наоѓа широк одглас. Прекрасни раскажувачки страници имаме од Атанас Раздолов, Кочо Молеров, Стојан Христов и особено од генерацијата, односно првата генерација раскажувачи во современата македонска литература: Георги Абаџиев, Антон Великов, Михаил Сматракалев, потоа Славко Јаневски, Јордан Леов, Иван Точко, Симон Дракул, Трајан Петровски, Мето Јовановски, Ката Мисиркова - Руменова до генерацијата на Атанас Вангелов, Велко Неделковски и Крсте Чачански.

Најсложениот книжевен жанр, романот, кој се јавува подоцна во македонаста литература, живо ја тангира илинденската епопеја.

Во оваа прилика можеме да ги наброиме романите "Илинден" од Димитар Талев, "Мара" од Стојан Христов, "Пустина" од Ѓорѓи Абаџиев, четирите тома "Или смрт" од Симон Дракул, "Гемиџиите" од Јован Павловски, "Солунските атентатори" од Јован Бошковски и "Историја на светото дело" од Зоран Ковачевски, додава д-р Тоциновски. Останува долг на македонската книжевна наука да ги покаже на светлината од денот и да ги извлече од архивата романите "За народ загина" од Коце Ванов, "Низ иглени уши" од Панче Сираков, романите на Вестала Тимчева и Васил Ивановски.

ДРАМА

Македонската драма во годините меѓу двете светски војни е доминантен книжевен жанр. Таа не само како книга, туку како драмски текст кој се изведува на сцената има моќно влијание и би рекле значајна функција во револуционизирање на македонскиот народ во поделената и распарчена татковина по 1912 година.

Илинден е тема во драмата "Духот на слободата" од основоположникот на македонската драма и театар Војдан Чернодрински, објаснува д-р Тоциновски. Потписник на драмата во пет дејствија "Илинден" е еден од актерите на оваа епоеаја Никола Киров - Мајски. Во драмата тој ги вградува познатиот Крушевски манифест чиј автор е, и стихотворбата "Илинден" чии стихови претставуваат отворен и бескомпромисен повик за сенародно востание. И Васил Иљоски во драмскиот текст во два дела "Окрвавен камен" го пресоздава епското платно на овој величествен чин и резултат на македонскиот непокор. Димитар Молеров со драмата "Ајдучка полјана", во која главен настан е грабнувањето на Мис Стон и подготовката на вооруженото востание, не е само најкомплексниот, туку по наше мислење и естетски најуверливиот драмски документ од овој период.

Во тој круг од теми и мотиви треба да се одбележат и "Македонски борци" со посвета на илинденските борци од Јордан Фурнаџиски и драмите на Никола Христов - Дренков.

Македонската публицистика во годините меѓу двете светски војни ја заора најдлабоката бразда во осмислување и аргументација на македонската национална мисла и прашање, вели д-р Тоциновски. Во нејзините челни редови се Васил Ивановски, Ангел Динев, ги споменуваме двата тома на неговата книга за "Илинденската епоеја", Коста Веселинов, Антон Попов, Кирил Николов, Митко Зафировски и други.

Илинденското востание не е само знак на идентификација на Македонецот и на Македонија, туку и на севкупната македонска книжевна продукција во дваесеттиот век. Еден од нејзините протагонисти, Димо Хаџи Димов, во трудот "Илинденското востание" и поуките од него за сегашните македонски револуционери од 1922 година, децидно кажува дека Илинден е дел од секој Македонец, во него се вградени сенародните идеали и копнежи и видовито предвестува дека ќе дојде и вториот Илинден кој конечно ќе ги донесе слободата, самостојноста и поубавата иднина на Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"