есетина дена пред јубилејната
стогодишнина од Илинден, Организацијата "Обединети Македонци" во Канада и
Македонската заедница во Торонто на 20 јули 2003 го одбележаа роденденот на
Александар Македонски. Во присуство на поголем број претставници од
македонските организации и други поединци, беа положени венци и свежи букети
цвеќе пред споменикот на паднатите борци за слободата на Македонија, кој се
наоѓа во дворот на МПЦ "Св. Климент Охридски".
Свештеникот Илија Донев одржа молебен во чест на роденденот на Александар
Македонски и за добробит и благослов на Македонија. Поранешниот претседател
на ООМК, Драги Стојковски, во името на управата и претседателот Борис Мангов,
ги поздрави присутните со честитки по повод роденденот на најпознатиот
Македонец на сите времиња, Великиот Александар Македонски, кој се роди на 22
јули, 356 година пред Христа.
МАКЕДОНСКА ВЕЛИЧИНА
Стојковски подвлече дека "величината на Александровото значење и дело се
препознаваат во програмите на светските воени академии. И ден денес тие ги
изучуват совршените воени планови кои Александар ги извел, прво со неговиот
татко на Херонеја против здружените елински војски, а потоа сам против
Дариус и другите цареви во Азија. И во светски најпознатиот учебник за
Стратегија од авторите Минтзберг и Куин, Александровите стратешки победи над
многу побројните непријателски војски се користат како пример за воените и
бизнис стратези на ова време".
Потоа Стојковски ја прераскажа случката која се користи во учебниците за
стратегија, кога пред решавачката битка со Дариус, Александар побарал совет
од стар овчар кој најдобро ја познавал целата област каде што требало да се
изведе битката. Благодарејќи на советот од овчарот, Александар подготвил
совршен план со кој целосно ја уништил персиската војска. На крајот
Стојковски порача дека "иако значењето на Александар Македонски го прави
неговото име и дело сопственост на целиот свет, сепак ние Македонците, како
негови потомци, ја имаме најголемата одговорност да го одбележуваме редовно
неговиот роденден, и на тој начин да ја пренесуваме историјата на идните
наши поколенија."
ПОЧИТ И БЛАГОДАРНОСТ
Во името на Генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто,
присутните ги поздрави конзулот Петар Димовски. Тој, меѓу другото, зборуваше
за воениот гениј на Александар, но и за решеноста на денешните Македонци да
ја сочуваат својата држава.
Ристо Стефов меѓу другото рече дека Александар е роден во Пела, главниот
град на древна Македонија, и дека е син на Филип втори, кој е познат како
највеликиот крал во Европа. Понатаму Стефов потсети дека Александар е трет
по ред од кралевите кои под тоа име ја воделе Македонија, дека во негово
време македонските војници го нарекувале "Александар величествениот", а
името "Велики" го има добиено од Римјаните кои неуспешно се обидувале да ги
достигнат неговите успеси. "Тој стана крал на дваесетгодишна возраст, и во
кратко време од 13 години Александар постигна повеќе од кој и да е генерал
пред или по него. Тој постигна легендарен статус благодарејќи на победите во
сите битки кои ги водел, секогаш верувајќи во верноста на македонската
војска да му донесе победа".
Стефов го заврши своето обраќање со зборовите дека најголемото наследство
оставено од Александар е дека тој ја направи Македонија велика и
највеличествената империја на сите времиња.
Џими Шарковски, претседателот на МПЦО "Св. Климент Охридски" ги потсети
присутните дека величината на Александар е и во тоа што не ги уништувал
културите кои ги покорувал, туку ги вклучувал во големата Македонска
империја.
На крајот пред присутните зборуваше Стив Плијакас, единствениот Македонец
во Канада и еден од ретките во светот кој бил по трагите на Александар
Македонски, посетувајќи ги Ханзите. Плијакас апелираше до присутните да ја
шират вистината дека во Пакистан има потомци од Александар и древните
Македонци и дека треба да воспоставиме врски со нив.