Најпрво би сакал да
кажам дека антологијата за која станува збор ја подготвив уште минатата
година, воден од мислата дека во текот на оваа јубилејна 2003 година кога се
празнува 100 години од славното Илинденско востание ваква книга ќе & биде од
интерес на нашата читателска публика. Го имав предвид и фактот дека повеќе
од 30 години кај нас нема ниту антологија ниту избор од она што народниот
поет го создал за славното Илинденско востание и за целиот оној период од
околу дваесетина години што се врзуваат за него, а тоа се десетината години
пред востанието, значи од создавањето на македонската ослободителна
организација и десетината години подоцна кога, исто така, продолжија
ослободителните борби на македонскиот народ за своја слобода и за формирање
на своја национална држава. Но, ракописот што го понудив за објавување на
конкурсот што го распиша Министерството за култура не беше прифатен за
финансирање. Од кои причини мене не ми е јасно, ниту пак Министерството има
обврска тоа да го објаснува. Се разбира, секој автор мисли дека неговата
книга е најзначајна, или дека треба да има приоритет, што се разбира е
субјективно гледање на работите, но јас ќе најдев оправдание за постапката
на Министерството ако беше прифатена за објавување некоја друга книга со
слична содржина, меѓутоа таква книга во списокот на одобрените книги не
видов. А како што веќе споменав, ваква антологија не е објавена во
изминатите три децении. Но сепак, неодамна се најде еден издавач "Алфа - 94"
кој се согласи на свој трошок да ја објави книгата како свој придонес кон
одбележувањето на големиот јубилеј. Јас, се разбира, се откажав од
авторскиот хонорар, бројот на песните го сведов скоро на половина, со
единствена цел книгата да види бел ден. Зашто, оние што гинеле во виорот на
Илинденските настани заслужиле барем нивните имиња да се споменуваат што
почесто.
Што се однесува пак до вториот дел од прашањето можам да речам дека во
македонското народно творештво нашло место сето она што го привлекувало
вниманието на народот, односно на народниот пејач. Така, во народното
творештво свое место нашле сите тие неправди што му биле правени на
македонскиот народ особено во годините на ропство, сите тие маки, страдања,
катаклизми итн. Тоа се однесува и за сите години на турското владеење,
јуначките подвизи, отпорот и страдањата на ајдутите, особено во годините на
засилен вооружен отпор, како што се годините непосредно пред и по Илинден,
тоа се однесува и на годините на двете Балкански и Првата светска војна,
потоа на Народноослободителната борба итн. Значи, сето она позначајно што се
случувало во животот на македонскиот народ нашло место и во неговото народно
творештво.
СОЗДАВАЧИ
МС: Зошто овие песни се наречени и даскалски песни и дали се познати
авторите на некои од нив?
КИТЕВСКИ: Затоа што нивни создавачи најчесто биле лица од редовите на
учителите. Кирил Пенушлиски пишувајќи за овие песни во една прилика истакна
дека "нашиот народ бил во право кога револуционерните песни ги именувал како
'даскалски' песни, секако поради нивната 'ученост', односно нивната
литературна подлога (изразена во стилот и јазикот на овие песни, пред се)
како и поради нивната разлика од дотогашните борбени песни, разлика што
народот секако ја чувствувал и согледувал".
Важно е да се истакне дека за прв пат циклус вакви песни среќаваме во
зборникот на Панчо Михајлов објавен во Софија во 1924 година со помош на
Штипското благотворно братство во Софија. И во предговорот на М. Арнаудов и
во белешката на собирачот П. Михајлов овој факт е посебно нагласен. Но, е
нагласено и книжевното влијание во овие песни. Имаме податоци дека учителите
имале задача да создаваат песни за одредени настани и личности. Да споменеме
едно сведоштво на австрискиот конзул во Битола, Август Крал, кој во
извештајот од септември 1903 година запишал дека "...востаничките чети се
прилично горди и држат секако до тоа гласот за нивните дела да биде запазен
за потомството. Многу настани се величаат во песни, народот ги воспева и за
тоа особено се грижат учителите што учествуваат во востанието". И
американскиот публицист Алберт Сониксен, кој неколку години бил во редовите
на нашите востаници и изворно пишувал за нивниот живот и нивните подвизи во
книгата "Исповеди на еден македонски четник" пишува дека како и секој друг
народ и Македонците "ги запишуваат големите настани на својот живот во
народните песни, а оној кој ги сочинува тие песни е сигурно некој непознат
селски учител". Поради кусиот период меѓу настанувањето и запишувањето на
овие песни тие не минале низ филтерот на народот, не ги претрпеле нужните
преправки неминовни во процесот на фолклоризацијата и поради тоа книжевното
влијание во нив е очигледно.
Од преостанатите сведоштва за народните песни може да се види дека на
некои песни од овој период им се познати авторите на текстовите. Така, на
пример, Никола Киров - Мајски е автор на песната за борбата во село
Ракитница и за загинувањето на војводата Веле Марков, потоа Христо Силјанов
се смета за автор на песната "Смртта на војводите Лазар Москов, Типо Ципулев
и Кољо Рошајков", Арсени Јовков е автор на една песна за војводата Парашкев
Цветков, автор на песната за војводата Ѓорѓи Ацев е Димитар Брдаров од
Прилеп, песната за загинувањето на војводата Тома Давидов, којашто е
настаната веднаш по настанот и којашто на времето била многу популарна во
Битолскиот вилает, е создадена од Никола Андреев, попознат под псевдонимот
Алан Беј, од село Мокрени, Костурско, автор на една песна за Гоце Делчев е
писарот во четата на Делчев, браќата Молерови се автори на некои песни итн.
МС: И меѓу овие песни среќаваме такви што се создадени според принципот
на адаптација и актуелизација. За што всушност станува збор?
КИТЕВСКИ: Станува збор за една појава позната во народното творештво,
а тоа е познати постари песни да се користат за создавање на нови песни
откако ќе се поврзат со актуелни настани или личности. Така, на пример,
повеќе љубовни или печалбарски песни биле искористени за создавање
револуционерни песни. Мотивот заминување на печалба, да речеме, бил погоден
за создавање нови песни со мотивот излегување комита, песните со мотивот
болест или смрт на печалбарот, исто така, биле искористени за опевање на
ваква состојба кај комитите, мотивот за ранувањето или загинувањето на
јунакот од постарите ајдутски песни, исто така, бил искористен за опевање на
ранување или загинувањето на многу востаници од илинденскиот период, многу
мотиви и од јуначките песни за Марко Крале и другите епски јунаци, исто така
биле искористени во овие песни итн. Овие мотиви, пак, подоцна биле
искористени и за создавање нови песни за настаните и личностите од НОБ.
Мотивите излегување комита, ранување, загинување, саможртва итн. во песните
за НОБ биле поврзани со нови ликови, настани и сл. Но, тоа во никој случај
не значи дека сите песни се настанати врз овој принцип.
Треба да се одбележи дека при создавањето на македонските револуционерни
народни песни влијание извршиле и фолклорни или литературни творби на
соседните народи, да речеме мотиви од некои српски јуначки или ајдутски
песни, или од литературното творештво на некои бугарски поети како што се:
Вазов, Ботев, Јаворов и др. Притоа треба да се има предвид дека меѓу
македонските востаници имало и повеќемина Бугари некои дури и истакнати
војводи како Марко Лерински, Петар Јуруков, Тодор Паница, Лука Иванов и
други, а и повеќемина од Македонците своето образование го стекнале во
Бугарија. Но, посебно треба да се истакне фактот дека нашиот народ, односно
нашиот народен пејач од овие фолклорни или книжевни влијанија на другите
народи го прифаќал само она што можел да го сведе под своја јазична норма и
што одговарало на неговата национална идеологија.
САМОЖРТВА
МС: Колку овие песни им значеле на востаниците, колку му значеле на
народот?
КИТЕВСКИ: Многу им значеле и на востаниците и на народот. Имаме
сведоштва дека востаниците пееле и во текот на борбата. Ангел Динев, на
пример, во своето дело "Илинденска епопеја" сведочи дека востаниците некогаш
пееле и додека војувале. Христо Силјанов, пак, забележал дека војводата
Спиро Петров загинал пеејќи: "Спиро беше голем песнопоец. Пееше и за време
на борбата, додека еден куршум не му ги прекрати и песната и животот". Не е
без значење и податокот што го забележал Арсениј Јовков дека по Илинденското
востание кога луѓето се враќале во изгорените села играле и пееле врз
пепелта на изгорените куќи: "И не само што не го оплакуваа, туку на тие
пеплишта во селото Цер (Демирхисарско) жени виеја ора и ги пееја првите
песни на македонскиот револуционерен епос". Панчо Михајлов, запишувачот на
песната "Пиперката во Прибилци", сведочи дека оваа песна се пеела три дена
по Илинденското востание, што значи по настанот, што е многу важен податок
токму од тој аспект колку на народот му значело еден настан да биде опеан во
песните. Исто така, познато е дека споменатата песна на Н. К. Мајски за
загинувањето на Веле Марков во село Ракитница, два месеца по настанот, била
многу популарна во овој регион. Како што сведочи во своите сеќавања
директорот на битолската гимназија, следниот ден по борбата во село Могила
кога загинале професорот по музика Парашкев Цветков, дедо Андреја од село
Мало Црско и повеќемина други востаници, учениците ја пееле песната за
својот професор. "Една тажна новосоставена песна за него којашто ја пееја
учениците за времето на одморите меѓу часовите беше единствената мелодија
којашто се слушаше во гимназијата". Тоа пак од друга страна зборува за
фактот дека народот ја создавал песната за своите потреби. Но, дека пеењето
револуционерни песни во тоа време не било така безопасна работа сведочи и
споменатиот американски публицист А. Сониксен кој во споменатата книга
пишува: "Јас го чув името Месимер и низ умот ми помина најубавата и
најсаканата народна песна. Мнозина од момчињата наши од Воден лежеле в
затвор, зашто ја свиреле со уста низ улиците". Тој натаму сведочи дека во
вакви случаи децата минувале и со помали казни "тие можат да бидат искарани
или удрени во најлошиот случај, но Господ да му е на помош на возрасниот кој
ќе биде слушнат дури само да ги потсвирнува".
МС: Колку време се создавани овие песни и кој период го опеваат?
КИТЕВСКИ: Револуционерните песни за Илинден се создавани во период
подолг од еден век, што значи дека овие песни опеваат еден континуиран
интерес на македонскиот народ за востанието и сето она што го следело
ослободителното движење. Овие песни опеваат настани и личности од
започнувањето на организираната борба за слобода, односно од основањето на
револуционерната организација. Во годините пред востанието опеан е тешкиот
живот на народот, масовните убиства, силувања, палења на цели села итн. Во
еден запис од времето на доаѓањето на османлиите на овие простори се вели
дека се случиле такви страдања на народот што живите им завидувале на
мртвите. Од вакви страдања македонскиот народ не бил поштеден и во
илинденскиот период. А сето тоа се случувало пред очите на културна Европа
која не покажувала ама баш никакво сочувство со страдањата на нашиот народ.
Затоа нашиот народ во песните ја нарекол блудница Вавилонска, и ја проколнал:
"Проклета и триж клета да си ти Европо, блуднице вавилонска". Поради тоа
вооружениот отпор се наметнувал како логична последица на ваквата состојба.
Од овој период се опеани повеќе афери, кога се фатени, мачени или
погубени многу луѓе меѓу кои и некои познати војводи. Така, една песна пее
за фаќањето на Дончо Штипјанчето, курирот на организацијата, кому во вреќите
со ориз во близината на црквата "Света Недела" во Битола му нашле бомби, но
во истрагата тој ништо не признал и никого не кажал поради што станал пример
за верност кон револуционерната организација. Оваа песна пее и за Виничката
афера кога мноштво народ бил жестоко малтретиран и кога Јосиф Даскалот ја
презел врз себе целата одговорност, ја опева аферата во Кадино Село кога за
да не паднат во рацете на непријателот се самоубиле Методија Патче и
неговите соборци, пее за Ракитничката афера кога загинал војводата Веле
Марков, пее за настанот во Арбиново (Охридско) кога на војводата Дејан
Димитров на помош му дошле жителите на околните села, поради што наредните
денови над сто и педесет луѓе од Горна и Средна Дебарца биле осудени на по
101 година и испратени во злогласните затвори на Диар Беќир. Од
предилинденските настани овие песни ги опеваат и солунските гемиџии и
големите судири меѓу четите и војската и загинувањето на многумина истакнати
членови на организацијата како што се Диме Абдураманов, Дедо Андреја и
Парашкев Цветков, (Бугарин по народност, популарен професор по музика во
Битолската гимназија и истакнат војвода), потоа Лазар Дамбенаро, Георги
Иванов Георгиев, познат како Марко Лерински, (исто така, по народност
Бугарин, легендарен војвода во Леринско), го опева загинувањето на Максим
Ненов, Миле Попјорданов и многу други. Но, од овие предилинденски настани,
оваа песна со посебно внимание го опева загинувањето на Гоце Делчев, секако
најопеаната личност во овие песни. Од настаните поврзани со самото востание
песната го опева одушевувањето од првите победи, создавањето на Крушевската
Република, но и нејзиниот трагичен крај, жестокоста на турската војска кон
востаниците, но и кон мирното население не само од Крушево, туку и од многу
други места. Оваа песна ги опева и големите борби во текот на востанието
како онаа на Мечкин Камен и загинувањето на легендарниот војвода Питу Гули,
потоа загинувањето на Јордан Пиперката, исто така во самиот разгор на
востанието, страдањата на населението во збегот кај Рашанец итн. Од
поилинденските настани песната ги опева пак тешкиот живот на народот,
продолжениот отпор, загинувањето на низа истакнати водачи како Никола Карев,
Даме Груев, Христо Узунов, Александар Турунџев, Иван Аљабакот, Ѓорѓи Ацев,
Леонид Јанков, Ставре војвода, Ѓурчин Наумов - Пљакот, Апостол Петков, Ѓорѓи
Сугарев, Лазар Поптрајков, Васил Чакалоров и многу други. Една песна ја
опева и епопејата на Ножот како пример за колективна саможртва итн.
Овие песни го опеваат и името Македонија како нешто најсвето. Во долгите
векови на ропство македонскиот народ го имал ова име како најголемо, ако не
и како единствено богатство, кон него изградил еден, би рекле, религиозен
однос, со него македонскиот народ се идентификувал, за него умирал. Затоа за
тоа име се гинело, тоа име се споменувало и во претсмртниот занес: "Јас
умирам за слобода, за слобода на Македонија". Дури и смртта на јунакот е
опена како женидба "за црна земја робинка, за жална Македонија".
Песната со посебно внимание го опева и знамето или бајракот, редовно со
пораката "Слобода или смрт", а стихот "Јунак падна, бајракот не падна" што
често се среќава во борбените песни, зборува за континуитетот на
револуционерната мисла и за незгаснатата желба за слобода кај многу
македонски генерации. Македонската револуционерна народна песна пее и за
заклетвата дадена кон револуционерната организација, ја опева и саможртвата
како последна можност животот да & се подари на татковината, пее и за
клетвата упатена кон предавниците итн.
Но, треба посебно да се истакне дека, иако овие песни го опеваат
Илинденското востание коешто беше крваво задушено, иако ја опеваат пропаста
на Крушевската Република, иако пеат за многу човечки и материјални загуби,
тие во себе не содржат песимизам. Напротив, тие пеат само за пораз на
војнички план, а за победа на духовен план, затоа што отпорот и натаму
продолжува, загинатите востаници ги заменуваат нови и помлади и посилни. Во
песната за борбата во село Ракитница, загинатиот Веле Марков од гробот &
порачува на гората: "...довечер чекај на гости,/ други војвода, комита,/
многу појунак од мене,/ со неговиот бајрактар, /многу пославен од мојот,/ и
ќе им чуеш песната: Слобода или смрт јуначка". Или, во друга песна пилето ја
теши бабата што си го оплакува својот син: "...ќе настанат рожбите му,/ па
ќе газат трагите му,/ па ќе носат бомбите му,/ па ќе носат пушката му,/ па
ќе носат сабјата му", како еден впечатлив оптимизам, како едно визионерско
гледање во иднината.
Така овие песни опеваат најразлични ситуации од животот на македонскиот
народ. Поради тоа можеме да речеме дека додека историската наука со свои
методи и средства, врз основа на историските извори, ја пишува историјата на
еден народ, фолклорот ја прикажува неговата душевна историја. Така и
македонскиот фолклор, како поетскиот така и прозниот, ја претставува
душевната историја на македонскиот народ.
Додека историјата ги опишува и толкува настаните народната песна е
сведоштво духот на македонскиот народ, за неговите расположенија, страдања,
за неговите желби, очекувања, но и за неговиот однос кон историските настани: