то години искушенија, сто години
предрасуди, сто години предизвици, рани непреболени, маки, страдања,
удолнини, трње, камења околу вратот на секој Македонец, сто години одење по
калта, под жешкото сонце, низ снежните балкански виулици. Сто години
недоумици, премрежја, солзи, парчења, делења, раздвојувања, откраднувања,
сто години негација од секој и секого. Но, истовремено и сто години
достоинство, гордост што си Македонец, сто години на пиедесталот.
Сто години Илинден. Има ли поголемо чувство да живееме во овие генерации
кога се прославува најголемиот јубилеј на македонството? Има ли поголемо
растреперување на душата од годинешниот стогодишен Илинден, од солзите
радосници кои ќе потечат на 2 август на Мечкин Камен, на "Св. Прохор Пчински",
на гробот на Гоцета, во Кукуш, Лерин, Пирин, во Мала Преспа?
ВОЗВИШЕНОСТ
Секој граѓанин на оваа држава не може да остане рамнодушен и невозвишен
од настанот кој се случува еднаш во историјата на вековната земја.
Изразениот стремеж на Македонците во време на Илинденското востание да се
здобијат со слобода, покажаниот беспримерен хероизам во текот на востанието,
неопишаните масакри на османската солдатеска над незаштитеното население,
предизвика силен бран на симпатии и солидарност сред меѓународната јавност.
Епохалната борба на Македонците во време на востанието наиде на широк
публицитет во печатот. Преку печатот се рашири интересот сред меѓународната
јавност за македонскиот Илинден. Сето тоа придонесе во меѓународната јавност
да се појави цело едно движење во корист на Македонците, таканареченото
промакедонско или филимакедонско движење. Ова движење се ангажира во полза
на македонските работи, преку најразлични промакедонски манифестации во
повеќе земји на Европа и Америка. Илинденската слободарска традиција се
вклопи во континуитетот на македонската народноослободителна борба. Не се
само овие сто години во прашање. На многумина им паѓа в очи терминот "сто
години македонска државност" онака како што официјалните македонски
институции го претставуваат големиот јубилеј на македонскиот народ.
Историјата на Македонија денес побудува голем интерес во светот, не само
поради современите политички случувања што се одиграа во последно време на
Балканот, туку пред се поради значајните личности што оваа земја ги има
дадено како прилог во целокупната човекова цивилизација. Да се потсетиме
само на славниот цар Александар Велики Македонски (синот на царот Филип
Втори Македонски), да се потсетиме и на славната египетска кралица Клеопатра
која, по крв и по гени, била Македонка. Христијанството во Европа за првпат
почнало да се шири токму преку Македонија. Македонија и Македонците
повеќепати се спомнати во Библијата, првите европски христијани што се
христијанизирале во Европа биле токму Македонци. Македонија на светот му ги
даде и светите браќа Кирил и Методиј кои го создале првото писмо на
словенските народи. Македонија го роди и свети Климент Охридски, човекот за
кој се смета дека ја создал кирилицата - писмо на кое денес пишуваат Русите,
Украинците, Србите, Бугарите, Црногорците и припадници на други народи. Во
Македонија и денес живее народ, чии припадници отсекогаш себеси се
нарекуваат Македонци и кои од дамнина живеат во оваа земја. Соседите секогаш
не оспорувале и негирале, а и натаму тоа ќе го прават без компромис, без
толеранција и без почитување на разликите и засебностите што ги поседуваме.
Зошто е тоа секогаш така? Од 1991 година, па наваму, од светиот трет Илинден
Македонците, за првпат, ја добија можноста слободно да ја претставуваат пред
светската јавност вистината за сопствените корени и за првпат се слободни
самите да проговорат за историската димензија на своето постоење и
битисување на овие простори. Сведоци сме дека моќни надворешни фактори
повторно по којзнае кој пат го засилија пропагандното дејствување за
негирање на историскиот континуитет на создавањето на македонската нација и
за отворено присвојување на македонската национална историја и култура, со
перфидно тврдење дека станува збор за заедничко историско минато. Со
оспорувањето на историскиот континуитет на македонската нација, на
македонското национално историско минато, свесно или несвесно, се доведува
во прашање основаноста и оправданоста од постоењето на Република Македонија
како македонска национална држава што доведува до развој на тенденции за
нејзино редефинирање, со радикално менување на Уставот.
Традицијата не е материјална вредност што може да преживее одвоена од
човечноста. Традицијата може да преживее само преку човечката способност да
се биде имун на туѓите влијанија. Сите ние живееме во време како и пред две
илјади години кога Македонците го повикаа Апостол Павле да дојде и да им
помогне. "Македонија за да се спаси себеси треба да го спаси светот" - така
порача Апостол Павле во времето свое.
ПАТОКАЗ ВО ИДНИНАТА
Велат историјата неколкупати ќе се повтори во различни епохи, во различни
еволутивни и општествено-политички системи на уредување на една држава, на
еден народ. Да. Тоа нам, како народ и како земја, многупати досега ни се
преповторило како лоша епизода од нашата историја. Но, поуката и
наравоучението од претходните страдања и голготи се уште не сме ги спознале
и научиле, а од нив треба да се раководиме во иднината која допрва не
очекува. А таа како и досега ќе биде многу неизвесна, ризична и
непредвидлива, исполнета со предизвици и негирања како и досегашните.
Стогодишнината од Илинден нека биде пресвртница во нашата свест и
самоспознавање, пресвртница во нашата идеологија која досега се покажа дека
е сосема погрешна и непредвидлива по нашето постоење и опстојување.
Македонија има своја богата многувековна историја, како ретко која земја на
овие балкански простори. Многувековниот непокор ја прави оваа земја горда на
својата историја, бидејќи и покрај се до ден денес опстана во срцето на
Балканот. Овој краток пресек на историските премрежја на Македонија,
најдобро говори за волјата и силата кај македонскиот народ да се зачува
сопствениот идентитет и сопствената земја, но и оној основен квалитет со кој
таа се идентификува од самиот почеток, Македонија, земја, на сите оние кои
знаат и сакаат да живеат заедно во неа.
Македонија и Македонците немаат вина затоа што се Македонци, а нивната
држава Македонија. Напротив ,тоа е нашето достоинство и гордост, преку
идентитетот светот ќе не спознае и ќе не разликува од другите. Ниту пак
поради тоа треба да бараат признавање и прифаќање на нешто што ќе ја менува
историската реалност и правното наследство што им припаѓа со генерации и
илјадници години. Неодминлива е констатацијата дека најтрагична судбина во
Европа имаат токму Македонците низ целата нивна повеќевековна историја. Тоа
знаеле да го забележат и најистакнатите светски историчари и историски
институти. Ние како Македонци не можеме да живееме со минатото, меѓутоа
народ без минато нема своја иднина.
"Држава без историја, историјата не ја памети" - ќе речат историските
умови. Според досегашните анализи, може да се констатира дека главни фактори
за тешката историја на македонскиот народ се геополитичката и геостратешката
положба на просторот како и судирот на интересите на соседните земји и
нивната перманентна желба за "големи држави" на мал простор, секогаш на
штета на Македонија. Ниту на еден народ неговата лична и историска судбина
не била толку силно детерминирана од положбата на просторот на којшто живее,
како што е тоа со народот на Македонија. Македонскиот простор секогаш
најмногу се утврдувал и последен се напуштал кога пропаста на империјалните
сили била неизбежна. Македонија често пати претставувала последниот
одбранбен бастион на големите империи во времето на залезот на нивната моќ.
Светот треба да спознае дека државата Македонија не е само сопственост и
придобивка на Македонците во Македонија, туку културно и историско
наследство на сите Македонци од сите делови на Македонија во целиот свет,
феникс на македонскиот непокор, сведоштво на илјадниците гробови на знајни и
незнајни херои кои загинале и ги положиле своите животи за своето македонско
име, за својот македонски јазик, за својата култура, црква. Светот треба да
спознае дека Македонија не е само географски термин. Таа е татковина на
македонскиот народ, таа е татковина на Македонците, лулка на европската и
светската цивилизација. За да може светот и глобалното општество да ги научи
и спознае сите овие елементи треба самите ние како потомци на Александровото
време, како потомци на Самоила, како наследници на илинденската епопеја да
се потрудиме на најавтентичен начин да му ги покажеме на секој народ, пред
се на големите сили во изворниот облик онака како што историјата ги
развивала фактите и аргументите. А доказите секогаш биле и се на нашата
страна. Ни треба само силината на духот, искреноста и чистината на душата за
да си го направиме идното време подобро и подостоинствено од вчерашното.
Историјата може да ја промени само силата на новите сили онака како што им
налагаат сопствените државни и светски интереси. Тоа го чинат со нас,
Македонците и Македонија. Да не дозволиме да успеат во тоа. Ако во овие
изминати сто години, ако во овој век што е зад нас полн со негирања,
омаловажувања и деградирања на македонскиот дух, не успеаја да стигнат до
зацртаните фашизоидни платформи, тогаш нема да успеат и во наредните сто
лета. Сплотеноста и единството на Македонците е потребна повеќе од кога и да
е. Нашата судбина е во нашите раце. Од нас зависи нашето минато, а преку
минатото и нашата иднина. Патоказот како во иднината, нека биде овој Илинден.
Од него како симболика нека потечат новите идеи за развојот на македонството,
но пред се за негов спас и опстанок, бидејќи повторно по којзнае кој пат е
доведено до амбисот. Македонскиот непокор се уште трае.