КОМЕНТАР

Сито и Решето

ИЛИНДЕН

...1903...1944...1991...2003...

Од Редакцијата

Илинденското востание, кренато на ден Свети Илија - "Громовникот", во 1903 година, е еден од најзначајните датуми од историјата на македонскиот народ, бидејќи Илинденците (комитите) покажаа колку е силна свеста кај Македонците за ослободување од повеќегодишната тиранија. Востанието не успеа, но сепак тоа остави голема трага во македонската историја, бидејќи самоорганизирноста и сите белези од државноста на Крушевската Република покажаа колку македонскиот народ е подготвен самиот да си ја одбере судбината.

Затоа 100 годишнината од Илинденското востание со себе носи голема одговорност, традиција, но и завет да се почитува смртта на загинатите револуционери кои славно ја одбележаа нашата маченичка и крвава историја.

И тогаш и сега овој јубилеј, оваа славна епопеја, беше будно следена од македонската, но и од светската јавност, бидејќи преку грбот на Македонија и на македонскиот народ се препукуваа, се пазареа големите моќници и балканските соседи: Бугарија, Србија и Грција. Затоа Востанието не успеа, но докажа дека можеме самите да се избориме за слободата на македонскиот народ, а притоа да не бараме помош од лажните душегрижници. Тие постојано ни сметале во нашиот историски природен развој, но и успевале да придобијат лажни Македонци, лажни "револуционери" кои се мешале во внатрешните работи. Затоа македонската историја е крвава и недоречена.

РИЗНИЦА ОД ХЕРОИ

За остварување на вековните идеали својот живот го дадоа: Гоце Делчев, Никола Карев, Питу Гули, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Даме Груев и други. Македонската ризница е богата со херои. Тие се доволен факт, аргумент дека Македонија е богата со вакви синови чиј живот бил однапред предодреден. Тие немале време за размислување. Тие дале завет за Македонија. Слобода или смрт!

Илинденците знаеле што е ропство и тиранија, бидејќи плачот и лелекот предизвикан од отоманскиот камшик кај македонскиот поробен народ бил длабоко врежан во умот. Затоа се организирале во револуционерната организација (ТМОРО) која подоцна ја извалкаа бугарофилите и странските агитатори. Токму тие го затемнија почетничкиот успех на Илинденското востание кое успеја да ја создаде Крушевската Република. Тоа беше македонска држава, значаен белег, историски документ, во кој македонскиот народ беше темел на уставноста и интегративен елемент со другите граѓани што живееја во околината на Крушево.

Крушевската Република и Илинденското востание во 1903 година донесоа емотивна и ослободувачка енергија кај Македонците, но за жал вековниот сон дури подоцна се оствари.

МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВНОСТ

"Илинденскиот епитаф" е сериозен историски факт за национална борба за ослободување на поробениот македонски народ од Отоманската империја. Но, државноста на македонскиот народ не започнува оттука, од овој мошне важен историски момент.

Македонската историја е цивилизациска и ендемична придобивка, без разлика колку и да сакаат денешните политичари да ја избришат славната историја и класично да ја припојат кон годишнината.

Тоа секогаш се прави со една цел да се намали тежината на датумот, но и да се легне во скутот на непријателот кој сега ги диктира општествените и економските процеси во Република Македонија.

Нашата државност, уставотворноста на македонскиот народ започнува пред нашата ера. Филип ИИ е првиот цар, односно моќен император кој така убедливо ја организирал и ја систематизирал "уставната повелба" на Македонија. Македонците не си играле држава додека грчките "полиси", "градови - државички" се обидувале да создадат организирано општество. Филип бил моќен и умен владетел, дипломат. Создал силна војска (фаланга), учители, даноци, но и театри.

Се ова било дел од едно моќно македонско општество кое трајно е врежано во свеста кај македонскиот народ. Успесите на Алаксандар Македонски укажуваат дека македонската империја, царството не била замислена именка, туку поим како се владее, но и почитува својот народ кој има култура, јазик и писменост. Затоа овој историски белег е трн во око на Грците, Бугарите и на преостанатите душегрижници кои сакаат однадвор, но и од внатре да го симнат и збришат од историјата. Тие сакаат Александар, македонската државност, да биде нивна и се чија, само не на Македонците. Зошто? Се плашат, бидејќи ако еднаш ја признаат вистината тогаш тие ќе бидат помали од маковото зрно.

Меѓутоа, македонскиот народ памети и други славни личности од својата многувековна и цивилизациска историја. По патеките на Филип ИИ и Александар, се пројавал и цар Самоил чија рака од Босфорот се чувствувала до Дубровник на западот. По тие славни макадамски патишта оделе и филозофи, лекари, даночници и учители.

Најголемите учители на овој простор и пошироко Кирил и Методиј, а подоцна и свети Климент и Наум Охридски описмениле други народи кои многу подоцна се изградиле како нација и држава. Затоа, не треба да се срамиме, или да се обидуваме да ја избришеме нашата историја и државноста. Таа е таква каква што е, црна и крвава.

За неа пишувале многу, но ја препишувале и копирале. Меѓутоа, сепак ќе остане македонска и ничија, освен на македонскиот народ. Тој секогаш ќе го памети Илинденското востание. Ќе го памети и значењето на АСНОМ чие обележје сакаат да го осквернават и да го фрлат на буниште.

Чуму се прават вакви работи, се прашуваме често? Затоа што мислат оти можат да ни напакостат, да не присвојат и да не поробат. Но, тоа нема да им успее. Доволно сме (само)свесни за нашата државност која конечно во 1991 година се оствари. Вековниот сон на Илинденците стана реалност и тој се живее. Само што и натаму мораме да бидеме "будни", бидејќи пакости ќе има и натаму. Непријателот на македонскиот народ не спие. Тој се уште живее и се рани со старите сништа. Ако му се дозволи да се храни тој ќе прерасне во сериозен проблем кој директно ќе влијае врз македонскиот народ и неговото опстојување на Балканот. Затоа државноста мора да се брани на секој чекор, но и со аргументи. Но, фала му на Господа такви ги имаме безброј. Доволно е само да ги извадиме историските пусулчиња на маса и тогаш на "душегрижниците" ќе им ја затнеме устата.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"