ајквалитетното фудбалско
натпреварување, Лигата на шампионите, за македонскиот шампион почна, може да
се каже, доста успешно. Македонскиот првак успеа во првиот натпревар да го
победи велшкиот првак Бери Таун со убедливи 3:0.
Оваа победа, треба да се истакне, претставува најубедлива победа што ја
остварил еден македонски претставник во ова еминентно натпреварување.
ИГРА
Она што уште повеќе ги израдува љубителите на фудбалот во Македонија и
сите оние кои се желни да видат една македонска екипа што подалеку во
европските натпреварувања е играта што ја прикажа македонскиот шампион.
Имено, треба да се истакна дека на некој начин видовме едно ново лице на
една македонска екипа кога станува збор за европските натпреварувања.
Екипата на Вардар играше отворено имајќи ја контролата на сите линии и на
секој дел од теренот. Резултатот се градеше постепено и беше производ на
една колективна игра од страна на сите играчи кои учествуваа и кои истрчаа
на теренот. Токму таква игра треба да прикажуваат сите македонски екипи без
разлика на нивниот противник.
Новиот вардаров стратег, Зоран Стратев, успеал да создаде екипа која
функционира одлично на секоја линија, која игра до крајот на натпреварот
која (барем на овој натпревар) точно знаеше што сака. Секако тука треба да
се спомене и играта на новиот вардаровец, бразилецот Вандаир, кој мора да се
истакне покажа дека Вардар направил одличен пазар со тоа што го купи овој
играч.
Реваншот на натпреварот е во Велс и сите најавуваат дека и таму ќе се оди
на победа, односно никој не ни помислува дека во Велс може да се случи некое
непријатно изненадување затоа што по играта прикажана на првиот натпревар се
виде дека Вардар е далеку поквалитетна екипа.
ЦСКА МОСКВА
Доколку се мине оваа пречка во ова прво претквалификациско коло, тогаш
следен противник на Вардар ќе биде еден доста тежок и доста атрактивен
противник како што е рускиот шампион ЦСКА од Москква. Тоа ќе биде дуел "да
се биде или не", затоа што Вардар ќе може да провери до каде се неговите
вистински можности и до каде може да оди оваа година во европските купови.
Дури и спортскиот директор на ЦСКА кој присуствуваше на првиот натпревар
изјави дека ЦСКА ќе се подготви да го пречека тимот на Вардар кој, според
него, е доста квалитетен и заслужено ќе го мине првото коло и ќе се пласира
понатаму во Лигата на шампионите.
Треба да се истакне дека евентуалниот противник на Вардар во второто
елиминациско коло во Лигата на шампионите е со најслаб рејтинг од сите можни
противници кои можеше да ги добие. Токму во тоа, како и во тоа што во
рускиот фудбал работите во последно време не се баш најсјајни, може да се
гледа нашата шанса да успееме и да се пласираме понатаму.
Само да потсетиме, со пласманот во третото коло ни се отвораат шансите не
само да добиеме противник од светски калибар, туку и да се бориме за прв пат
во нашата фудбалска историја за влез во една од групите во Лигата на
шампионите, односно онаму каде што се игра големиот, вистинскиот фудбал.
Исто така, влезот во третото коло може да значи и директен пласман во Купот
на УЕФА и тоа директно во првото коло. Тоа е таа утешна награда која може да
ја добијат шампионите од земјите кои испаднале во квалификациите за Лигата
на шампионите.
РАСТУРАЊЕ НА ТИМОТ
Но, за да се биде голем, да се игра меѓу најдобрите и најголемите, треба
исто така и да се трудиш да бидеш голем, барем во организацијата на клубот.
Тоа кај македонскиот шампион не е така. Имено, веднаш по првиот натпревар
некои од играчите на Вардар изразија незадоволство во однос на тоа дека
клубот се уште им должи неисплатени примања, а пак некои иако настапија на
првиот натпревар, сега, наједноставно кажано, избегаа. Имено, тие не се
појавија на тренингот и под лажен иозговор дека се зафатени сакаа да
направат трансфер во друг клуб. Тоа еден клуб како Вардар кој се стреми да
биде професионален не смее да си го дозволи. Треба да се казнат дисциплински
сите оние кои го прекршуваат професионалниот договор што го потпишале. Тука
голема улога треба да има и Фудбалската федерација која не смее да дава
исписници на фудбалери кои имаат професионален договор со своите клубови.
Како и да е, сите се надеваме на нов успех на Вардар и дека во најскороо
време ќе ја гледаме големата ЦСКА од Москва на Градскиот стадион во Скопје.