ИСТОРИЈА

Билет во еден правец": Истражувања од областа на националната историја на Македонија - кои и како ја режираа судбината за геноцидот над Македонците под Грција од 1945 до 1949 (7)

ТРГОВИЈА СО СУДБИНАТА НА ДЕТСКИТЕ ДУШИ

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА

  • Треба отворено да се каже, дека по ова акција (со децата), НОФ повеќе не претставуваше ништо. Со судбината на овие деца располагаше КПГ и ДАГ, како што беше и со нивните татковци и мајки.
  • Во случајот на македонското прашање, барањата не се истакнати пред Обединетите нации, туку во говорите на одделните влади или во органите на печатот контролирани од страна на владите.

Авторот на книгата "Билет во еден правец" го поставува прашањето дали Македонците ги водела некаква верба во сопственото револуционерно искуство и дали НОФ и АФЖ имале сознание за границите на можното, односно што всушност можел македонскиот народ да добие од Граѓанската војна, или несвесно ја прифатил лекомисленоста за таков голем исчекор. Веродостојните факти, посочени во книгата, говорат за некоректност и за непрофесионалност во водењето на политиката, а тоа го потврдуваат исходите на настаните.

Повикувањето на Сенароден Фронт, да претпоставиме дека беше повик за спас од кризата на нашиот македонски идентитет во Грција, а факт е дека македонскиот човек во 20 век беше по потрага по својот индетитет. Но таквата агресивна агитација на НОФ (потсилена од туѓинците), за жал стана матрица и нужно поведение кај широките македонски слоеви, кое се насочи кон: "Уништување на англоамериканските окупатори" и таквата насока на агитација, стана рак рана во македонскиот обичен селанец. Тука, ама баш тука го истроши и својот интелектуален ум и својот живот и си го отвори патот за прогонството. И така, НОФ, со својата ропска послушност и сега како и во 1946 година со неспласната еуфорија го презема водството во организиран мрачен поход и не доведе до најновите страдања. Треба отворено да се каже дека по ова акција (со децата), НОФ повеќе не претставуваше ништо. Со судбината на овие деца располагаше КПГ и ДАГ, како што беше и со нивните татковци и мајки, пишува Кочов.

ЧЕКОРИ

Кочов во книгата посветил внимание на чедособирството и на различните ставови помеѓу славофонските и грчкофоните села во Северна Грција, за оваа појава.

Извештајот на УНСЦОБ говореше за настроението на селаните во славофонските области и реони, дека воопшто, биле многу подготвени да им дозволат на своите деца да заминат, но никогаш официјално не се дозна колку од 25.000 - 28.000 деца припаѓаа на оваа славофонска група. Ова никаде не е одбележано, и најверојатно дека ова прашање изгледа се негирало сосема кај грчките извори. Грчката влада во Атина ја истакнуваше грчкоста кај сите овие деца, иако ова прашање е нешто кое помалку зачудува и кај комунистичката страна која уверено (цврсто зборува) за Елинопула (Грчиња), дури и по завршувањето на Граѓанската војна, е сторено многу за грчкото образование во комунистичките земји на овие деца. Извештајот на Црвениот Крст дава изобилие од информации за проблемот на спознавањето на децата, но не кажува ништо за некаква славофонска група. Но, многу јасно е дека сите деца кои иако зборуваа на славофонски јазик, беа претставувани како Грци според правната регулатива на евиденцијата и официјалното мислење. Но, во моето истражување ќе беше мног поинтересно да слушневме колку од децата беа славофони, пишува Кочов.

Во март 1949 година УНСЦОБ покренал петиции за децата кои од раководството на КПГ и ДАГ, биле вратени на бојното поле во единиците на ДАГ.

Во 1948 година кога ги собраа децата, најверојатно очекуваа дека војната ќе продолжи повеќе години и така многу од одземените деца ќе мораат да се вратат за да војуваат во Грција, потенцира Кочов.

Министерот Порфирогенис, како што пишува во "Билет во еден правец" повеќе личи на трговец со судбината на детските души, отколку на министер за правда во ПДВ, која раководеше со ДАГ, а во таа армија 60 проценти од воените ресурси беа македонски селани.

Неговата агитациона дрскост кон овие деца (дека ќе си ги видат родителите, убавите села, пријателите, слободната прадедова земја. . ." Но, за вашето враќање во татковината на никого ниту збор, ниту на тукашните, ниту на домашни, на никого, разбирате, бидејќи кој од вас ќе каже или напиши, тој е непријател на нашата борба") ја дава сликата на целокупната ситуација во која се најде македонското дете, под тој комунистички идеолошки инженеринг, но не помалку и на македонскиот борец. За нив (тие што ја раководеа војната) не постоеја идеали, не постоеја свети нешта, не постоеја морални ограничувања. Се можеше да се стави во функција на сопствената кариера, се можеше да се каже во сопствената корист, се да се направи за сопственото јас. По завршувањето на војната се покажаа како духовни инвалиди кои ја држеа власта во војната на чуден диктоторски начин за можат до бесвест да повторуваат зборови како: патриотизам, лојалност, идеал, традиција и посветеност на раволуцијата. Секој ќе се запраша: дали за ова се боревме??!! Каде беа НОФ и АФЖ, да не заштитат? Имаа ли моќ? Не!, пишува Кочов.

На 27 феврури 1948 година, грчката влада упатила официјално писмо до United Nations Special Committee On the Balkans (УНСЦОБ)- Специјална Комисија на Обединетите нации за Балканот, во кое пишувало за тоа дека Елинопула (грчки деца) се преселуваат насилно од страна на андартите (партизаните на ДАГ) подалеку од границата, кон Албанија, во Бугарија и во Југославија. Исто така, и во други држави кон источна Европа и се задржуваат во овие држави. Писмото било дополнително поткрепено и со тоа дека агентите на генералот Маркос имале почнато од поодамна, со попис на планираните деца, од возраст 3 до 14 години, во Северна Грција.

КОМИСИЈА

Грчкото прашање во Советот за безбедност на Обединените нации по трет пат пристигнало во текот на 1946 година. Првите две седници биле дочекани со остри жалби од Советскиот Сојуз и Украина, логично завршиле без резултат. Третата дебата продолжила по едно обраќање на грчката Влада, кое било одржано на 3 декември 1946 година и по опширните советувања со САД, дека генералниот секратар треба што побрзо да го стави на дневен ред прашањето на Грција за спорот што го води со соседните земји. (Извештај на УНСЦОБ А/574-1948, с. 1. Извештајот на Комисијата е ставен на дневен ред на 174 состанок на Советот за безбедност).

Следното, пишува Кочов, што треба да се спомене, е одбивањето на најголемиот број од споменатите земји да ги прифатат како конечни нивните граници, на начинот на кој тие се дефинирани денеска. Некои од таквите барања на сосема легитимен начин биле покрената и пред форумот на Обединетите нации или пред другите надлежни меѓународни тела, но нивното зголемување несомнено ја влошува и без тоа веќе опасната ситуација.

Во случајот на македонското прашање, барањата не се истакнати пред Обединетите нации, туку во говорите на одделните влади или во органите на печатот контролирани од страна на владите. Искористувањето на македонското прашање на ваков начин, според мислењето на Комисијата, претставува позитивна закана за мирот на Балканот и само може дополнително да придонесе за постојните тензии и сомневања и да ги зголеми националните страсти, кои без оглед на воените искуства, не само што воопшто не се намалени, туку дури и се заострени поради нивната идентификација во голем број случаи со политички идеи, пишува Кочов.

Исто така, коментира авторот на книгата, како нешто што треба да се спомене, е присуството во Грција, од една, и во Југославија, Бугарија и Албанија, од друга страна, на политичките бегалци од различните територии, кои во голем број учествувале во политичките борби што биле водени во нивните земји за време и по војната. Некои од тие бегалци биле сместени во близината на границите на земјата од каде што тие побегнале. Некои пак, за време на нивниот егзил, се ангажирале во политички и воени акт.

Комисијата му предлага на Советот за безбедност тој да им предложи на владите на Грција, од една, и на Албанија, Бугарија и Југославија, од друга страна тие да направат се што е во нивна моќ за да воспостават нормални добрососедски односи, да се воздржат од сите дирекни или индиректни акции. За да се обезбеди ефикасна машинерија за регулирање и контрола на нивните заеднички граници, Комисијата предлага Советот за безбедност да им предложи на засегнатите влади тие да склучат нови конвенции по примерот на Грчко-бугарската конвенција од 1931 година, земајќи ги предвид потребите на постојната ситуација. (т.н. Грчко-бугарска конвенција за размена на населението). Значи, се предлагаше трансфер на малцинствата. За да се реставрираат нормалните услови долж границите помеѓу Грција, од една, и Албанија, Бугарија и Југославија, од друга страна, и со самото тоа да се помогне во воспоставување на добрососедските односи, Комисијата препорачува формирање на посебно тело . . . ), коментира Кочов.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"