ФОРУМ

АНТИКАТА Е ВИСТИНАТА (КОРЕНИТЕ) НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Илија Давчевски, Кавадарци

Како Македонец и историчар иритиран и испровоциран од се она што му се случува на нашиот македонски на род и држава низ историјата и во новиот милениум, не можев да останам имун и пасивен посматрач и решив еднаш засекогаш отворено да ја презентираме вистината за потеклото на нашиот древен македонски народ. Освен за потеклото, ќе дадам кратка елаборација за настанокот, името, културата и севкупниот придонес на македонскиот народ во создавањето на денешната европска култура. Целта на оваа се уште табу тематика е необјективноста прикажана пред јавноста во однос на нашата античка или словенска етногенеза. Јас како историчар се одлучив со свои историски тези, факти да го разрешам овој гордиев јазол и да ја прикажам етногенезата на корените на античката припадност на македонскиот народ. За нашата античка припадност ги презентирам следните мои основни историски тези и аргументи: територија (автохтоност), население, име, потекло, државност, култура, материјални остатоци, јазик и високи цивилизациски вредности.

Познато е во историјата дека основно за создавањето на еден народ и држава е потребно истиот да поседува своја територија. Македонскиот народ во антиката ја поседувал територијата на јужниот Балкан помеѓу реките: Вардар, Бистра, Места и Струма, навлегувајќи длабоко во Грција и Егејското Море. Оваа територија ја краселе одлични релјефно-природно географски одлики како дар на природата за целосниот развој и опстојување на македонскиот народ низ вековите. Оваа голема територија била поделена на Горна и Долна Македонија и била претежно населена со македонските племиња: Македонци, Пајонци и Бригити уште од металното време во периодот од 1300 - 1200 година п.н.е. Со оваа теза сакам да ја потврдам нашата автохтоност и да ги отфрлам антитезите на некои натрапници на Балканот дека ние како мал народ водиме потекло од зад Карпатите.

Население: За да опстојува македонското население долг временски период треба да има своја територија, а нашите предци ја имале во јужните делови на Балканот. Македонците како народ на овие простори се присутни од металното време, па до денес. Во антиката основоположници за настанокот на денешниот македонски народ се македонските племиња: Македонци, Пајонци и Бригити. Македонците биле населени низ целата територија. Пајонците во Пелагонија и Бригитите во Тракија. Македонците биле хомогени во одбрана на својата територија која претставувала ветрометина и крстопат на разни преселби и напади на кои македонскиот народ со својата сплотеност и хероизам успешно им одолевал. И оваа теза е јасен показател на античката творба и корените на нашиот народ, како еден од најстарите народи присутни на овие простори.

Државност: Во однос на државноста, македонскиот народ истата ја создава во периодот на VII век (729 - 678 п.н.е.) на територија која егзистирала од страна на кралот Пердика со престолнина во Ајга. Подоцна следува периодот на нестабилна државност со назначување на 50 кралеви од кои поистакнати биле Александар Филхелен, Архелај и Аминта III. Македонската држава својот подем го доживува за време на Филип II (359 - 336 година п.н.е.) кога со македонската фаланга ги покорува грчките држави. Најголемиот подем е за време на Александар (336 - 323 година п.н.е.) кога е создадено големото македонско кралство на три континенти. За сите антитези за хеленската припадност на Македонците им ги посочувам следните мои тези: Прво, ако Македонците биле Хелени, зошто првата престолнина била на македонска територија; Второ, за непостоење врска со Хелените зборуваат и непријателските односи со Грците кои Филип ги решил со нивно покорување. Во однос на прашањето на Александар Македонски, а не Грчки, оставам коментар на самите Грци.

Име: Името Македонија е од старомакедонските зборови Макос (голема), Дон (земја), или мајка која ја симболизира големината на Македонија во минатото. Но, за жал, од разни историски причини таа голема Македонија денеска ги доби контурите на мала Балканска држава осакатена без вековното име. Името БЈРМ е резултат на големото грчко лоби и поради неуспехот на нашата заспана македонска дипломатија да најде рецепт да го актуелизира прашањето за името. Да се запрашаме - зошто во минатото не им пречело името, а по осамостојувањето се нафрлија со разни притисоци и блокади да извршат промена на истото? Одговорот лежи во стравот од нивната историска неправда од 1913 година со анексирање на Егејска Македонија и тие денеска повеќе стравуваат од името Македонија кое природно им асоцира на некогашната голема македонска цивилизација. Во светот постојат неколку народи кои со својата култура придонеле за развој на денешните цивилизирани народи во светот. Во состав на овие стари цивилизации посебен раритет и место има и македонската цивилизација која заедно со римската се лулка на денешната европска култура. Кога го споменавме светот, треба да ги посочиме и цивилизациите на Инките и на Ацтеките во Америка, на Кинезите, Јапонците и Индусите во Азија и египетската држава во Африка. Како посебни културно-историски раритети се престолнините Ајга и Пела (со македонска архитектура), потоа материјалните наоѓалишта Вергина, Синдос, Требениште, старомакедонскиот јазик, облеката, македонската фаланга, сонцето од Вергина, симболот на лавот и друго. Во Македонија, за жал, малку се истражува нашето античко минато, за симболот на лавот. Според мои истражувања во Тиквешијата истиот оставил траги и има месности кои го носат името Арсланица, Арсланова Дупка. Зборот Пердика е стар македонски збор и произлегува од зборот дика - гордост (македонска) изразена преку раѓање на старата македонска држава.

Етногенеза: Од презентираните тези најважна е оваа со која сакам да го докажам античкото, а не словенското потекло на Македонците. Затоа вистината за потеклото и настанокот не треба да го бараме од зад Карпатите, но нашата вистина е божја дарба од антиката. Македонскиот народ е творба на македонските племиња: Македонци, Бригити и Пајонци кои со Пердика ја создаваат првата македонска држава. Оваа држава низ вековите напредувала и назадувала во зависност од општествено-економските прилики во светот и на Балканот. Тезата дека сме "јужни Словени" или како милуваат да кажат некои кои не си го знаат своето потекло етикетата "македонски Славјани" не е издржлива и прифатлива. Јужните словени доаѓаат на Балканот од 5-7 век кога на Балканот царува Византија како голема воена сила. Навлегувањето на јужните Словени на Балканот било отежнато и се одвивало скоро два века така што малиот број на словенските групи не можеле да извршат коренити промени врз домородното македонско население, имајќи го предвид и фактот дека дури и присутната Византија не можела да го романизира бројното македонско население. За време на Византиската управа Македонците опстојуваат почитувајќи ги законите. За време на овој период античките Македонци биле искористувани, ограбувани и бил вршен притисок за нивна дискриминација и романизирање. Во овој период на опасности за македонскиот народ во Македонија навлегуваат мали групи од словенските племиња и тие вршат ограбување и терор на месното население. Барајќи спас од две зла Македонците прифаќаат симбиоза со малубројните словенски групи за зближување и соживот против заедничкиот непријател - Византија. Оваа соработка дава позитивни резултати при што не настанува асимилирање и словенизирање на Македонците, иако едните од другите ги примиле позитивните, културните и етнолошките вредности, облеката, обичаите, симболите и друго. Од оваа симбиозна врска не настанува словенизирање на Македонците, туку настанува македонизирање на малите словенски групи.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"