редминатиот викенд туристичкиот
град Велинград, Бугарија, беше во знакот на македонскиот збор и песна. Во
ова прекрасно место под Родопите, познато по ретките природни убавини и
топли води, во екот на сезоната кога престојуваат и по неколку десетици
илјади гости, Младинското драмско студио "Глорија" и Женската пејачка група
на староградски песни "Камелија" кои работат во состав на Домот на културата
"Крсте Мисирков" од Свети Николе успешно ја реализираа својата културна
мисија.
Всушност, тоа беше дел од македонско-бугарската турнеја на овие групи кои
претходните денови имаа настап во Свети Николе, Радовиш и Делчево.
ХИТ ПРЕТСТАВА
Младинското драмско студио "Глорија" на велинградската публика & се
претстави со хит претставата - комедијата "Матуранти" од Методи Манев, која
е поставувана повеќе пати на сцените во Македонија. Во режија на авторот
Методи Манев и Влатко Јевремов, улогите во претставата ги играат Благица
Донева, Влатко Јевремов, Јулијана Андоновска, Тања Павлова, Фросина Манева,
Викторија Јанева, Тереза Мочник, Владимир Тосев, Владо Ѓоргиевски, Зоран
Тодоров, Александар Бурзевски и Дарко Ефтимовски. Оваа урнебесна комедија,
реализирана на светиниколски говор, зафаќа одредени малограѓанси навики, но
и социјални проблеми од нашето време.
Театарската сала во Велинград беше тесна за да ги прими сите љубители на
театарот што сакаа да го видат овој Проект. Публиката, со голем усет за
убаво, ја прифати претставата од првиот миг и покрај силната и спонтана смеа
таа честопати ги наградуваше актерите со бурен аплауз. Тие беа воодушевени
од големите и успешни трансформации на Благица Донева и извонредниот сценски
настап на Влатко Јевремов и Владимир Тосев, но и од одличната игра на
Јулијана Андонова, Викторија Јанева, Тања Павлова.... Од леснотијата на
играта на сите актери, од свежиот хумор, од убавините на македонскиот јазик...
Френетичниот аплауз на крајот од претставата беше логична реакција на
воодушевената публика.
НАСТАП
Најголемата награда сепак стигна од нивните колеги - актери,
професионалци и аматери. Имено, истата вечер на заедничката вечера при
влегувањето во салата, актерите од Софија, Тополовград, Карлово, Велинград,
станаа на нозе и со топол аплауз ги наградија маестралните светиниколчани.
Истата вечер беа договорени нови гостувања што треба да се реализираат во
втората половина на септември оваа година.
Девојките од "Камелија" својот успешен настап го имаа во неделата, на
отворена сцена "Кај фонтаните". Пред неколку илјади гледачи - туристи и
домаќини тие ја презентираа убавината на македонската староградска песна и
измамуваа топли апалузи од гледачите. Десетината македонски староградски
песни, со нов аранжман, предизвикаа топли реакции и кај гледачите, но и кај
стручните лица кои со особено внимание го следеа нивниот настап.
Инаку, и двата настапи беа во рамките на меѓународната културна
манифестација "Велинградски културни празнувања" што секоја година се
одржува во Велинград.