Хашим Тачи не сака "Голема Албанија"

Лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен командант на ОВК, Хашим Тачи, ја отфрлил идејата за "Голема Албанија" или "Големо Косово", но признал дека таа им е "мошне драга" на некои албански струи во Македонија и во Јужна Србија.

Владиката Пахомие бара реципроцитет

Српскиот владика Пахомие изјавил дека за спомен-плочата во "Прохор Пчински" ќе даде информација кога македонските медиуми ќе објават како се кршат човековите права во Македонија и кога ќе објаснат зошто е уапсен расчинетиот владика Јован.

Вратени Македонци од грчка граница

Ѓорѓи Кизовски од Канада и неговиот пријател Јанко Калничев од Австралија без образложение биле вратени од грчката граница. Тие тргнале во Грција со цел да ги посетат родните места во Грција.

Грчка такса само за Македонците

Македонските државјани кои патуваат за Грција се почесто реагираат поради граничните такси за влез во оваа земја. Веќе неколку години на граничните премини Евзони и Дојрани секое наше возило кое сака да ја помине граничната рампа мора да плати три евра за комунална такса.

Преговори меѓу ЕУ и косовските Роми

Претставници на Европската унија прифатиле да преговараат со косовските Роми на Меџитлија, по што бегалците ги откажале најавените секојдневни протести на самата граница.

Балканско шише на мирот

Учесниците на регатата "Преспа 2003" им беа гости на жителите од селото Коњско, а потоа стотина "морнари" и локалното население ги посетиле островот Голем Град и црквата "Св. Петар" на тромеѓето помеѓу Македонија, Грција и Албанија. По ова фрлено е шише испишано со трите знамиња - македонското, грчкото и албанското - со поздрави за добрососедство меѓу овие три земји.

Традиционална илинденска прослава

Во Овчарани, Леринско, Егејска Македонија, беше одржана традиционална илинденска прослава според новиот календар. Пред многубројните Македонци од Овчарани и околните села како и пред Македонците од дијаспората на прославата се одржаа повеќе акивности меѓу кои познатиот Овчарански панаѓур и фолклорниот Фестивал "Свети Илија 2003".

Книги за учениците во Голо Брдо и Пустец

Градската библиотека "Браќа Миладиновци" од Скопје во рамките на чествувањето на столетието од Илинден , на први и втори август ќе подари 4.700 книги на македонски јазик за учениците од Голо Брдо и Мала Преспа. Предавањата на книгите ќе бидат проследени со литературни читања.

Сто години Илинден меѓу Македонците во Благоевград

По повод 100 години од Илинденското востание, во организација на Културно-просветното и спортско друштво "Светилник" од Благоевград, потпомогнато од Министерството за култура на Македонија, на 11, 12 и 13 јули годинава во Благоевград се одржа поединечен шаховски турнир во единаесет кола на кој учествуваа шахисти од повеќе населени места од Пиринскиот дел на Македонија. Кандидатите кои ги освоија првите десет места на турнирот ја сочинуваа екипата која на 19 јули се натпреваруваше со шаховската екипа од Делчево.

Беше отворена и ликовна изложба "Живопис" во главната галерија "Стојан Сотиров - Македонија Арт" во Благоевград, на сликарите Антонио Трајанов од Благоевград и Красимир Тупарев од село Катунци - Сандански. Програмата беше збогатена со учество на културно-уметнички друштва од Делчево и Благоевград. Истиот ден Отец Страхил Спасов одржа литургија - панихида за сите загинати и упокоени знајни и незнајни јунаци и борци за Македонија, а по повод 100 години Илинден.

Есма - грчки почесен граѓанин

Македонската кралица на ромската песна, Есма Реџепова, стана почесен граѓанин на Катерини, Република Грција. Плакетата, симболичниот клуч и грбот на градот на Реџепова & ги врачи градоначалникот на Катерини, Гијанис Амиридис. Таа ќе биде поканета да учествува на отворањето на Олимписките игри во Атина 2004.

Раде Силјан на грчки јазик

Атинското книгоиздателство "Еолика грамата" објави избор од поезијата на македонскиот поет Раде Силјан на грчки јазик. Збирката е насловена како "Гласот на предците", а автори на препевот се Васко Караџа и грчкиот писател и директор на издавачката куќа, Костас Валетас. Поетската книга содржи седумдесет песни групирани во три циклуси: "Проклетство", "Судбина" и "Спомени за предците".

"Златна нота" за "Сковин"

Македонската винарска куќа "Сковин" се закити со уште една награда за квалитет "Златна нота вина" на Осмиот меѓународен фестивал на песни и вино "Марко Поло фест" што се одржува на Корчула, Хрватска. Наградата е доделена за црното вино "Кале" на "Сковин" што ја доби во конкуренција од 40 вина.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"