"Конкордија" до декември под команда на Еурофор

Министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел го продолжија за дополнителни 11 недели мандатот на "Конкордија" во нашата земја и одлучија воената мисија од септември да биде командувана од повеќенационалната војска Еурофор.

Ноемвриска "жетва" на оружје

Акцијата за доброволно предавање и собирање на огнено оружје, муниција и експлозивни материи, ќе започне на први ноември, одлучи Координативното тело за доброволно предавање на нелегалното оружје.

"Ова акција не треба да се поврзува за мандатот на мисијата Конкордија", соопшти членот на Координативното тело, Тито Петковски.

Претставниците на меѓународната заедница инсистираа таа акција да почне на пролет идната година, додека македонската страна беше со став да почне во почетокот на октомври годинава.

Акцијата ќе трае 45 дена.

Спомен-плоча за загинатите војници

Општината Центар одобри локација за поставување спомен-обележје во чест на лицата и војниците припадници на ЈНА кои своите животи ги загубија во војните на просторите на поранешна Југославија.

Обележје за битолските илинденци

На гробовите на 19 илинденци од Битолско, по повод 100-годишнината од Илинденското востание, ќе бидат поставени мермерни натписни плочи, со што ќе им биде искажана почит и ќе бидат извлечени од заборавот.

Полицискиот генерал Стојков ослободен од притвор

Полицискиот генерал Горан Стојков на 21 јули беше ослободен од скопскиот истражен затвор со кауција од околу 350.000 евра. Според пријавата, Стојков се товареше за проневера на околу 500.000 евра при набавка на муниција за потребите на "Лавовите".

Најави за активирање на "третиот пат"

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, Социјалистичката партија на Љубисав Иванов - Ѕинго и алтернативците на Васил Тупурковски, ја услогласиле платфотмата за обединување на трите партии во сојуз со кој планираат да се промовираат како "трет пат" и како алтернатива на водечките СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Укинати надлежностите на Претседателот за НБМ

Со донесувањето на измените во Законот за Народна банка Собранието целосно му ги одзема ингеренциите на претседателот на државата во назначување на гувернер и вицегувернер на НБМ. Со ова падна во вода и последниот обид на Трајковски да го протурка предлогот за вицегувернери на минатата седница пред да се донесе новиот закон.

Илинденски банкноти од 500 и 1.000 денари

Нови банкноти во апоени од по 500 и 1.000 денари со изменети белези наскоро ќе се појават во оптек. Со оваа одлука НБРМ дава уште еден придонес во одбележувањето на 100 години од Илинденското востание.

Најмасовна крштавка во водите на Треска

Повеќе од 300 луѓе беа крстени во осветените води на реката Треска на Матка кај Скопје минатиот викенд. Брегалничкиот митрополит, г. Агатангел, заедно со повеќе свештенослужители и во присуство на Поглаварот на МПЦ, г.г Стефан, ја изврши досега најмасовната бесплатна крштавка во Македонската православна црква.

Камен-темелник за нова автобуска станица во Скопје

На 26 јули свечено ќе биде поставен камен-темелникот на новата меѓуградска автобуска станица, најави градоначалникот Ристо Пенов. По седумгодишни ветувања градоначалникот вети дека автобуската станица лоцирана под Транспортниот центар ќе биде готова до идната пролет.

Иконостас во "Света Петка" во Австралија

По повод стогодишнината од Илинденското востание во Македонската православна црква "Света Петка" во сиднејската населба Рокдаел во Австралија, деновиве ќе биде поставен иконостас изработен од група копаничари од Македонија. Иконостасот со димензии 9 метри и 70 сантиметри широчина и 5 метри и 60 сантиметри височина, заедно со крстот е уникатна изработка во резба. Во овој Проект, чиј главен носител е битолскиот копаничар Мирко Гашпарец, учествуваат уште шестмина копаничари од Битола и Охрид кои & припаѓаат на познатата Охридска копаничарска школа.

"Скрб и Утеха" во Детроит за Илинден

Културниот центар "Скрб и утеха" ќе гостува во Детроит, САД, по покана од МПЦ "Раѓање на Пресвета Богородица" и Градскиот совет на Општината Стерлинг Хајтс од Детроит во периодот од 27.07 до 07.08. 2003 во рамките на "Недела на македонска култура" во Стерлинг Хајтс и прославата на стогодишнината на семакедонскиот празник Илинден.

Театарот "Скрб и утеха" ќе гостува со претставите "Деноносии" и "Леб и игри" во режија на Тихомир Стојановски, продукцијата "Дион" ќе се претстави со филмовите копродукција со МРТВ "1000 години како денот од вчера" и "Бакни го сонцето" по сценарија на Т. Стојановски, во режија на В. Денчов, едицијата "Лицеум" ќе ги промовира своите книги. Ќе биде пуштена на видео и култната претстава "Зајдисонце" на театарот "Скрб и утеха" снимена за МРТВ во април 1998 година, но се уште не е емитувана на програмата.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"