а иницијатива на "Здружението на
социјалните работници на град Скопје" од минатата недела започна со работа "СОС
линијата за помош од дрога". Тргнувајќи од фактот дека во Македонија се
повеќе расте бројот на зависници од дрога, македонските граѓани преку оваа
линија ќе може да се информираат за дрогата и за поврзаноста меѓу употребата
на дрога и заразувањето со вирусот на СИДА.
Тим од социјални работници чиј раководител е Славица Шекуткоска,
специјалист по социјална работа во здравството се обучени да работат на СОС
линијата, така што во текот на шест дена во неделата од 9 до 19 часот ќе
даваат јасни и научно проверени информации за дрогата, за СИДА-та и за
проблемите поврзани со нив.
УПОТРЕБА
Познато му е на секој човек дека употребата на дрогата негативно се
одразува врз здравјето на луѓето. Таа е главен вектор на пренесувањето на
заразните болести, а особено на СИДА-та, хепатитисот и турбекулозата.
Употребата на дрогата во вистинска смисла на зборот стана светски феномен.
Употребата на марихуаната е најраширена, меѓутоа најсериозни здравствени
проблеми се појавуваат поради употребата на хероин и кокаин. Последниве
години се бележи брз пораст на употребата на синтетските дроги, особено на
амфетамините од синтетски тип.
Во Република Македонија се согледани социјалните и здавствените аспекти
на проблемите поврзани со дрогата што се закана за здравјето и за
благосостојба како на лицата што ги употребуваат, така и на нивните
семејства, вели госпоѓа Шекуткоска. Проблемите во врска со дрогите
продолжуваат да се закануваат и да создаваат нови предизвици како што се
зголемената употреба на синтетски дроги кај младите и феноменот на
зголемениот број малолетнички криминални групи ангажирани во продажба на
незаконски дроги.
Поврзаноста меѓу употребата на дрога и социјално негативните појави како
што се сиромаштија, невработеност, бездомништво, социјално исклучување како
и поврзаноста меѓу употребата на дрога со деликвенцијата и криминалот
укажуваат на потребата да се обезбеди урамнотежен пристап меѓу активностите
за намалување на побарувачката и активностите за намалување на достапноста
на дрогите.
НЕСИГУРНОСТ
Илегалното производство, трговија и употреба на дроги ја загрозуваат
основата на државата и претставуваат сериозна закана за развојот на
граѓанското општество, ги загрозува јавната сигурност и животите на
граѓаните. Отворената сцена на дрога како и страдањата предизвикани од
насилничките криминални дејствија се значаен извор за чувство на несигурност
во определени градски подрачја во поголемите градови во Македонија. Во
пораст е бројот на македонските граѓани што се во контакт со проблемите
поврзани со дрогите во местата каде што живеат.
Последниве години македонското општество е длабоко загрижено поради
обемот на локалните и регионални проблеми во врска со илегалното
производство, криумчарење, употреба и злоупотреба на дрога и особено
поради можното ширење на епидемијата на ХИВ/СИДА, објаснува госпоѓа
Шекуткоска. Процесот на осознавањето дека феноменот на дрогата
претставува општа опасност што бара интегриран пристап кон проблемот и
интензивна соработка на сите нивоа се уште се одвиваат бавно.
Илегалното производство и трговија со дрога и употребата на дрогата во
Македонија доведува до појава на градска деликвенција којашто претставува
загрижувачка појава поради зголемениот број на малолатници кои како дел од
криминални банди се учесници во сето тоа. Оваа појава ја истакнува потребата
од преземање социјални мерки за превенирање на почетокот на употреба на
дроги и на нејзино прераснување во поштетни т.е. криминални облици на
дејствување.
Европа е значаен производител и потрошувач на трите незаконски дроги -
марихуана, амфетамини и екстази, додава госпоѓа Шекуткоска.
Особено значајни се новите предизвици поврзани со зголемената привлечност на
синтетските дроги (стимуланси од амфетамински тип и екстази) кај младите во
Скопје како и во другите македонски градови. Според неофицијални податоци,
во Македонија има околу 15.000 до 20.000 зависници од дрога, додека званично
се заведени околу 5.000. Во други предизвици од областа на здравството,
социјалната заштита и кривичната област спаѓаат едновремената употреба на
повеќе дроги, хепатитот, исклучување од општеството, употребата на дрогите
во затворите. Како дел од тие предизвици се и недоволната ангажираност на
локалната заедница во превентивата на употребата на дрога, отсуство на
алтернативи на казнувањето и отсуство на програми за социјална и работна
реинтеграција на лицата зависни од дрога.
ГРИЖА
Поради сите овие негативни појави кои се последица од употребата и
развојот на дрогата, во Македонија се формираа голем број невладини
организации, се со цел за заштита на граѓаните особено на младата популација
од понатамошно користење на наркотични средства кои само му штетат на
човекот, а не му носат ништо добро. Постојат и државни институции кои се
грижат за едукација на младите, лекување на зависниците, превентива, како и
сузбивање на трговијата и производството на дрога. Како дел од тие субјекти
кои се грижат за проблемите кои се предизвикани од консумирање на дрогата е
и "СОС линијата за помош од дрога" која има пред се превентивна функција.
Таа дава информации насочени кон чување на здравјето и социјалната
благосостојба на заинтересираните лица што ќе се јавуваат по телефон и ќе го
поддржува имплементирањето на специфични активности насочени кон ранливите
групи и групите со висок ризик. "СОС линијата за помош од дрога" ги насочува
лицата што имаат здравствени и социјални проблеми поврзани со употреба на
дрогата кон здравствените, социјалните и други служби. Оваа линија им дава
информации за дрогите и за СИДА-та на заинтересираните граѓани, а пред се на
родителите, воспитувачите, здравствените и социјални работници како и на
другите професионалци.
Планирано е вакви СОС линии да почнат да функционираат и во други градови
во Македонија, а како прв чекор во тој правец е партнерската соработка со
Центарот за социјални работи во Штип и обука на три волонтери од истиот град
за работа во советувалиште за дрога. Во иднина ќе се направат напори да се
обезбеди достапност на информациите за дроги и на албански јазик каде ќе се
вклучат и албански волонтери.