ЕКОНОМИЈА

Убавка Стојановска, една од оние на коишто Владата им ги одзеде становите

НАЈМНОГУ СТРАДААТ МОИТЕ ДЕЦА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Условите за живот под кирија се никакви. Секогаш кога врне покривот прокиснува. Ќерката, која има шеснаесет години, од деветгодишна возраст е под постојан лекарски надзор, затоа што едниот бубрег не & е доволно развиен и не функционира. Често сме по болници, вели госпоѓа Стојановска.
  • Не се ни надевав дека ќе бидам еден од можните добитници на станови. Меѓутоа, секогаш во човекот постои зрак на надеж дека ете еден ден и на нему ќе му се случи такво нешто. Огласот беше единствена можност да дојдеме до покрив над главата, објаснува госпоѓа Стојановска.

Госпоѓа Убавка Стојановска конкурирала на огласот за станови по што добила стан. Но, по поништувањето на огласот таа повторно остана без покрив над главата. Таа седумнаесет години живее под кирија. Нашата соговорничка веќе три години е самохрана мајка на две деца. Во моментов госпоѓа Стојановска, со ќерката и синот, живее под кирија во населбата "Влае" во Скопје.

Условите за живот под кирија се никакви. Секогаш кога врне покривот прокиснува. Ќерката, која има шеснаесет години, од девет годишна возраст е под постојан лекарски надзор, затоа што едниот бубрег не & е доволно развиен и не функционира. Често сме по болници, вели госпоѓа Стојановска.

Нашата соговорничка појаснува дека многу пати ги менувале местата на живеење, за што сведочи и соодветната документација. Но, секаде не можеле да се пријавуваат затоа што за тоа биле потребни финансиски средства. Госпоѓа Стојановска е вработена во проектантската фирма "Македонија проект". Но, платата не & е доволна за основните животни потреби.

Со текот на годините станува се потешко и потешко. Платите се многу мали и нередовни, коментира госпоѓа Стојановска.

НАДЕЖ

За огласот за станови, што го објави мината влада, госпоѓа Стојановска, сосема случајно прочитала во дневните весници. И како и секој граѓанин кој е засегнат со таа проблематика конкурирала.

Не се ни надевав дека ќе бидам еден од можните добитници на станови. Меѓутоа, секогаш во човекот постои зрак на надеж дека ете еден ден и нему ќе му се случи такво нешто. Огласот беше единствена можност да дојдеме до покрив над главата. Кога го добивме станот, мојата ќерка беше пресреќна. Кон Министерството за транспорт и врски тргнав со солзи во очите, за да ги потпишам документите. И ни до ден денес не знам како сум стигнала до таму. Ги потпишав и ги земав документите, но со денови не можев да верувам дека навистина сме добитници на станот, објаснува госпоѓа Стојановска.

Но, среќата за ова семејство не траеше долго. Конкурсот за станови актуелната власт го поништи, а госпоѓа Стојановска, како и многуте луѓе од оваа категорија, остана без покрив над главата.

За поништувањето на конкурсот имаше различни објаснувања. Според едни причината била поради тоа што не се изградени становите, а според други дека тие биле со голема квадратура.

Ние, вели госпоѓа Стојановска, воопшто не конкуриравме за квадратурата и во конкурсот не стануваше збор за тоа прашање. Ние едноставно конкуриравме за покрив над главата.

Меѓу причините за поништувањето на огласот беше и тоа дека десет отсто од становите биле доделени на нерегуларен начин.

Со десет отсто нерегуларност не може да се поништи никаква одлука. Тоа досега не се случило и не знам дали и понатаму ќе се случи. Јас не сум правник, но донекаде сите знаеме кои се нашите права. Нека им се одземат становите на сите оние што невалидно ги добиле, а нека им се доделат на оние што ги заслужуваат, посочува госпоѓа Стојановска.

ЖАЛБИ

По поништувањето на конкурсот, нашата соговорничка, како и многуте луѓе на кои им се одземени становите, многупати се обратила кај Народниот правобранител.

Лично јас, коментира нашата соговорничка, бев непријатно изненадена од односот на Народниот правобранител. Нему му се обратив со зборовите: "Дали сте свесни дека со ваквата одлука најмногу ни страдаат нашите деца". Тој ни кажа дека мора од некаде да почне да функционира правото. Во еден момент тој на насобраните луѓе, меѓу кои бев и јас, ни се обрати со зборовите дека наводно него и медиумите го поддржуваат. Едноставно бев тотално шокирана од таквиот негов коментар, затоа што никогаш не сум очекувала од една таква личност таков однос кон луѓето.

Се обратиле и до Премиерот. Со него имале една средба на која тој ветил дека ќе им излезе во пресрет и дека ќе ја испита целокупната ситуација. Потоа многуте нивни барања за средби и упатените писма останале без реакција од негова страна.

Првична препорака на Премиерот беше да се обратиме до првостепената владина комисија. Излезе дека воопшто таква комисија не постои. Ние се најдовме во еден ќорсокак. Се обративме и до собраниската Анкетна комисија. Таа на неколку седници расправаше за нашата проблематика за на крајот да заврши со претставникот од СДСМ, Борис Кондарко, дека нема повреда на човековите права. Непријатно сум изненадена од неговите зборови и не знам со која човечност настапуват луѓето како него. Затоа што сепак ние сме граѓани на Македонија и немаме друга држава, вели госпоѓа Стојановска.

Таа објаснува дека нема да се откажат од становите и дека се надеваат на правдата во Меѓународниот суд во Стразбур.

Нашите договори за станови, по сите регулативи, се уште се валидни. Нас никој не не известил дека тие не важат повеќе. Ако власта објави нов конкурс на него ќе конкурираат и други луѓе. Јас ги разбирам оние што евентуално би конкурирале на новиот оглас и свесна сум дека и други луѓе има во таква ситуација како нашата. Но, што ќе се случи кога во ист стан ќе се појават двајца сопственици, коментира госпоѓа Стојановска.

Таа објаснува дека становите им биле дадени под закуп и дека за одредено време треба да ги откупат.

Верувајте најмногу ми е жал за моите деца, затоа што најмногу страдаат. Моите деца не знаат што е одмор, што се курсеви. Тие фактички заостануваат зад своите генерации. Страшно е тоа што целата ситуација се одразува врз нив, а и ние родителите ги изгубивме нервите. Тоа е болно, кој не живеел под кирија не знае како е. Тоа не му го посакувам никому. Трошоците се огромни, условите се никакви. Децата се срамат да кажат дека живееме под кирија. Тие постојано мене како родител ми поставуват прашање - што се случи. Не можат да сфатат како може нам такво нешто да ни се случува од нашите водачи, потенцира госпоѓа Стојановска.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"