ПОЛИТИКА

Лилјана Ивановска, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ПАРЛАМЕНТАРНАТА РАБОТА Е ПРЕДИЗВИК

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Веќе не е спорно дека жените се способни и дека можат да се носат рамо до рамо со мажите. Лично мислам дека жената со својот специфичен сензибилитет и пристап кон работите и начинот на разрешување на проблемите дава еден поквалитетен придонес во политичкиот живот затоа што во политиката пред се е потребен компромис и дијалог. 

МС: Госпоѓо Ивановска, што сте по професија, како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

ИВАНОВСКА: По професија сум дипломиран инженер-архитект, со петнаесетгодишно работно искуство во професијата. Во политиката запловив пред12 години во почетокот на политичкиот плурализам во Република Македонија кога имав триесет години. Во тој период некако спонтано се случи да се заинтересирам за политичките промени во Македонија во тој период. Пред да се донесе Законот за политички партии, политичкото дејствување можеше да се организира само според Законот за здруженија на граѓани. Во тој период беа актуелни "Млад Борец", "Демократски Форум" кои ги промовираа плуралистичките идеи. Мојата мотивација веројатно беше да променам нешто во нашето живеење, да придонесам за еден поквалитетен развој во државава, пред се како интелектуален порив.

МС: Кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

ИВАНОВСКА: Мислам дека тоа е повеќе индивидуална одлука. Мажите и жените самите ценат кога е вистинскиот момент за да дадат свој придонес во политиката. Тоа зависи од индивидуалниот начин на живот. Меѓутоа, ценам дека секако е потребно едно животно и професионално искуство за да се даде еден квалитетен придонес. Во политиката се вклучив од многу порано учествувајќи во сите активности и изборни кампањи на мојата партија. Сите ние во Парламентот имаме свои професии, со оглед дека немаме некои релевантни политички школи, освен политичките едукации, а со професионализацијата на функцијата пратеник потребно е секојдневно информирање, едуцирање и ангажирање.

МС: Според Вас колку жените се способни да бидат политички активни и дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

ИВАНОВСКА: Мислам дека ова прашање во РепубликаМакедонија веќе е апсолвирано. Веќе не е спорно дека жените се способни и дека можат да се носат рамо до рамо со мажите. Лично мислам дека жената со својот специфичен сензибилитет и пристап кон работите и начинот на разрешување на проблемите дава еден поквалитетен придонес во политичкиот живот затоа што во политиката пред се е потребен компромис и дијалог, а жената биолошки повеќе ги поседува тие особини, и како понежен пол генерално жената не е склона кон агресија.

МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?

ИВАНОВСКА: Во Либерално-демократската партија никогаш не сме имале такви проблеми. Моите колеги во партијата се крајно коректни и партнерски се однесуваат кон нас жените. Либерално-демократската партија исто така има најголем процент на жени во пратеничката група во Парламентот што доволно говори за односот на партијата кон ангажманот на жените во политиката. Јас лично никогаш досега не сум почувствувала посебни привилегии или пак тешкотии поради тоа што сум жена. Во 1998 година јас исто така бев на кандидатската листа, така што сметам дека воопшто нема проблеми со тоа што сум припадничка на женскиот пол. Жените генерално имаат проблеми во пробивањето на повисоки функции. Декларативно не е проблем да се напредува, меѓутоа кога ќе се дојде до повисоки места каде што се одлучува во политиката, тогаш мажите ја покажуваат својата агресивност што е мотивирано од интересот на моќ, меѓутоа работите во Македонија полека се менуваат, примери за тоа се министерката госпоѓа Илинка Митрева, вицепремиерката госпоѓица Радмила Шеќеринска, заменик министерката Мелпомени Корнети, подпретседателката на Собранието на РМ, госпоѓа Лилјана Поповска, директорката на МРТВ, госпоѓа Гордана Стошиќ и други.

МС: Покрај политичкиот ангажман, дали имате време и за Вашиот приватен живот, за Вашето семејство?

ИВАНОВСКА: Мора да се најде и простор за приватниот живот. Тоа на секој човек му е потребно. Има и други професии во нашето секојдневно живеење кои исто така бараат еден огромен ангажман поради кој семејството, односно приватниот живот на човекот мора да трпи. Но, кога работата ви причинува задоволство, тогаш се може да се организира. Кога е во прашање политичкиот ангажман секако дека трпи приватниот живот. Како јавни личности имаме повеќе обврски кон граѓаните и јавноста што одзема доста време. Сепак, успевам да најдам баланс, наоѓам и малку време да се дружам и со моите пријатели што ми причинува огромно задоволство. Очекувам дека со тек на време ќе се создадат подобри услови за работа на пратениците делумно во Парламентот, а особено надвор од Парламентот за работа со граѓаните.

МС: Кои се најчестите мотиви за жената да заплива во политички води и какво е Вашето искуство?

ИВАНОВСКА: Мотивите за занимавање со политиката се главно желбата за општото добро, подобрување на начинот на живот. За жал, во нашата практика има и поинакви побуди кои отпосле излегуваат на виделина. Меѓутоа, генерално политиката подразбира занимавање со општите и заедничките работи на државата. Според нашата традиција во која жената се занимава со семејството и куќата, сметам дека таа е предодредена да се занимава со општите и заедничките работи во општеството.

МС: Жената од билошки аспект пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

ИВАНОВСКА: Децата преставуваат големо богатство и радост. Кога се мали потребна им е поголема грижа, меѓутоа тоа е само во еден одреден период во животот на жената. Но, и тој период од животот на жената како мајка може да се организира со ангажирање на бабите и дедовците кои во нашата традиција често излегуваат во пресрет при одгледувањето и грижата за децата. Додека децата се мали трпи професионалниот живот, но тоа сепак не е пречка за градење на професионална или политичка кариера. На децата секогаш сме им потребни и тие нам. Друго е прашањето за организирање, финансиските услови, и од тие причини најчесто жената се одлучува да прекине или да не отпочне со градење сопствена кариера и во такви ситуации исклучително е важна поддршката на семејството, а и од условите кои ги создава државата.

МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

ИВАНОВСКА: Без таквата поддршка мојот политички ангажман не би бил целосен. Поддршката од семејството е многу важна. Тука се и професионалните ангажмани, контактите со граѓаните, партиските обврски, така што семејството секако дека треба да има разбирање. Јас многу отсуствувам од дома и тоа е цената која мора да се плати, моето семејство има разбирање и тоа многу ми ја олеснува работата.

МС: Обично се вели дека позади секој успешен маж стои жена, но дали според Вас би можеле да кажеме обратно - дека позади секоја успешна жена стои маж?

ИВАНОВСКА: Целосно не се согласувам со оваа констатација. Потребна е поддршка од целата околина, пред се од семејството. Мислам дека успешноста пред се зависи од сопствениот капацитет на личноста - и на мажот и на жената. Поддршката од мажот е важна, но пред се успехот зависи од капацитетот, способноста и решеноста на самата личност да издржи во своите определби. Мислам дека особено важно е да се верува во својата работа и јасно да се дефинираат целите и очекувањата.

МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата себеси, на својот изглед и стил?

ИВАНОВСКА: И за жената и за мажот изгледот е важен. Изгледот зависи од начинот на живот и од начинот на исхрана. Мислам дека секоја жена може да најде време за својот изглед. Денес има и салони за убавина, така што мислам дека и тоа е олеснување во грижата за подобар и негуван изглед. Додека стилот е дел од личноста, карактерот и вкусот, а за вкусовите не се расправа. Според мене убавината доаѓа од внатре, а надворешноста можеме да ја негуваме и обликуваме. Цело е кога има се.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

ИВАНОВСКА: Бројката од 50 отсто изгледа како многу далечна бројка. Мислам дека многу успеавме со квотата од 30 отсто во законското решение за застапеност на женскиот пол. Меѓутоа, ако 50 отсто од популацијата се жени мислам дека и таа квота од50 отсто не треба да биде недостижна. Сметам дека во нашиот менталитет треба да го смениме начинот на размислување и однесување. Не треба да се смени само односот кон жената во политиката и во професионалниот ангажман, туку и во сите сфери на општественото живеење. Мора повеќе да работиме на полето на рамноправноста затоа што имаме многу предрасуди во поглед на рамноправноста помеѓу половите. Имаме еден балкански менталитет каде доминираат мажите и тоа треба да се менува. Тоа бара долг период на сеопфатни кампањи и секако дека бара и време. Доминацијата треба да се менува кон партнерство на две човечки суштества, кое претставува далеку похуман однос. Таквото менување е процес и бара дејствување во семејството, образованието, во медиумите кои се исклучително важни во градењето на системот на вредности. Тука посебно сакам да го потенцирам значењето на активностите на невладиниот сектор. Ова е борба на долг период и зависи од сите нас доколку сакаме да градиме похумани односи воопшто.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

ИВАНОВСКА: Парламентарната работа е предизвик и одзема доста време. Би им порачала да не се плашат и да бидат доволно храбри и да веруваат во себе и дека се доволно способни за да се носат со проблемите. Меѓутоа, како и секоја друга работа може да се успее ако се има верба. Потребна е упорност и енергија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"