ако што е познато Третата светска
средба на децата - бегалци од Егејскиот дел на Македонија која требаше да се
одржи на 15 јули во Лерин, Република Грција, е одложена. Иако постојат
најави дека таа ќе се одржи по 10 август, информациите кои кружат во
јавноста се дека таква средба воопшто нема да има.
Ваквата одлука на Министерството за надворешни работи на Р. Грција ја
изненади македонската јавност која до пред некој ден веруваше во хуманиот
гест на Грција да им дозволи на децата бегалци по 55 години да си ги видат
своите родни огништа. Неодамнешната изјава на заменик-министерот за
надворешни работи на Република Грција, Андреас Ловердос, за атинскиот весник
"Елефтеротипија" дека е изнајдено решение за проблемот на политичките
емигранти кои потекнуваат од "грчка западна Македонија", а првиот чекор што
го најави беше да се дозволи слободна посета на тие граѓани за време на овој
летен период, предизвика различни реакции во грчката јавност.
Според едни, на овој начин Грција ќе исправи една историска неправда кон
политичките емигранти и 28.000 деца кои беа протерани во овој егзодус.
Според други, може да се измени етничката карта на северот на Грција каде
што живее македонското малцинство.
РЕАКЦИИ
Се споменуваат најразлични причини зошто е одложена средбата. Тие се
движат во насока на тоа дека проблемот е во недоволната организираност и
избрзаните реакции од македонската страна. Со таквите коментари се согласува
и Александар Поповски, претседател на Здружението на децата бегалци од
Егејскиот дел на Македонија, со седиште во Битола.
Според него, постоеле само најави за средбата, но не и дефинитивни одлуки.
Тој, сепак, верува дека средбата ќе се одржи и дека во периодот од 10 август
до 31 октомври Македонците од Егејскиот дел на Македонија ќе можат слободно
без визи да престојуваат во Грција.
Марија Воденска, претседател на Здружението "Егеј" со седиште во Штип,
вели дека грешката за тоа што досега не се одржа Третата светска средба на
децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија е во тоа што "Ѓорѓи Доневски,
од Здружението на децата бегалци, и некои членови на Здружението од помалите
градови, како Стојан Димков од Штип и Гоце Петрески од Битола, манипулираат
со луѓето и дека прават крчма без крчмар".
Ако се анализира составот на Одборот за организирање на средбата,
објаснува Воденска, ќе се види дека ниту еден од неговите членови, со
исклучок на двајца, не е дете бегалец. Јордан Тунев, кој е претставник на
децата бегалци од Штип во Скопје, ниту е дете бегалец, ниту пак потекнува од
родители кои биле деца бегалци.
Споменатите луѓе, според Воденска, сами правеле програми, кои не биле во
духот на соседните земји. Марија Воденска имала средба со советник на Лерин
во Охрид, кој побарал од неа да вети дека Македонците од Егејскиот дел на
Македонија нема да бараат враќање на имотите. Таа одговорила дека не е
компетентна да се откажува од имотите на кои Македонците имаат право. Исто
така, според неа, и потпишувањето на договорот со Америка за изземање на
американските државјани од кривично гонење, во кое пишува Македонија, а не
БЈРМ, ги вознемирило Грците и тоа влијаело за да ја пролонгираат и идејата
за некакви си средби. Воденска има најавено разговор со грчкиот конзул во
Скопје, во врска со важни прашања што ги тангираат Македонците од РМ, како
што е граѓанскиот статус државјанството.
Сега се предлага средбата да биде од 10 до 20 октомври, но се уште нема
никаква одлука од грчката Влада дали воопшто ќе има средба.
Апелирам, вели Воденска, да не брзаме и трезвено да размислуваме
за да не се случи како во 1998 година луѓето со автобуси да бидат вратени од
грчката граница.
Стојан Димков, пак, од Здружението "Македонски Егеј" од Штип ги отфрла
обвинувањето дека манипулираат со луѓето и дека е крајно време нашата власт
ова прашање да го постави на дневен ред на Собранието.
Ако веќе сме изманипулирани, ќе одиме и до Меѓународниот суд, вели
Димков.
ДЕЛБИ
Сега се поставува прашањето дали одложувањето на средбата ги раскара и
раздели Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Здружението на Сетинци и Попадинци, кое е член на Сојузот на Македонците
од Егејскиот дел на Македонија, односно неговиот претседател, Ташко Јованов,
организира средба на Македонците во Грција. Средбата би требало да се одржи
на 14 август, по повод православниот празник Голема Богородица. На неа е
предвидено да учествуваат 200 - 300 Македонци кои ќе ги посетат Лерин,
преспанскиот дел во Грција, Островското Езеро, а подолго време ќе се задржат
во селата Сетина, Овчарани и Крушодари. Претседателот на ова Здружение,
Јованов, објаснува дека не станува збор за никакви делби, дека средбата која
тие ја планираат за 14 август нема карактер како средбата на децата бегалци.
Очекуваме дека ќе се одржи Третата светска средба на децата бегалци,
вели Јованов. Ќе инсистираме таа да биде на 15 август, а конечниот термин
ќе зависи од грчката Влада. Доколку се одржи Третата светска средба на
децата бегалци, ние ќе се вклучиме во неа.
Грција повеќе не е претседавач со ЕУ. Иако таа е во Европската унија и
зборува за демократија, таа воопшто не ги почитува човековите права.
Неодамнешниот инцидент кога Јанко Калинчев, претседател на Здружението на
децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија од градот Мелбурн - Австралија
и Ѓорѓи Кизовски, членот на претседателството на децата бегалци од Торонто -
Канада, беа вратени од грчка граница, говори дека таа си игра со човековите
права.
Овие луѓе велат дека не се сепаратисти и дека едноставно сакале само да
си ги посетат своите родни огништа, но тоа не им било дозволено од грчките
власти. Тие се песимисти кога станува збор за одржувањето на Третата светска
средба. Според Кизовски, Грците имаат изработено црна листа на децата
бегалци кои живеат во Канада и ним не им е дозволено да одат во Грција.
Ѓорѓи Доневски, извршен секретар на Третата светска средба, вели дека
постојат два проблеми во врска со прашањето зошто Грците не им дозволуваат
на Македонците од Егејскиот дел на Македонија да ги посетуваат родните
огништа. Едниот е тоа што селата и градовите на пасошите на Македонците од
Егејскиот дел на Македонија биле напишани со македонски имиња, а другиот е
во објавената црна листа. Тој смета дека во пасошите треба да пишува дека
Македонците од Егејскиот дел на Македонија се родени во Република Грција, за
да им се дозволи влез во Грција. Доневски се надева дека средбата ќе се
одржи од 10 до 20 август, а во периодот до 31 октомври ќе може да се
престојува без визи.
Наум Абов, потпретседател на Форумот за човекови права на Македонците од
Егејскиот дел на Македонија, кој е прогласен и за доживотен претседател, се
надева дека Грците ќе изнајдат модус да го решат нивниот проблем.
Ние немаме ништо против грчкиот народ, ние бараме само да си ги посетиме
родните огништа. Не бараме нешто што не го заслужуваме, ги бараме човековите
права. Не сум сигурен дека средбата ќе се одржи, иако сакам да верувам дека
ќе се одржи. На Грција & доаѓа Олимпијадата, и тие не би сакале да имаат
проблеми. Проблемот е во недоволните контакти на организаторите на средбата
со грчката власт и време е со тоа прашање да се позанимава и македонската
Влада, вели Абов.
Горѓи Бихлимов од Здружение за заштита на човековите права со седиште во
Радовиш, вели дека ако средбата не се одржи по 10 август, ќе треба да се
преземат мерки на државно ниво од страна на македонската власт.