адикалната ДПА неодамна се
произнесе со порака дека ако нема реализација на Рамковниот договор, таа ќе
оди со друг курс и дури ќе се залага за етнички држави. ДПА го симнаа
мораториумот, но не се вратија во Парламентот.
Останува нејасно до кога Албанците во Република Македонија ќе ни се
закануваат со своите големоалбански идеи и до кога ние ќе молчиме? Албанците
од Македонија ќе формираат самостојна држава или ќе се припојат кон Косово
или кон Албанија ако до февруари не се реализира охридскиот договор. Тоа е
клучната идеја во новата платформа на ДПА, која беше усвоена на Конгресот
што се одржа минатиот викенд во Тетово, под мотото: "За нови визии".
Партискиот лидер Арбен Џафери се повика на Преамбулата на Уставот усвоена на
16 ноември 2001 година, во која тие се третираат како "дел од албанскиот
народ во Македонија".
Два дена потоа и лидерот на ПДП, Абдулменаф Беџети, на Владата & даде рок
од шест месеци за целосно да ги спроведе обврските од Договорот. Во
спротивно, и ПДП ќе се приклони кон идејата за самоопределување на Албанците
за политичка и територијална автономија. Но, кога веќе еднаш и Албанците ќе
ги остварат своите обврски кои произлегуваат од Договорот? Кога протераните
Македонци ќе се вратат во своите домови, а што станува со судбината на 12-те
киднапирани Македонци?
Очигледно слушавме и обрнувавме големо внимание на тоа што се случуваше
за време на викендот. Едноставно, како што отсекогаш сме велеле, Рамковниот
договор ја положи основата за единство и мултиетничка Македонија, за
спроведување на основните принципи и предуслови за интеграцијата на
Македонија во ЕУ и другите меѓународни институции, како и основа за градење
стабилна Македонија, изјави за А1, Ирена Ѓузелова, портпаролка на
специјалниот претставник на ЕУ во Македонија.
ДПА во секој поглед оди во крајност со своите погледи и аспирации.
Тие рекоа дека основниот принцип е унитарна Македонија. На многу начини
тие што се противат на овие основни принципи исто така ја поткопуваат
имплементацијата на Рамковниот договор. Мислам, тие работат против тој
Договор, вели Ѓузелова. Би рекла дека уште една работа е тоа што тоа
помага ако сите од потписниците на Рамковниот договор работат активно за
неговото спроведување. Тоа е амбициозна програма и од сите бара активни
напори и напорна работа, од сите страни. Од Владата, од опозицијата, од
невладините организации и од населението, коментира портпаролката на ЕУ
во Македонија.
Заклучоците од Конгресот на ДПА беа критикувани и од многуте странски
дипломати во државава.
Рамковниот договор ги постави основите за унитарна и мултиетничка
Македонија, а неговото имплементирање е основен предуслов за нејзина
интеграција во ЕУ и НАТО и основа за градење на стабилна и просперитетна
држава, се истакнува во заедничката изјава на специјалниот претставник
на ЕУ, Алексис Брунс, американскиот заменик-амбасадор, Елеонор Наги,
амбасадорот на НАТО, Николас Бигман, и заменик-шефот на ОБСЕ во државава,
Морис Канаван, како реакција на заклучоците на неодамнешниот Конгрес на ДПА.
Во изјавата се нагласува дека за целосна имплементација на Рамковниот
договор е потребно време, вложување поголем напор и активно учество на сите
страни и притоа се оценува дека во таа насока веќе е постигнат значителен
напредок.
УСТАВ
Уставот и законот се јасни и она за што се залага ДПА не може да помине,
е реакцијата на потпретседателот на ДУИ, Агрон Буџаку, за новата
политичка платформа на ДПА во која се заговара право на самоопределување на
Албанците во Македонија, консензуална демократија со дводомен парламент и
потпретседател на државава - Албанец.
Големото мнозинство граѓани, според последните анкети, се уште ги
поддржува нашите определби, а нивните определби немаат влијание. Имаме Устав
и охридски Договор, се е јасно и не гледам некаква основа по која би се
направило тоа, истакна Буџаку.
За последните заклучоци на ДПА се произнесе и спикерот Никола Поповски.
ДПА веќе не треба да се анализира врз основа на тоа што го изјавува затоа
што изјавите им се конфузни и различни од ден на ден. ДПА има ставено потпис
на Рамковниот договор, а вчера на Конгресот завземаа нов курс - дека
Рамковниот договор е тесна рамка, дека треба да се создаде дводомен
парламент и следните фази коишто течат.
Тоа е надвор од Рамковниот договор, не може да се прифати и долгорочно е
во аут, изјави Поповски.
ПЕРВЕРЗНО ТОЛКУВАЊЕ
Тоа е перверзно толкување на Уставот, велат професорите од Правниот
факултет во Скопје за идејата на ДПА за отцепување, на која се приклучи и
ПДП. Ниту странските дипломати не се загрижени од најавата на албанскиот
опозициски блок. Тие во идејата пласирана на Конгресот на ДПА гледаат "очајнички
обид на партијата во која владее интелектуална сиромаштија да им понуди
нешто ново на гласачите".
Тоа е перверзно толкување на уставната Преамбула, спротивно и на самиот
Устав. Не може да се извлекуваат права од Преамбулата. Освен тоа,
формулацијата "дел од албанскиот народ" во меѓународната терминологија е
исто што и етничка заедница, народност или националност - вели
професорката Гордана Силјановска.
И професорот Владо Поповски тврди дека нема уставна основа од која би се
црпело какво било право на отцепување.
Станува збор за намерно лошо читање на Уставот. Последната изјава, како и
сите нивни претходни екстремистички изјави, повеќе едрат на конјуктурните
струи мислејќи дека ветерот дува во полза на екстремизмот. Но, и тие сами се
свесни дека не се во право, изјави Поповски.
Љубомир Фрчкоски потсетува дека во Преамбулата на Уставот се гарантира
унитарниот карактер на државата, со што во старт се елиминира можноста за
отцепување. Освен тоа, додава Фрчкоски, секому е јасно дека "дел од народот"
е само втор назив за малцинство. Тоа е политичка реторика без никаква правна
основа.
Весникот на албански јазик "Факти" објави дека претставникот на ЕУ,
Алексис Брунс, амбасадорот на САД во Скопје, Лоренс Батлер, и амбасадорот на
НАТО, Николас Бигман, побарале да се сретнат со челниците на ДПА за одблиску
да се запознаат со сериозноста на нејзината одлука.
Во канцеларијата на НАТО во Скопје велат дека амбасадорот Бигман не
контактирал со никого од ДПА, никој не му се јавил ниту некој барал нешто од
него. Батлер, пак, веќе извесно време е надвор од земјава. Дипломатите во
Скопје велат дека не се загрижени од идејата што произлезе од Конгресот на
ДПА. Нивниот впечаток е дека партијата изгледала многу очајно и дека се
обидува да најде нешто ново што ќе им понуди на гласачите. Но, ДПА, велат
дипломатите, не е способна да ги посочи вистинските проблеми во земјава,
какви што се економските односи или спроведувањето на охридскиот Договор.
Дипломатите велат дека ДПА сега е партија без ниту една вистинска идеја, во
која владее интелектуална сиромаштија.