ИНТЕРВЈУ

Жарко Јорданоски, Македонско народно движење

НА ВОСТАНИЕ ПРОТИВ ГЛУПОСТА, СЛЕПИЛОТО И ЧОВЕЧКАТА НИСКОСТ!

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • На овој Илинден во Крушево, во македонскиот Ерусалим, нема место за полтроните и кукавиците кои глумат политичка елита, а со својата мизерија и себичност, со нискиот морал и со приземноста на својата животна филозофија се вистинска негација на се она за што живееле и се жртвувале Илинденците од 1903.
  • Изминатава деценија, па и повеќе, овие слепи водачи длабоко го навредија, го понижија и го осиромашија македонскиот народ и не се достојни да застанат пред него. На овој Илинден тие ќе бидат избришани и сместени во срамните страници на македонската историја, а македонскиот народ ќе се врати на патот на своите доблесни предци.

МС: Бевте наш колега и уредник во "Дневник", претходно во Сител и во МТВ. Зошто ја напуштивте таа работа и се зафативте со она што сега го работите? Сега сте портпарол на Македонското народно движење што го инициравте со Мирко Христов.

ЈОРДАНОВСКИ: Поради општата атмосфера на безнадежност и дефетизам во која се заглибани македонската држава и народ. Уште повеќе поради сознанието дека нашата фела - медиумите, во огромна мерка придонесоа во креирањето на таа атмосфера. Мојот медиум конкретно "работеше" во прилог на тоа да се прифати една очигледна неправда нанесена на Македонија и на Македонците. Зборувам за начинот како се третираше терористичката криза и нејзиниот исход - т.н. Рамковен договор. И тоа се разбира на сметка на тие ментори кои ја "менаџираа" и војната, па и нејзиниот исход. А тие ментори пет пари не даваа за вистината или за интересите, за иднината или за опстанокот на Македонија и на македонскиот народ. Да им се служи ним стана рамно на предавство на сопствениот народ и држава.

МС: Значи ли тоа дека Вие се уште не го прифаќате Рамковниот договор? Нели е тоа веќе готова работа?

ЈОРДАНОВСКИ: Ниту тогаш ниту сега. Ниту по начинот на кој до него се дојде, ниту по она што е вградено во него. Така се изјаснија и многу постручни од мене за таа проблематика. Го прифатија само т.н. прагматичари, всушност опортунисти, кои не ги интересира ништо освен голата власт и нејзината злоупотреба. Но, веројатно сега на сите им е појасно - Уставот и законите се темел на општеството, а на крив темел ништо не се гради. Или ако се гради, бргу се руши. Не велам дека за се е виновен тој Договор, но времето покажува дека тој мора да биде поништен.

МС: Можеше ли да се избегне неговото потпишување, со оглед на моќта на неговите креатори и притисоците?

ЈОРДАНОВСКИ: Можеше и може, ако се побара поддршка од народот. А нели, народот е најмоќната политичка сила. Но, знаеме во какви "односи" со својот народ се нашите политички номенклатури. Затоа беше нужно да се евидентира отпорот на народот наместо само да му се соопштува какви се глупости прифатиле политичарите. Јас тоа го манифестирав на разни начини. Просто, човечка обврска е на неправдата да се реагира. Кога така реагира целата јавност, тоа е сила против која не се може. Тоа сакав на некој начин да го соопштам.

МС: Па, успеавте ли да го соопштите? Нели како уредник и новинар имавте можност за тоа?

ЈОРДАНОВСКИ: Како новинар или уредник најмалку, затоа што се водеше сосем друга политика - политика на замолчување и ширење дефетизам. А и самите зборови почнаа да ја губат смислата, ако зад нив не стои конкретен чин. Токму затоа, првата моја иницијатива, сосема спонтана, беше во знак на протест да се оди на поклонение до разурнатиот манастир во Лешок, последиците од лудилото да се погледнат одблизу, а тие што му служат да се погледнат в очи.

МС: Сакате да кажете дека иницијативата за конвојот до Лешок беше Ваша?

ЈОРДАНОВСКИ: Да, ако некој воопшто може да полага право на една таква идеја. Јас само прв ја изговорив, а чувствата на сите Македонци во тој момент беа исти - длабока навреденост и понижување. И таа беше одлично прифатена од сите мои колеги, па и од јавноста. Но, само еден човек - Мирко Христов - ја испочитува во нејзината изворната форма - до Лешок да се стигне пеш! Но, и конвојот со автобуси што го организира "Дневник" значеше многу за тие луѓе таму, зашто тие се чувствуваа сосем заборавени и напуштени. Но, на непријателите на Македонија тоа воопшто не им се допадна, зашто навести дека Македонецот може да го дигне својот глас, гласот на својата вистина и да почне да се однесува поинаку. Дури неодамна, од еден новинарски напис дознавам дека набргу по тој чин главниот уредник на "Дневник" бил викнат и "рибан" од некои странски амбасадори. Набргу потоа моите ставови во весникот станаа непожелни, по што судирот беше неминовен, а и моето заминување од "Дневник". "Дневник" отиде и чекор понатаму па си постави обврска да ги угушува сите мои следни активности со Македонското народно движење, преку своето влијание во други медиуми, но за негова жал не успеа во тоа. Ете го одговорот на вашето прво прашање зошто излегов од "Дневник" и од новинарството.

МС: Како би го нарекле ова што сега го правите? Што е МНД - здружение, партија, движење...?

ЈОРДАНОВСКИ: Без претерување - револуционерен зафат. Пред се, револуција во духовна и морална смисла, а потоа и на секој друг план. Промена на односот кон самиот себе, кон својот народ и кон својата држава. Затоа ја нарековме темелна политичка иницијатива, но не партија. Партиите како политичка форма, онака како што кај нас се устроени, ги покажаа сите свои погубни ефекти. Ним им го должиме овој хаос што го живееме. Сметам дека во интерес на државата и на нацијата насушна потреба е овие партии едно време да паузираат со својата активност. Просто, народот да одмори од нив. Треба да се напушти предрасудата дека политиката не е можна надвор од партиите. Нашата активност е насочена кон тоа работите во општеството да се вратат на своето место, почнувајќи од највисоките вредности. И тоа може да се нарече политика, но нема многу допирни точки со она што сега обично се подразбира под политички ангажман.

МС: Методите со кои се служите се невообичаени, некои велат контроверзни. Мирко Христов фрли бомба пред Парламентот и пукаше во Собранието...?

ЈОРДАНОВСКИ: Логично е методите да се различни, кога и целите се различни. За некого се контроверзни, за некого се сосема на место. За народот се тамам. Бомбата беше одговор на влегувањето на терористите во новата Влада. Не велам дека не смее да има граѓани од албанско етничко потекло во македонските институции, но тоа не може да бидат тие што убиваа и масакрираа македонски војници и полицајци, што прогонуваа и киднапираа цивили. Тоа беше врв на безобразлукот на политиката што ја наметнаа странците во решавањето на конфликтот, поточно агресијата. Таа политика или нема никаков компас или се темели на голи лаги. Да ве потсетам, таа политика тргна од ставот дека "терористите треба да бидат дистанцирани, изолирани, исклучени од политиката". Гола лага! И не беше прва. Сите Македонци се чувствуваа измамени и навредени по којзнае кој пат. Тие Македонци, кои имаат и чувства, и не размислуваат само со фразите на политичкиот жаргон, воопшто не рекоа дека бомбата е контроверзна. Напротив, таман е, можеби мала. За оние другите, бомбата па и истрелите во Парламентот, требаше да бидат сигнал дека одат на лош пат.

МС: Пред изборите, на Нашкиот трибунал, повикувавте на народен преврат и преодна експертска влада. Сепак, се одржаа избори, на кои народот им даде доверба на, условно речено, големите партии...?

ЈОРДАНОВСКИ: Големи можат да се наречат само според големината на нивните лаги и манипулации. Вистинската големина е нешто друго. Времето само го потврдува она што и тогаш го говорев. Доказ е тоа што на сегашната Влада ништо, ама баш ништо не & поаѓа од рака. И тоа не е случајно, кога сите потези се изнудени, а резонот на кој се темелат е сосема извитоперен. Во услови на олку деформиран демократски амбиент, на деградација на институциите, отсуство на морал и принципи, ништо друго и не може да се очекува. Само натамошна поларизација по етничка, партиска и социјална основа. А бидејќи проблемите се игнорираат, фрустрацијата и гневот кај народот само се таложи. Според Ајнштајн, еден проблем не може да се реши со истиот начин на размислување со кој во него се западнало. Длабочината и сериозноста на дефектите во македонското општество се такви што нема шанси да се решат со едно сменување на власта на избори. Имаме доволно докази за тоа. За жал, а можеби за среќа, од нас се бара многу повеќе од следење предизборни кампањи и заокружување гласачки ливчиња позади параван.

МС: Но, демократијата признава смена на власта само на избори, еднаш на четири години или на предвремени избори.

ЈОРДАНОВСКИ: Во демократијата можеби, но ова што денес во Македонија се случува само се маскира, се крие зад поимот демократија. Самиот факт што 75 отсто од граѓаните не & веруваат на Владата, а можеби 90 отсто не му веруваат на Претседателот, да не речам го исмеваат, а тие се се уште тука, е очигледен доказ на дефектот. Да не зборуваме за одлуките што такви луѓе ги носат во име на народот и државата. А предвремени избори во Македонија уште се само теоретска можност. Да не се лажеме, македонската држава само се нарекува демократска, а всушност е олигархија. Демократијата е многу повеќе од притискање копчиња по нечиј налог. Овде станува збор за една симбиоза меѓу криминална финансиска моќ во спрега со нивни извршители камуфлирани во носители на јавни функции. Како маша во оваа папочна врвца стојат медиумите, со мали чесни исклучоци, кои ја контролираат политичката понуда. Сите си имаат свои газди, и следствено - свои вистини. За нив народот е "маса" која пред избори треба да се зашемети со вакви или онакви ветувања, најчесто лични и сосем приземни, додека заокружи каде што треба, а потоа е само товар или е потполно заборавен.

МС: Дали тоа значи дека треба да се менува политичкиот систем во Македонија?

ЈОРДАНОВСКИ: Напротив, треба да се воспостави системот којшто сега постои само про форма. Разликата е во тоа што работите треба и суштински да бидат она за што се претставуваат. Односно, работите, а особено луѓето, да си дојдат на своето место.

МС: Па како тоа може да се направи, ако на избори не може?

ЈОРДАНОВСКИ: Ние тоа го нарековме народен преврат. Тоа не подразбира насилство, иако се случува по сила на волјата на народот за коренита промена и можност за нов почеток. Народ што не соборил ниту една своја влада никогаш нема да биде земан сериозно предвид. Тој преврат, колку и да не е насилен, трајно ќе го измени односот на носителите на власта кон сопствениот народ. Нивните столчиња ќе станат многу пожешки, а ризикот што го носи јавната функција многу поголем. Тој народ, сега доведен до ѕид, понижен и исцрпен, ќе бара брзи и видливи резултати. Се разбира, во таква ситуација нема секој да се осмели да преземе таква одговорност, туку само оние што имаат доволно знаење и авторитет да се нафатат на таква задача. Затоа по народен преврат е можна само стручна влада, која би работела во режим на голема ургентност, сообразно со критичноста на моментот во економска, социјална и безбедносна смисла. Нужни се решенија сега, зашто луѓето веќе не можат да живеат во имагинарен свет проектиран во далечна иднина. Цели генерации живуркаат во постојано исчекување на нешто (влез во ЕУ, НАТО, влез на странски капитал), се додека еден ден некој не ги извести дека тоа нешто и не било нешто особено, или биле фикција. Наместо подобро утре, ќе мора секој момент да се гради подобро сега. Правда сега, грижа - сега, вистина - сега, почитување на сите закони и прописи, почнувајќи од најситните - сега. Само со таков пристап може да се врати ентузијазмот кај сите граѓани, што е предуслов за излегување од агонијата.

МС: Дали е можно таков преврат да се изведе? Таков обид би наишол на отпор кај оние чии интереси ги загрозува.

ЈОРДАНОВСКИ: Секој момент кога се заедно оние чии животи се загрозени, чие национално достоинство е погазено, сите кои чувствуваат дека државата им оди во пропаст, значи секој таков момент на народно заедништво го истакнува заедничкиот проблем и сам по себе го сугерира решението. Не случајно, последниве две години, секое и најмало собирање на народ, без разлика на поводот, се завршува со обид за влез во Парламентот. И не случајно секоја влада прави максимални обиди да го оневозможи или да го разбие секое собирање на народот. Кога се заедно и во поголем број луѓето стануваат посвесни дека моќта е во нивните раце. Значи, секој народен собир е можност да се постави тоа прашање. Пред нас е голем народен собир, кој има длабоко историско и духовно значење за секој Македонец. Тоа е Илинден. Затоа таа пресвртна точка, таа црта по која се раскрстува со овој начин на водење на државата, и воопшто со овој модус на живеење, мора да се постави тогаш.

МС: Значи ли тоа дека ќе го искористите народниот собир во Крушево за народен преврат? Дали тоа би било злоупотреба на собирот по повод стогодишнината од Илинденското востание?

ЈОРДАНОВСКИ: Не. Токму напротив. И превратот е востание во духот на двата Илиндена, иако со различни средства и различни околности. Превратот е ненасилно, а духовно ментално и интелектуално востание против безумието, глупоста и човечката нискост. Само превратот може да им го обели образот на сите Македонци, соочени со големината на она што Илинден за секој од нас го носи. На овој Илинден во Крушево, во тој македонски Ерусалим, нема место за полтроните и компромисерите кои глумат политичка елита, а со својот кукавичлук и себичност, со нискиот морал и со приземноста на својата животна филозофија се вистинска негација на се она за што живееле и се жртвувале Илинденците од 1903.

Изминатава деценија, па и повеќе, овие слепи водачи длабоко го навредија, го понижија и го осиромашија македонскиот народ и не се достојни да застанат пред него. По овој Илинден тие ќе заминат во заборавот на македонската историја, а македонскиот народ ќе се врати на патот на своите доблесни предци.

МС: Добро, дури и таа политичка елита, што ја нарекувате полтронска, да биде избркана или воопшто да не се појави во Крушево. Што може народот да направи?

ЈОРДАНОВСКИ: Идеално би било да не се појавува, за народот да не мора да си ги валка рацете и да ги брка оттаму. Без нив овој народ може многу повеќе и многу подобро отколку со нив. За почеток ќе ја констатира состојбата, односно превратот. Ќе прогласи дека Владата и Собранието се распуштени и ќе биде прогласена народната влада, составена од стручни и угледни луѓе, кои уште сега се препознаени во јавноста по својот досегашен ангажман. По својата принципиелност и незамешаност во дневно-политички интриги. Тоа ќе биде влада на национален консензус. Ќе биде повикана војската и полицијата максимално одговорно да си ги извршува задачите за да се спречи секаков вид неред или насилство. Прославата ќе продолжи според замислениот протокол, само без крлежите кои не се достојни да го изговорат зборот Илинден, што на празникот ќе му ја даде вистинската смисла и значење. Следниот ден сиот народ ќе биде повикан на свечено преземање на должноста на народната влада во Собранието. Од тој момент сите ќе можеме да почнеме и поинаку да размислуваме и поинаку да се однесуваме. Да го оставиме зад нас сето она што не чинело и секој од нас да се труди исправно да постапува во секој момент. Труд, правда, чест, знаење - тоа ќе бидат светите зборови за Македонија и тоа ќе биде новото име на патриотизмот. Прво ќе погледнеме секој во себе, колку секој од нас е исправен во секој поглед, а потоа ќе бараме од сите други да бидат такви - од првиот до последниот. Многу бргу ќе се види дека проблемите што сега изгледаат нерешливи, се всушност производ на духовната и морална беда која со години се промовира и се негува од највисоко ниво.

МС: Дали очекувате странскиот фактор да се спротивстави на превратот, со оглед на тоа што и до сега длабоко е вмешан во политиката што се води во Република Македонија?

ЈОРДАНОВСКИ: Еднаш ќе мора да се постави црвената линија која ќе означи во кои работи може, а во кои не може да се меша т.н. меѓународна заедница. Таа линија сега е толку погазена што Македонија се претвори во марионетска држава, без идентитет. И тоа повеќе по заслуга на оние што ја водеа македонската држава, отколку по заслуга на самите странци. Тие тргнуваат од погубни тези дека Македонија е бедна земја, со неспособен народ, без потенцијали и вечно мора да моли некого за нешто. Знаете, има едно правило кое важи и за поединци и за држави - "Почитувај се себе си, за да те почитуваат и другите". Нашите гарнитури ниту некогаш се почитувале себе си ниту својот народ, па така и ја водеа државата - како слуги што постојано ја држат испружена раката. Онаа бедна милостина што ќе ја добијат, веднаш ја трошат на ракија и комар, додека децата им се гладни. Такви луѓе тешко некој може да почитува. По превратот, работите ќе се вратат на свое место и ќе мора да се прави се ама баш спротивно од она што до сега сме го гледале.

МС: Зошто мислите дека експертската влада ќе може да ги реши проблемите што не можеа да ги решат досегашните влади?

ЈОРДАНОВСКИ: Начинот на владеењето е определен од начинот како некој доаѓа на власт. Ако некого го издигнале до таму моќни финансиери со купови пари, медиуми со скапи кампањи или странски држави со своја логистика, или со извитоперени избори, тој така и ќе владее - примерено за нив и нивните интереси. Затоа некои криминалци можат, а некои не можат да се апсат. Ако некој е донесен од народот на рамо, тој ќе мора да му служи на народот и ќе може да ја бара неговата поддршка во секој момент. Секој се приклонува онаму каде му лежи силата. И се разбира, од него и се плаши. Тоа е суштинска разлика меѓу народна влада донесена по преврат и коалициона влада каде се се случува под притисок, со пазар, со поткупи и со измама. Затоа, народната влада е во поинаква позиција во однос на проблемите, и тоа е клучно. Инаку, постои една кратка и јасна програма, со која луѓето што треба да настапат се согласни дека мора да се спроведе. Таа, за жал, не успеа да допре во јавноста, бидејќи до неодамна постоеше отпор кај медиумите на самото спомнување на можноста од преврат. Но, тоа не е најважно, зашто програмите не се тие што ги решаваат проблемите, ами луѓето. Што точно треба да се прави најдобро и во детали знаат тие што треба да дојдат. И тоа за местата каде што треба да дојдат, а не за се и сешто, како досега. Кога ќе се увериме дека работите почнале да функционираат, ќе почнеме да си ја гледаме својата работа, но претходно уверени дека и другите, особено тие што ја водат државата, го прават истото. Тоа сите го посакуваме - буквално да се одмориме од политиката, но за тоа да се случи треба сите заедно да дадеме свој прилог во тој правец. А правецот, најконкретно, е еден - на Илинден во Крушево, по Илинден во Скопје пред Парламентот.


На 2 август, на Илинден

Борис Трајковски ќе биде протеран!

Сигурен сум дека не остана ниту еден Македонец кој не ја почувствува горчината на секојдневното живеење без смисла. Но, исто така сум сигурен и во тоа дека секој од нив е подготвен да скокне и да ги парчоса прангите во кои го оковаа еден мал број однародени и алчни сонародници. За жал, овие вториве секогаш успеваа да се искачат многу високо во хиерархијата на власта, каде што се кроеја нашето секојдневие и иднината на нашите деца. На тоа мора да му се стави крај! Поголемо понижување од фактот дека нас како народ не претставува и застапува "човек" со најниски, за презир вредни особини - Борис Трајковски - нема. Затоа, на овој голем јубилеј - 100 години од Македонската Крушевска Република - тој човек ќе биде - политички поништен. Фактот што припаѓа на човечкиот род не смее да не залаже и да не обескуражи во нашата конечна намера да ставиме крај на неговото погубно дејствување. Доколку Господ Бог, сепак, не го поучи и заштити од сопственото плиткоумие, и тој се појави во Крушево, тогаш ќе му пресудам јас - Мирко Христов, лично и конечно!! Сакам, можам, а знам и како. Истото тоа се однесува и на сите тие коишто изминативе 13 години, од најприземни можни мотиви беа претседатели, премиери, пратеници, министри, или некакви си лидери на партии. Во Крушево и на Мечкин Камен, на Илинден 2003 година нема место за среброљупци и предавници. Освен - на колена, покајнички, со јавно признание за сите сторени, па и за сите испланирани, а се уште нереализирани злодела.

Македонија од овој Илинден ќе заживее со исправена глава и вистински горда на своето минато, кое ќе стане патоказ на нашата иднина. Гнилото човечко ткиво кое се накоти последнава деценија, сепак е премало за да се плашите од него. Новата вистински народна власт ќе биде воспоставена веднаш - на трети август, во зградата на македонското Собрание (Парламентот) и на нејзината промоција повикани се да присуствувааат сите граѓани на сегашната ФЅРОМ. Омраза нема и нема да ја има. Но, сеча ќе има - на сите оние кои народот ќе ги прогласи за виновни. Така било отсекогаш, така ќе биде и сега.

Од името на македонскиот

народ и граѓани, Мирко Христов -

пешакот од Струмица


Револуционерниот Совет го сочинуваат:

Жарко Јорданоски, Светомир Шкариќ, Љубомир Цуцуловски, Атанас Јовчевски, Живко Поповски, Мирослав Стојановски, Горан Стојков, Жан Митрев, Љубомир Кекеноски, Ѓорѓи Стојановски, Ангел Шумански, Мирка Велиновска, Аце Коцевски, Милчо Манчевски, Никола Груевски, Тито Петковски и Мирко Христов.

Јас, Мирко Христов ги повикувам сите членови на Македонскиот Револуционерен Совет да ги извршуваат своите подготовки во духот на договореното и

во согласност со обврската кон сопствениот народ и држава!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"