ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ПИСМО ДО ПЕТАР ГОШЕВ, ДА ГО ПРОЧИТА БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ

Гог ма Гог

За маж, добар маж, велат нема ништо полошо кога од љубовник ќе стане женски - пријател. А, на министерот за финансии му препорачуваат никогаш да не му биде борчлија на народот! Кај нас "в село" кај заврти се асли мажи саде кафе пијат со жени, а Петар Гошев до гуша борчлија на тутунарите, пиперкарите, градинарите, ѕидарите... Мора да го "вади" Премиерот со една одамна позната деловна флоскула: "Можеше и повеќе и подобро!".

Добро, бе премиере, до кога "можеше"? Зошто да не биде "може и е, повеќе и подобро?!"

Во една стара македонска народна приказна се раскажува за еден син на една мајка што имал план... По смртта на татко му, синот & рекол на мајка му: "Стара, да продајме едно нивче, и така имаме многу, и да почнам бизнис?". Немој синко, немој мајко, татко ти не знаеш со каква пот и мака ги печалеше! Знам мори мајко, ама имам план, ќе спечалам повеќе, ќе видиш!". Видела не видела, мајка му се согласила. Синот го продал прво едното нивче, па другото, па третото... Продал цело поле. Една ведра летна ноќ, се враќа "наврнат" дома. Синко бе, го прашала мајка му, шо стори со планот? Мајко, јанлаш план!

Како беше она кога новиве ја задоа власта од старите? И тие имаа план, план ипол. Ама полека, не министерот, туку Премиерот признава дека планот јок, не се исполнува. Борчлии сте му премиере, Ти и министерот за финансии на овој народ. Народот пак не знае кому му е борчлија. Од некаде доаѓа сиромаштијата, Господ ќе знае од каде?!

Зошто министре Гошев, Ти го пишувам ова писмо, да го прочита Бранко Црвенковски? Мислам оти сите чекори што ги правиш, а поголеми чекори воопшто не правиш, ми личат на апсурдите што ги создаваше логиката, на Тебе и мене добропознатото планско стопанство, кога наместо банките, пари даваа комитетите, а арбитражата наместо судиите, ја изведуваа ген-секретарите. Не знам јас колку Македонија има пари, но не е без пари, сигурно.

Од големите надежи што му беа испраќани на народот преку "невестинско огледалце" обично на Тодорица, остана само огледалцето, а надежите полека пропаѓаат. Македонија ја "хранат" се на се околу стопечеесет илјади работници. Се друго се или пензионери, или чиновници, или стечајци, или избркани од работа... Во таква држава на која секоја донација од дваесетина илјади до дваесетина милиони долари & се како Велигденско јајце, не знам како Ти е ујгун да бидеш клучар на државната каса?!

И премиерот Бранко не е многу по шетањето ваму-таму, ама Ти брату Гошев, дибидус си "укотвен" во Скопје. Од изборите, кога ја шпарташе "четворката", не си цапнат ни во Прилеп (пардон, беше на премиерата на Платнарот), ни во Кавадарци, ни во Струмица... Си заборавил како изгледаше селото, а од градовите го познаваш само центарот на Скопје. Селото умира што умира, ама во кома почнуваат да паѓаат и Струмица и Штип и Кавадарци и Битола. Таму, што е најтажно, пропаѓа се што е или беше индустрија. Имам впечаток дека како во стара Кина, по наредба на царевите, не работат ни водениците.

Карикатуристите и натаму продолжуваат да ги прикажуваат (ретките) странски инвеститори како "дебели буржуи" кои доаѓаат во Македонија да се богатат на "грбот на народот". Тоа не е поважен податок ни за политиката, ни за економијата. Министер задлабен премногу во чекмежето, не е баш добар министер. Можеби не сум во право, ама Ти господине Гошев, ми се чини како да имаш "природен страв" од ММФ и Светската банка. Има работи кои тие мисионери на доларот не ги знаат, а можат да ги научат ако некој им ги објасни како што треба. На пример, дека Македонецот никому никогаш не му останал борчлија. Нека прашаат кој селанец не си ја платил сметката за се што произведува и добива услуги. Ама ако селаните отворат уста кој се им должи по белосветските коридори, ќе се усрамат тие што ги водат селаните и граѓаните.

Нејсе, писмово до Тебе министре, не е само за Тебе. Цела Влада е стасана да & се напишат - реферати. На народов му се смачи да молчи. Сака нешто и да каже, па макар понекогаш ќотек да - јаде!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"