ИНТЕРВЈУ

Ѓорѓи Петрушев, државен секретар во Министерството за економија

ВО ЕУ-КЛУБОТ НЕ СЕ ВЛЕГУВА СО ВАЛКАНИ ЧЕВЛИ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Со пристапувањето кон СТО, Македонија прави чекор напред во приближување и кон критериумите на стандардите на ЕУ. Со тоа се исполнува нашата крајна цел, РМ да стане полноправна членка и на оваа организација, што од своја страна носи дополнителни стопански придобивки.
  • Не би сакал да бидам во кожата на тие луѓе кои со години се во неизвесност. Имаат перцепција дека нивното претпријатие живее, а всушност фирмата во којашто работат одамна е финансиски и економски уништена. Загубарите се исто така дупка без дно и за Буџетот.

МС: Господине Петрушев, неодамна македонските економисти од Охрид & порачаа на Владата да се сврти кон економијата на понуда на нов инвестиционен циклус. Ваш коментар?

ПЕТРУШЕВ: Република Македонија постигна напредок во реструктурирање на својот политички и економски систем уште од почетокот на процесот на транзиција, меѓутоа, пошироката регионална политичка нестабилност влијаеше на имиџот на земјата.

Сепак, Владата на РМ прави одлучни напори за одржување на економскиот развој и зголемување на животниот стандард. Меѓународната заедница и приватните инвеститори се во голема мера свесни за важноста на реформата која се спроведува. Во таа смисла, би потсетил на неколку тековни активности. Пред се, имплементацијата на стратегијата за финализација на процесот на приватизација (јавна лицитација) преку Македонска берза. Како второ, тоа е транспарентноста во процесот на издавање лиценци за увоз и реекспорт преку воведување на принципот "прв дојден, прв услужен", важен чекор во обидот да се намали корупцијата. Како трето, би го споменал иницирањето на програмата за развој на мали и средни претпријатија (МСП), вклучувајќи нова агенција за имплементација формирана за да се стимулираат почетни бизниси и компании во развој. Ова е почеток, но тоа не е доволно. Моменталната економска средина, а не помалку и нивото на невработеност, бараат повторно да се размислува за политики на инвестирање, домашни или меѓународни, за да се забрза темпото на развој. Сега кога процесот на приватизација се ближи кон крајот, нема лесни опции за стимулирање на инвестиции. Во исто време, итно е потребно подобрување на основите на вршење бизнис во РМ, за да се зголеми нашата привлечност, продуктивност и конкурентност наспроти нашите конкуренти во регионот на Југоисточна Европа и подалеку.

ИНВЕСТИЦИИ

МС: Приливот на странски капитал во РМ не е според очекуваните проценки. Што треба да направиме за да бидеме попривлечни за влез на странскиот капитал?

ПЕТРУШЕВ: Како причини за изостанување на очекуваниот обем на инвестирање во Македонија можат да се наведат повеќе причинители како: кризата во регионот, раситнетост на акционерскиот капитал во новоприватизираните претпријатија и недоволната обученост на менаџерите за работење во новонастанатите пазарни услови, незаокружена хармонизација на легислативата и несоодветен третман на странските инвеститори, нетранспарентни, бројни и долги административни процедури, хендикеп на мал пазар. Исто така, како причина се наведува и недостатокот од единствена и координирана стратегија на бројните институции во РМ кои се занимаваат со промоција на инвестициите, како и субјективен фактор - отпор на вработените и менаџментот за влез на странски инвестиции.

Кризата во регионот во разни облици е присутна во Македонија од самото нејзино осамостојување. Всушност, по некое непишано правило Македонија секоја втора година се судруваше со одредени проблеми од екстерна природа кои економски го дестабилизираа и финансиски исцрпуваа нејзиното стопанство, правејќи овој регион неатрактивен за инвестирање. Најнапред тоа беа ефектите од распадот на Југославија, потоа ембаргото од Грција и ембаргото кон Србија, потоа бегалската криза и на крајот воените активности кои го зафатија северозападниот дел на Македонија, но оставија длабоки траги во целата економија.

Имајќи ги предвид странските инвестиции како двигател на развојот на македонското стопанство, значајни реформи се прават на полето на отстранување на бариерите за влез на странските инвеститори, поедноставување на процедурата за регистрирање на претпријатијата со странски и мешовит капитал, како и примената на систем на мерки и инструменти кои ја обезбедуваат сигурноста на инвеститорите.

МС: Економски гледано, нашата држава е на работ од пропаста. Безработицата, отпуштањата од работа, сиромаштијата и бедата се на секој чекор. Има ли излез?

ПЕТРУШЕВ: Секако дека има излез, но се разбира дека излезот не може да дојде без многу напори, без упорна работа во спроведувањето на развојната политика и целите на РМ. Можеби е претерано да се каже дека државата економски е на работ на пропаста, но верувам дека перцепцијата на обичниот човек на улица е токму таква. Излезот е токму во истрајноста на она што се спроведува сега како политика на реформи коишто треба да ги намалат трошоците на големата јавна администрација и со тоа да го намалат товарот врз стопанството, да му остават повеќе пари за инвестиции и вложување во развој и отворање нови работни места. Истовремено излезот е во создавање на еден подобар амбиент каде секој којшто во себе го носи оној претприемачки дух ќе може слободно да работи за да излезе од зоната на сивата економија. Излезот е и во отворањето кон европскиот пазар и користењето на можностите што ги нудат договорите на слободна трговија. Македонија самата е мал пазар, но е голем пазар ако се има предвид дека договорите за слободна трговија обезбедуваат пристап до 500 милиони потрошувачи.

МС: Република Македонија стана членка на СТО. Кои се предностите со членството?

ПЕТРУШЕВ: Ефектите и придобивките од влегувањето на РМ во СТО се долгорочни и не се со веднаш видлив ефект. Како придобивка е зголемувањето на конкурентноста и намалување на цените на стоките и услугите, односно добивање на крајни производи со подобар квалитет и пониска цена. Поголема транспарентност и предвидливост на одвивањето на трговијата, која нашата земја ја постигна со целосно прилагодување на постојната законска регулатива со правилата на СТО. За оваа цел Собранието на РМ усвои низа нови закони и направи измени во постојните и се вклопи под чадорот на СТО со што направи државава да биде поволна клима за странски инвестиции. Придобивка е и зголемувањето на директните странски инвестиции што ќе овозможи отворање на нови работни места и намалување на бројот на невработените. Македонскиот извоз стекнува третман на најпривилегирана нација кај земјите членки на СТО со што македонските компании ќе имаат олеснет пристап на пазарите на земјите членки на СТО. Исто така, се обезбедуваат услови трговијата да се одвива непречено и колку што е можно послободно. Тоа ќе им овозможи на компаниите во РМ поедноставен трансфер на технологии и знаење, а во насоката на подигање на развојот на економијата на земјата и животниот стандард на населението. На овој начин со пристапувањето кон СТО, РМ прави чекор напред во приближување и кон критериумите на стандардите на ЕУ. Со тоа се исполнува нашата крајна цел - РМ да стане полноправна членка и на оваа организација, што од своја страна носи дополнителни стопански придобивки.

СТАНДАРДИ

МС: За извоз на македонски производи на пазарот на ЕУ потребно е почитување на пропишаните европски стандарди за квалитет. За жал, ние сме далеку од таквите стандарди. Зошто?

ПЕТРУШЕВ: Многу е тешко да се даде прецизна оценка за влијанието врз меѓународната трговија од потребата за задоволување на различни странски технички прописи и стандарди што значајно ја зголемува цената за производителите и извозниците. Општо ова зголемување на цената доаѓа од преводот на странските прописи, ангажманот на експерти да ги објаснат странските прописи и адаптирањето на производните линии да ги задоволат тие барања. Дополнително има потреба и од потврда дека извезениот производ ги задоволил странските прописи. Високата цена може да ги обесхрабри производителите од обидот за извоз. Во отсуство од меѓународна дисциплина, постои ризик од тоа дали техничките прописи и стандарди се усвоени и применети со цел да се заштити домашната индустрија. Техничките прописи и стандарди ги дефинираат специфичните карактеристики на производот како што се нивната големина, дизајн, функции и перформанси, или пак начинот на нивното означување или пакување пред да бидат пуштени во продажба. Најголем број на техничките прописи и стандарди се усвоени со цел за заштита на човечката безбедност и здравје.

МС: Воведувањето на системот за квалитет НАССР е законска обврска и во РМ наскоро ќе биде еден од основните предуслови за реализација на извозот на прехранбени производи во земјите на ЕУ. Какви поконкретни мерки презема Министерството за економија?

ПЕТРУШЕВ: Прехранбените производи се традиционално еден од основните извозни потенцијали на РМ и без почитување на стандардите за квалитет и НАССР тие тешко ќе можат да го најдат своето место на пазарот во ЕУ. Тоа беше согледано и од страна на Министерството за економија. Ние веќе во таа смисла преземаме одредени активности. Во зацртаните планови е организирањето на едукативни семинари на кои производителите на прехранбени производи ќе се запознаат со она што претставува НАССР. Во наредниот период се планира со оние средства со кои располага Министерството за економија и да се партиципира во воведувањето на овој систем во претпријатија кои се заинтересирани да го воведат овој систем. НАССР не е стандард од типот на ISO, туку тоа е систем на идентификација и елиминација на критични точки, ризични точки во процесот на производството кои би довеле до несакани ефекти.

МС: Стопанствениците се жалат дека законската регулатива за трговското работење е рестриктивна, а за отпочнувањето со бизнис државата ги оптоварува инвеститорите со тромава и непотребна администрација. Зошто има такви проблеми?

ПЕТРУШЕВ: Владата ја изрази својата поддршка за иницирање програма за реформи од широк спектар за да се утврдат административните бариери и ним да им се пријде со структуриран дијалог со бизнис заедницата и користење на законодавни инструменти како што се Акционен план за намалување на административните бариери за инвестициите. Владата во соработка со проектот на Светската банка - ФИАС, се обиде да добие поширока слика за бариерите за инвестирање и бизнис активностите. Спроведените анализи покажуваат дека реформите "на хартија" во најголем дел беа проценувани како соодветни и задоволителни, но постоеше голема разлика меѓу теоријата и практиката.

МС: Проблемот со загубарите е рак рана на македонското стопанство. Кое би било најбезболното решение?

ПЕТРУШЕВ: Во голема дилема сум дали да кажам дека има безболно решение. Можеби решението лежи во што побрзото решавање на загубарите. Не би сакал да бидам во кожата на тие луѓе кои со години се во неизвесност. Имаат перцепција дека нивното претпријатие живее, а всушност фирмата во којашто работат одамна е финансиски и економски уништена. Загубарите се исто така дупка без дно и за Буџетот. Оваа година структурните реформи го чинат буџетот 30 милиони евра. Можеме само да претпоставиме што тие пари би значеле за развојот на малото стопанство за поттикнување на самовработување на вработените во загубарите или пак за растоварување на даночниот товар. Што побрзото преструктуирање, што побрзата продажба, со цел да дојдат нови инвеститори коишто знаат како и имаат идеи и пазари и средства се важни елементи за решавањето на загубарите. ФЕСАЛ 2 аранжманот е начин на решавање на најголемите загубари на РМ во договор со Светската банка преку стечајна постапка, ликвидација, како и отворање на меѓународен тендер за да се изнајдат локални и странски инвеститори. При тоа ангажирана е и консултантска куќа која врши анализа на состојбата на фирмата и подготовка на тендерска документација, како и маркетинг на фирмата со цел привлекување на инвеститори. Битен елемент за заживување на македонската економија е потенцијалниот купувач да продолжи со истата дејност со која се занимавала компанијата. Во објавувањето на меѓународниот тендер нема почетна цена како и бројот на вработените кои би биле ангажирани ако фирмата продолжи со истата дејност.

МС: Вие сте еден од поверениците на Предлогот за донесување закон за заштита на потрошувачите. Колку еден ваков закон & е потребен на Република Македонија?

ПЕТРУШЕВ: Категорично многу & е потребен. Секој ден сме сведоци на постојани жалби и поплаки на потрошувачите кои се измамени при купувањето на некој поризвод кој не соодветствува на пропишаните квалитети. Една земја мора да се грижи за своите потрошувачи. Идејата на овој закон е да ги вгради најдобрите меѓународни практики во заштитата на потрошувачите. Истовремено со законот се посочува кому потрошувачот може да му се обрати во случај да е оштетен. Законот е работен заедно со невладиниот сектор со ОПМ, екпертите на ЕУ. Законот сака да го стави потрошувачот во центарот на универзумот.

МС: Каде ја гледате РМ во наредниов период, со оглед на фактот дека дури за една деценија може да очекуваме прием во европското семејство?

ПЕТРУШЕВ: Неодамнешниот Самит во Солун, односно во Порто Карас, испрати јасна порака. Кога станува збор за земјите од западен Балкан веќе не е прашање дали ќе се влезе во ЕУ, туку прашање е кога! Тоа беше повторено во повеќе наврати по Самитот, но ЕУ исто така ни кажува дека тоа "кога" зависи најмногу од нас. Зависи од тоа колку ние ќе ја смириме внатрешната политичко-безбедносна ситуација. Таа е значително подобрена во споредба со минатиот период. Тоа никој не може да го оспори, не може да го негира. Борбата против корупцијата е бескомпромисна. Потоа владењето на правото, ефикасноста на судството, но и реформите во економијата. Хармонизацијата на законодавството со она на ЕУ. Кога говорам за хармонизација не мислам само на препишување на законите, туку и на начинот на нивната примена. Не е доволно само да се изменат законите, туку мошне е битно како тие ќе се применат. Верувам дека ќе истраеме во патот за влез во ЕУ. Тоа не е нешто што зависи само од Владата, од политиката, туку тоа зависи од сите граѓани на РМ. Активноста на државава во процесот на евроинтеграции е нешто што треба да има консензус кај сите. Неопходна ни е внатрешна стабилност, постојана активност во меѓународните иницијативи и постојани активности за исполнување на условите за влез во ЕУ. Тоа е еден клуб којшто ќе ви дозволи да влезете само ако ги почитувате неговите правила. Вратата ни е подотворена, но од нас самите ќе зависи дали ќе влеземе. Во клубот не се влегува со валкани чевли.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"