топијата дека охридскиот мировен
Дого-вор од 13 август 2001 година ќе ги реши проблемите меѓу етничките
заедници и македонскиот народ полека се покажува дека е само утопија и ништо
друго. Она што расформираните качачко-балистички формации го пропагираа и
практикуваа на теренот, деновиве стратешки и плански го дотуркуваат до
крајот оние кои наводно беа против екстремизмот и насилството. Од ден на ден
се појасно се покажува дека македонската воена драма не беше ништо друго
освен фашизоидна амбиција на средновековните албански умови за етничко
разграничување на балканските простори секаде онаму каде што живеат "обесправените".
Џафери деновиве со новата платформа за самоопределување на Албанците во
Република Македонија не кажа ништо ново. Тој секогаш го кажува истото, на
софистициран и проевропски начин, со софистициран и кристално разбирлив
речник. Џафери тоа го прави уште од првиот ден откако стапна на македонската
политичка сцена. Но, никогаш не беше докрај разбран од спротивната страна,
македонската. Секогаш знаеше вешто да ја изманипулира, да ја спушти на земја,
да & придаде епитет на недорасната национална идеја на македонскиот народ
кој отсекогаш го сметал за вештачка творба на луѓето од 20 век. Македонските
провинцијалци во него гледаа гарант на мирот, стабилноста и безбедноста во
западниот дел од државата. Никогаш во него не гледаа радикал, не гледаа
опасен човек кој еден ден мајката ќе им ја расплаче во корист на неговата
кауза.
ЗАЛОЖНИЦИ
За тоа најдобро говори сведочењето на поранешниот македонски претседател,
Киро Глигоров кој вели: "Кога разузнавачката служба пред крајот на мојот
мандат дојде до снимки како Албанците формираат чети, како вежбаат, копаат
ровови во едно село близу до Скопје јас го повикав нашиот Совет за
безбедност. На сите им ги поделив снимените материјали и им реков: ова е
сериозна работа, дајте да видиме што ќе правиме и како ќе правиме".
Тогашниот премиер Љубчо Георгиевски рекол дека ситуацијата е под целосна
контрола и дека тој има гаранции од неговиот коалиционен партнер, Арбен
Џафери, дека ништо нема да се случи и нема потреба да се возбудува
раководството. "Кога Георгиевски така регираше на моето предупредување за
албанските бунтовници, веднаш сфатив дека со тоа е означен крајот на
состанокот на Советот за безбедност" - вели во своите сеќавања Глигоров.
Со тоа е јасна тезата дека поранешниот премиер бил комплетно заложник на
идеите на Џафери и неговата стратегија за албанските права и слободи. Ниту
Тупурковски со своето обемно искуство како дел од тогашната Коалиција за
промени не успеа да промени нешто во стратегијата на албанскиот вожд па дури
предвреме се повлече како човек од збор поради неисполнетите ветувања дадени
за време на изборниот циклус во 1998 година. Се уште останува енигма
неговата платформа за историски договор со Албанците, се уште се непознати
начелата на замислениот проект на алтернативецот кој по кризата само нафрли
дека доколку го послушале, работите немало да се одвиваат онака како што се
одвиваа. По свадба тапани. Македонското домино очигледно не е завршено. Се
турка нов проект од речиси сите албански политички сили во државата без
исклучок. Не е за чудење радикализирањето на позицијата на двете најстари по
стаж партии кај албанскиот политички ешалон, ДПА и ПДП, но уште повеќе
загрижуваат потезите на владејачката ДУИ кои оставаат простор за
приклучување кон идејата на нејзините опоненти доколку македонскиот дел од
власта не понуди брзи и конкретни решенија за проблемите кои се влечат
повеќе од десет години кај албанското малцинство во Македонија. Додуша ДУИ
никогаш јавно и отворено не се произнел по таквите прашања, но ниту ги
оспорува и осудува најавите на опозиционерите за разграничувања, поделби и
самоопределувања. "Оние кои ги отфрлаат охридските принципи ја попречуваат
нивната имплементација, како и интеграцијата на Македонија во ЕУ и во
другите меѓународни институции. Тие ризикуваат самите себе да се
маргинализираат во домашната и меѓународната политика", се потенцира во
заедничката изјава на претставниците на меѓународната заедница во земјава.
Меѓународен политички блеф. Тотално ништо не значи за стопирање на лудата
идеја на Арбен. Сметате дека Ирена Ѓузелова го исплаши првиот Албанец на
Балканот со предупредувањето дека ќе биде маргинализирана неговата политичка
партија и лично тој како индивидуа? Се сомневам. Напротив таквите благи и
невпечатливи осуди со форма на закана само ги окуражуваат политичките
репрезенти на зацртаните проекти да продолжат до крајот, се до реализирањето
на целта која е јасна и одамна позната на домашната и меѓународната јавност.
КРВОЛОЧЕН ВОЖД
Политиката на албанските политички чинители во Македонија ги нема на себе
веќе маските кои неколку години ги носеше. Отсега почнува се со отворени
карти, без лавиринти, заобиколувања и одење по споредни патишта. "ДПА ќе се
ориентира кон нови насоки и решенија за создавање нови држави" - е
заклучокот од Конгресот одржан неодамна во Тетово. Сега е дојдена таа фаза.
Кога институциите на системот се заслабнати, кога државата ја нема истата
моќ која ја имаше до пред воената криза полесно може да се атакува по
нејзините темели и столбови, полесно може да се скрши нејзиниот отпор,
бидејќи таа делумно е на коленици пред узурпаторот. Нивното мото е "За нови
визии". Доаѓа на сцена врвот на кулминацијата од надуваниот балон кој се
ширеше цела декада од Косово, преку југот на Србија до северна Македонија.
Наскоро ќе пукне. На сите три места во истовреме. Државата сега тактизира и
го прави истото она што Георгиевски го правеше со Џафери. Добиваше гаранции
од него дека ништо неочекувано лошо може да се случи. А сепак се случи.
Кој остана поразен и измамен - Љубчо или Арбен? Дали сега Црвенковски
добива гаранции од неговиот партнер Ахмети дека ништо специфично нема да се
случи во поранешните кризни региони? Ако ги добива, му верува ли или ја
научи лекцијата од неговиот претходник дека верба не треба да се има ниту во
брат, а не пак во партнерот?
"Тоа нема шанса да се случи" е краткиот одговор на македонскиот премиер
како реплика на идејата на Џафери.
Се е исто како некогаш. Само се повторуваат епизодите од македонската
трагедија со истите актери само поставени на различни позиции на одлучување.
Интересна е тезата како приврзаниците на ДПА ја оправдуваат платформата за
самоопределување на Албанците. Велат, го добиле тоа право, бидејќи во
Преамбулата на Уставот на Република Македонија се запишани како народ. На
тоа како сосема контрастна теза се надоврзува професорот по Уставно право на
Правниот факултет во Скопје, Светомир Шкариќ: "Во Охридската спогодба
изрично е запишано дека унитарниот карактер на македонската држава и
нејзиниот територијален интегритет се неповредливи, а тоа значи дека нема
отстапување, нема самоопределување и нема отцепување, нема ни територијална
автономија што е многу битно да се подвлече, бидејќи Спогодбата забранува
етничките прашања да се решаваат врз територијална основа". Според него,
може да се зборува за лична, културна или јазична автономија, како што е
случај со Белгија, но не може да се зборува за територијална автономија или
федерализација на Македонија врз територијална основа. Тие прашања се веќе
разрешени во Рамковната спогодба, потпишана и од ЕУ и САД. Оттука,
Спогодбата не значи само остварување на правата на некогашните малцинства
кои сега се делови на народи, туку и нивна обврска сестрано и без каква било
резерва да го поддржат територијалниот интегритет на Македонија и нејзиниот
унитарен карактер.
Но, фактите се само за на хартија додека во практиката се случуваат и
спроведуваат сосема поинакви решенија.
"Имав притисок од базата задолжително да се вратам на чело на партијата,
бидејќи некои процеси во Македонија и во регионот не се завршени, а ДПА има
примарна улога како промотор на такви тенденции" - категоричен е Џафери.
Треба ли коментар на ваквите излагања и заложби? ДПА ќе работи на тоа "Македонија
да се гради како децентрализирана држава, со респект кон двонационалната и
мултикултурната реалност". Опа бато. Двонационална и мултикултурна реалност.
Некој се најде на државата да & го плесне в лице она што никој досега немаше
смелост да каже во какви води плива земјава. Овој став е вовед во
федерализација на македонската држава со визија која не предвидува никакво
друго алтернативно решение. "Договорот го потпишавме за да престане војната
и под притисок на меѓународната заедница. Ако не се спроведува, нема зошто
да го поддржуваме" - уште попрецизен е и заменикот на Арбен, Мендух Тачи.
Македонија неодложно мора да се подготви за нови искушенија, за нови
предизвици.
На потег е јавниот обвинител Прчевски кој е единствен кој треба и мора да
ги неутрализира вжештените глави на истрошените и маргинализирани политички
фигури. Но, дали тој ќе има дозвола да го стори тоа од неговиот шеф кој го
постави на таа видна функција во судската хиерархија? Ставот на Црвенковски
по тоа прашање од пред неколку години е дека бесполезни се потезите за
гонење на Џафери и нему сродните, бидејќи ќе го доведете во позиција од него
да се создаде мит меѓу народот како политички маченик. Во право ли е нашиот
Премиер кога на ваков начин го суспендира правниот систем? Од секое
премолчување и запоставување на аргументите и фактите во судските инстанци
државава ја доведовме во ваква ситуација во каква што денеска се наоѓа.
Премногу е доцна да се направат ревизии на веќе сторените работи. Но, да не
грешиме за понатаму, бидејќи истите епизоди по којзнае кој пат ни се
повторуваат. Џафери повторно јава. Време е некој да го симне од коњот.