Поповски го заборави Илинден

Во поканите што деновиве ги испрати претседателот на Собранието, Никола Поповски, по повод стогодишнината од македонската државност, го нема зборот Илинден. Поповски, како што изјави шефицата на собранискиот протокол, Славица Бицевска, инсистирал насловот на јубилејот буквално да се преземе од "Службен весник" во кој беше објавена одлуката за формирање на Одборот за одбележување на стогодишнината од Илинден.

Оригинален ракопис за животот на Делчев

Оригиналниот ракопис со биографијата на Гоце Делчев, напишан од Ѓорче Петров, е пронајден неодамна и по многу перипетии за првпат по 84 години ќе биде објавен во Македонија. Ракописот го пронајде правнукот на Ѓорче Петров, д-р Здравко Тројачанец од Скопје, во оставнината на татка си Методија, инаку внук од брат на Ѓорче Петров.

Црешовото топче во Македонија

Црешовото топче, како што соопшти владиниот портпарол Сашо Чолаковски, ќе & биде отстапено на Македонија за прославата на стогодишнината од Илинден.

Македонците - граѓани од втор ред?!

Уставот и законите не содржат механизми за заштита на македонското население кое систематски станува малцинство во сопствената татковина и тоа во општините во кои мнозинство се Албанците, ги пренесува "Дневник" тврдењата на стручњаците. Во овие општини, Македонците веќе го добиваат статусот на граѓани втор ред.

Нови 100.000 државјанства за Албанците

Пратеникот Исмет Рамадани предлага да се скуси рокот за добивање македонско државјанство од 15 на 5 години престој во државава. Бидејќи не се инстира на петгодишен непрекинат престој, тогаш се претпоставува дека со македонско државјанство ќе се стекнат над 100.000 лица со албанско потекло. Владиниот предлог е исполнување на критериум од 10 години неприканат престој за да се добие македонско државјанство.

Црвенковски можеше и повеќе и подобро

Можеше и повеќе и подобро, но треба објективно да се погледне на работите и да се оцени дека навистина можеби и очекувањата беа превисоки и преголеми, оценува премиерот Бранко Црвенковски во интервју за Радио Слободна Европа, коментирајќи го периодот од стапувањето на функцијата.

Албанците бараат војската да го напушти Рашче

Ако АРМ не ја отстрани војската од реонот на скопско Рашче, жителите на ова и на околните села од Општината Кондово во знак на протест кај Сарај ќе го блокираат влезот во Скопје и автопатот Скопје - Тетово.

Марјан Ѓуровски, портпарол на Министерството за одбрана, изјави дека изворот Рашче мора да биде обезбедуван затоа што е од стратегиски и од витален интерес и за Скопје и за државата.

Бугаринот Миронов ја тужи Македонија

Контроверзниот бугарски банкар со американско државјанство, Иван Димитров Миронов, за кого беше распишана меѓународна потерница, ја тужи Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, бидејќи смета дека македонските правосудни органи му ги прекршиле правата при апсењето, притворањето и екстрадицијата во Бугарија.

НИП-от ќе се реорганизира

НИП "Нова Македонија" нема да биде ликвидирана и вработените нема да бидат прогласени за технолошки вишок. Одборот на доверителите на куќата смета дека фирмата треба да се реорганизира и да работи, оти тоа е од државен интерес, изјави за "Дневник" Ангелина Гогушева, стечаен управник на НИП-от.

Од друга страна, меѓу деветтемина, Никола Тасев и Панде Колемишевски, поранешни генерални директори во Компанијата, и формално добија отказни решенија.

1.200 луѓе од образованието ќе останат без работа

Од почетокот на наредната учебна година во образованието без работа ќе останат 1.200 лица. Според најавите на заменик- министерот за образование, Тале Герамитчиоски, рационализацијата ќе го опфати наставниот кадар и стручните служби, а се предвидува да се направи и нова мрежа на стручни училишта и нови скратени наставни програми.

Расчинетиот Јован конечно зад решетки

Милка Бизевска, истражна судијка на Основниот суд во Битола на расчинетиот владика Јован му одреди мерка притвор од пет дена во истражниот затвор "Црн мост" поради омаловажување и непостапување по наредба на службено лице. Расчинетиот Јован во неделата упаднал во битолскиот храм "Св. Великомаченик Димитриј" со цел да врши верски обред.

Францускиот јазичен национализам

Француското министерство за култура им забрани на сите министерства да го употребуваат англискиот израз за електронска пошта "и - меил" и наложи сите да го употребуваат францускиот збор со исто значење "куријел". Ова доволно говори дека западноевропските држави се национални, а не граѓански, и љубоморно си го негуваат својот јазик и својата култура. За разлика од нивната "демократија", Македонија беше принудена од западните емисари јазикот на албанското малцинство да се употребува во Парламентот.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"