СПОРТ

Хаотична состојба предизвикана од поделбите меѓу селекторите

ДУАЛИЗМОТ ГО УНАЗАДУВА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Комитетот кој го организира светски познатиот Охридски маратон, значи една манифестација која е од највисок ранг во Македонија, ги замрзна сите активности за организацијата на годинешниот пливачки маратон и тоа само на еден месец пред неговото одржување.
  • Но, пливањето не е единствениот спорт каде Федерацијата се подели и каде имаме ситуација кога две паралелни федерации се претставуваат како легитимни. Така е и во атлетиката и во боксот.

Чудни некои работи се случуваат во последно време во македонскиот спорт. И тука почнаа да се случуваат некои негативни појави како една неповолна тенденција воопшто во Македонија. Имено и во спортот почна да се јавува дуализам.

Пливаат за селекторите или за Македонија!?

Федерациите, сојузите во различни спортови почнаа да се делат на два или три, пред се поради некои тесни, лични интереси на кои им е поважна меката фотелја, бесплатните ручеци и разните додатоци кои можат да ги земаат отколку развојот на македонскиот спорт и неговото успешно претставување надвор од границите на Македонија.

НЕСОГЛАСУВАЊА

Последен пример во кој ни се случува нешто што со едноставни зборови можеме да го наречеме скандал е пливачкиот спорт во Македонија. Пливачката федерација на Македонија која досега беше една од оние федерации која ни носеше континуирани и константни успеси сега е поделена на две. За да биде срамот поголем, на Светското првенство кое се одржува во Шпанија отпатуваа две репрезентации. За да биде парадоксот уште поголем и двете репрезентации се претставуваат дека се репрезентации на Македонија. Се прашуваме дали на отворањето во Шпанија ќе настапиме под две знамиња или, не дај Боже, пливачи од двата табора да се најдат во исти базен и на иста трка. Навистина се плашиме дека наместо да соборуваат рекорди, тие ќе си поставуваат пречки.

Се поставува, исто така, прашањето дали пливачите ги претставуваат селекторите кои ги однесоа таму или пак тие пливаат за Македонија. Ваквата состојба во пливањето кулминира со информацијата дека Комитетот кој го организира светски познатиот Охридски маратон, значи една манифестација која е од највисок ранг во Македонија, ги замрзна сите активности за организацијата на годинешниот пливачки маратон и тоа само на еден месец пред неговото одржување. Блокадата ќе трае се додека пливањето не се обедини и се додека повторно на еден демократски начин не се избере раководство кое ќе знае македонското пливање да го врати на старите патеки. Ако успееме годинава да го откажеме Охридскиот маратон кога тој е со реноме како една од најквалитетните светски пливачки манифестации и тоа само поради тесни лични интереси на поединци, тогаш може да кажеме дека ние имаме исклучителен талент од готово да направиме вересија, а притоа да бидеме подлажани само од една функционерска фотелја.

АЛАРМ

Затоа треба најитно да се средат состојбите во македонското пливање кои кулминираа и со тоа што се одржаа и две паралелни државни првенства. Треба под итно пливачките спортски работници да седнат на една иста маса и низ дијалог да ги средат работите и меѓусебните односи. Не треба македонското пливање да трпи само поради апетитите на некои кои не заслужуваат воопшто да бидат во спортот.

Единствено позитивно од сево ова е враќањето на Александар Маленко кој најави дека почнал со подготовки и дека за десет месеци ќе оди на исполнување на А олимписка норма.

Но, пливањето не е единствениот спорт каде федерацијата се подели и каде имаме ситуација кога две паралелни федерации се претставуваат како легитимни. Така, ваква појава на дуализам веќе подолго време постои во атлетската федерација на која е практично блокирана во своето работење токму поради тоа што се има две паралелни федерации. Дуализмот се забележува и во боксот. Единствено во борењето се успеа да се седне на маса и токму пред почетокот на Кадетското европско првенство кое се одржуваше токму во Македонија се успеа да се смират страстите, да се најдат вистинските луѓе и да се определи правецот по кој понатаму ќе треба да се продолжи. Рецептот од борењето треба да се примени и во другите федерации каде што постои поделба. Ако се продолжи да се работи на овој начин кога секој којшто не е задоволен да формира нешто ново и да се одделува од матичната федерација, македонскиот спорт само ќе назадува и никогаш нема да бидеме присутни на големите светски натпреварувања.

Поради тоа Агенцијата за млади и спорт како институција која е надлежна за состојбите во спортот во Македонија треба да ги земе работите во свои раце и да пресече во сите оние случаи каде што има недоразбирање и каде што постои поделба.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"