|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
Житијата на сите досега познати македонски светители (11)
БОЖЈИ ЖРТВИ СО МАЧЕНИЧКА СМРТ
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Македонскиот светител ѓакон Никола - убиен на островот Лезб.
- Свети Акакие Серски се покајал затоа што се исламизирал и ја примил
маченичката смрт.
- Света Ирина била една од првите македонски христијанки.
П родолжуваме со житието на светиот
ѓакон Никола. Житието на овој македонски светител е заедничко со житието на
неговиот сострадалник свети Рафаил и нивниот празник се слави на 9 април (стар
стил), т.е. на 22 април (нов стил). Во ова житие читаме дека свети Рафаил
бил архимандрит од Итака, а свети Никола бил ѓакон родум од Солун. Обајцата
пострадале за Христовата вера на островот Лезб во 1463 година. Подоцна на
местото на нивното погубување била изградена црква.
Овие светители биле убиени од Османлиите затоа што тогаш тие владееле со
островот Лезб. Тоа е време кога Османлиите се уште воено ја зацврстувале
својата власт на Балканот и во делови од Мала Азија. Османлиите го освоиле
Цариград во 1453 година (значи само десет години пред убиството на свети
Рафаил и свети Никола), а во следните години продолжиле воено да освојуваат
делови од Балканот и Мала Азија. Сето ова било проследено со голем број
жртви среде христијаните.
СВЕТИ АКАКИЕ СЕРСКИ
Неговото житие се слави на први мај (стар стил), т.е. на 14 мај (нов стил).
Во неговото житие читаме дека бил роден во селото Ниохори (Ново Село)
во близината на Солун. Неговите родители биле побожни луѓе и кога им се
родило дете го крстиле Атанасие. Кога Атанасие наполнил девет години
неговото семејство се преселило во Серез. Таму родителите го испратиле кај
некој чевлар за да учи занает. Но, чевларот бил лош човек и многу го тепал
малиот Атанасие. Еден ден, толку го натепал што Атанасие плачејќи побегнал
од дуќанот и излегол на улица. Таму го сретнале две Турчинки. Тие го утешиле
и го одвеле во својот дом каде добро го нахраниле. Бидејќи се уште бил дете
го убедиле да помине во исламот. Едната од нив била жена на некој големец,
кој го задржал Атанасие кај себе како свој син. Кога Атанасие пораснал,
жената на турскиот големец посакала да го наговори на блуд, но тој ја одбил,
по што таа го наклеветила кај мажот дека божем тој сакал да ја заведе.
Турчинот го избркал Атанасие од својот дом. Така, тој повторно се нашол на
слобода и тргнал да ги бара своите родители, кои уште кога разбрале дека
поминал во исламот го напуштиле Серез и се вратиле во Солун. Откако ги нашол
во Солун им раскажал за се што му се случило и тие со радост го примиле
назад. Атанасие им рекол дека сака да се врати кон Христа и мајка му го
благословила да појде на Света Гора и да се исповеда. Прво дошол во Хилендар,
а по извесно време отишол во скитот на манастирот Ксенофонт кај отец Николај,
по што пак се вратил во Хилендар. Таму престојувал уште извесно време,
учејќи од стариот духовник Никифор. Но, една ноќ ѓаволот повторно се вмешал
во неговиот живот. Без да се јави на старешините, младиот Атанасие побегнал
од скитот. Извесно време талкал, а потоа наишол на манастирот
"Симонпетра"
каде го замолил игуменот да му дозволи да остане. Игуменот му дозволил да
остане извесно време, но потоа му рекол да си оди. Атанасие се вратил во
Хилендар, но и таму не му дозволиле да остане. Еден од тамошните старци му
рекол: "Со
ваквото твое однесување ти не си ни Турчин, ни христијанин.".
Ова многу го погодило Атанасие и решил веднаш да се врати кај старецот
Никифор од каде претходно побегнал. Кога дошол таму паднал пред нозете на
Никифор, молејќи го да го прими назад. Старецот се сожалил и го примил, но
му наредил да се покае за своите гревови преку долговремен и строг пост и
преку голем број метании. Атанасие го извршил сето тоа и набргу, добивајќи
ја Божјата благодет, бил замонашен и го добил монашкото име Акакие.
Недолго потоа Атанасие (наречен Акакие) објавил дека дошло време да
пострада за Христа за да ги откупи своите гревови. Добил благослов од
игуменот и на 10 април 1815 година тргнал за Цариград, подготвен да пострада
за Христа. Со него бил и старецот Григорие. На 29 април стигнале во црквата
"Света
Богородица"
во Галата. Потоа Акакие се преоблекол како Турчин и тргнал да го изврши
својот подвиг. Се упатил кај везирот и влегол во неговиот двор. Стражарот го
прашал кого бара, а тој смело му одговорил:
" Јас сум православен христијанин
родум од Солун. Кога бев дете на девет години вие ме измамивте и јас безумно
се одреков од Христос Богот мој и му се потчинив на ѓаволот, служејќи му
нему. По девет години станав свесен за својата измама и ја согледав лажноста
на вашата вера и се вратив со своето срце повторно во својата таткова вера
во мојот Господ Исус Христос, вистинскиот Бог".
Откако го кажал ова свети Акакие го симнал фесот од својата глава, го
фрлил на земја и го исплукал. Кога го видел тоа стражарот почнал безмилосно
да го тепа, а потоа го затворил во темница. Следниот ден свети Акакие бил
изведен пред везирот и бил убедуван да го прими исламот, но тој смело
продолжил да ја брани Христовата вера. Поради тоа везирот го осудил на смрт
и наредил следниот ден да му ја отсечат главата. Утредента бил изведен на
местото Дактилопорта, каде по патот бил тепан и навредуван од толпата. Потоа
главата му била отсечена, а неговата душа била прифатена од војската на
ангелите, кои ја однеле на небесата. Тоа се случило на први мај 1815 година.
По три дена старецот Григорие успеал да го откупи неговото тело и да го
пренесе на Света Гора. Таму моштите на свети Акакие биле погребани под
иконата на света Богородица во скитот на Свети Јован Претеча, крај
манастирот Ивирон, во ќелијата на свети Никола, во која тој се подвизувал.
Најверојатно во турските архиви се чува документ за судењето и
погубувањето на свети Акакие во 1815 година. Според некои извори тој бил
убиен во 1816 година. Од годината на неговата смрт може да се заклучи дека
бил роден во втората половина на 18 век. Во тоа време во Серез владеел
феудалецот Исмаил бег Серски, а овој град бил познат и по прочуениот Серски
панаѓур. Тоа е време кога во Македонија, поради политичката и економската
нестабилност, била присутна масовна миграција од селата во градовите што
довело до забрзано зголемување на градското население. Гледаме дека истото
се случило и со семејството на свети Акакие, кое од своето родно село се
преселило во градот. Токму во годината кога тој бил убиен, било кренато
Второто српско востание што сигурно дека предизвикало нервоза кај турската
власт. Оттаму, гестот што го направил свети Акакие во едно такво несигурно и
напнато време и тоа среде османлиската престолнина, сигурно дека останал
запометен како вистински подвиг среде тогашните христијани не само во
Македонија, туку и пошироко.
СВЕТА ИРИНА
Празникот на света Ирина се слави на 5 мај (стар стил), т.е. на 18 мај (нов
стил). Во нејзиното житие читаме дека таа била родена во времето кога од
проповедите на светите апостоли светнал сиот сјај на верата христијанска
среде луѓето заробени во темнината на идолопоклонството. Во тоа време во
градот Магедон во семејството на Ликиние се родила ќерка која го добила
името Пенелопа. Кога наполнила шест години нејзиниот татко (кој во житието е
опишан како цар) изградил кула надвор од градот и таму ја преместил
својата ќерка заедно со уште тринаест нејзини врснички. Во кулата тој им го
подарил сиот раскош, а поставил и статуи од неговите богови кои
требало да ги "чуваат"
девојчињата додека стигнат за мажење. За нивно воспитување била одредена
старицата Карија, а за нивно описменување бил ангажиран некој човек Апелијан,
кој кришум бил христијанин. Кога Пенелопа наполнила дванаесет години,
Ликиние почнал да размислува за кого да ја омажи.
Еден ден, додека таа седела во кулата заедно со старицата Карија, низ
прозорецот влетал голуб со маслиново гранче во клунот, кое го пуштил на
масата и одлетал. Веднаш потоа низ другиот прозорец влегол орел со венец во
клунот. И тој го спуштил венецот на масата и одлетал. На крајот низ третиот
отворен прозорец влетал гавран со змија во клунот, која исто така ја спуштил
на масата и одлетал. Пенелопа и Карија се зачудиле на оваа глетка и веднаш
го повикале Апелијан да им го протолкува тоа што го виделе. Тој им рекол
дела гулабот ја означувал добрината и смиреноста на Пенелопа, а маслиновото
гранче - благодетта Божја, која ќе & биде дадена преку нејзиното крштение.
Орелот означувал дека таа победоносно ќе царува над своите страсти, а
венецот била наградата што ќе ја добие за тоа од Исус Христос. Гавранот го
претставувал ѓаволот кој ќе сакал да & напакости како змијата. На крајот &
рекол дека таа ќе биде Христова невеста и дека заради тоа ќе претрпи многу
маки.
Пенелопа сето ова добро го запомнила. Вечерта дошол татко & и ја прашал
за кого сака да се омажи од синовите на соседните кнезови. Таа му рекла да &
остави седум дена за да размисли. Кога заминал татко &, таа им се обратила
на статуите на неговите богови, кажувајќи им дека не сака да се мажи
и прашувајќи ги дали ќе & помогнат да ја зачува својата невиност. Но,
статуите молчеле затоа што тоа биле обични бездушни предмети. Тогаш таа
погледнала кон исток и се помолила на Бога со зборовите:
" Ако си вистински Бог Ти кого
Галилејците го проповедаат, Те молам кажи ми дали да се омажам или засекогаш
да останам девојка"?
Потоа отишла на спиење, а ноќта во сонот & се јавил Божјиот ангел кој &
соопштил дека отсега па натаму нема да се вика Пенелопа, туку Ирина и дека
ќе им даде утеха на многу несреќни луѓе кои ќе доаѓаат кај неа. Ангелот &
рекол дека зборовите на Апелијан се вистинити затоа што низ неговата уста
зборувал Духот Божји & кажал дека набргу ќе биде посетена од Божјиот човек
Тимотеј кој бил научен на Христовата вера лично од страна на Христовиот
апостол Павле.
(Продолжува)
|