ИСТОРИЈА

"Македонија и Грција - битката за дефинирање нова балканска нација" од Џон Шеј (9)

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ЈАЗИЧНИТЕ ПРОЦЕСИ НА БАЛКАНОТ

Подготвила: Анита ДИМОВА

  • "Македонскиот јазик е прифатен од лингвисти насекаде во светот освен во Србија, Бугарија и Грција. Тој е признат како посебен јазик од различни авторитети како што е Encyclopedia Britannica и The Cambridge Encyclopedia of language. Тој е еден од 88-те светски признати јазици, кој е зборуван од близу 1,5 милион луѓе во Македонија, 250.000 луѓе во Егејска Македонија, 250.000 луѓе во Пиринска Македонија (Бугарија) и околу 500.000 луѓе во други делови во светот, особено во Северна Америка и Австралија".

Официјалниот грчки став е дека нема македонски јазик и дека никогаш немало. Гр-ците тврдат дека македонскиот јазик бил наводно измислен во 1944 година, во исто време кога и "македонската националност била измислена од Тито". Тие сметаат така, бидејќи јазикот кој го зборувале античките Македонци "бил грчки", а "словенскиот јазик" кој го говорат "Скопјаните" не може да се нарече "македонски јазик".

Официјалните грчки документи кои се однесуваат на македонскиот јазик како "лингвистички идиом на Скопје" го опишуваат како корумпиран и подобрен дијалект на бугарскиот јазик. Негирајќи ја оваа заблуда на грчката политика, Џон Шеј во поглавјето кое се однесува на развојот на македонскиот јазик, вели дека тој е мајка на пишаните словенски јазици. Тој согледува дека македонскиот јазик поминал еден долг развоен процес, од своите корени, па се до денес, околу илјада и петстотини години.

ЛИНГВИСТИЧКИ НАЦИОНАЛИЗАМ

"Современиот македонски јазик има долга историја. Како и другите европски јазици, како англискиот, неговата форма пред илјада и петстотини години е различна од неговата современа форма. Исто како што луѓето кои говорат англиски не можат да го разберат стариот англиски јазик, Македонците вообичаено не можат да го разберат стариот црковно-словенски јазик, и покрај тоа што тој е основан врз македонскиот дијалект.

За разбирање на развојот на словенските јазици мора да се запамети дека дијалектот од западна Македонија беше основата на првиот пишан словенски јазик и затоа практикуваше моќно влијание врз сите други словенски јазици.

Македонскиот јазик е мајка на пишаните словенски јазици - светите браќа Кирил и Методиј

"Македонскиот јазик е прифатен од лингвисти насекаде во светот освен во Србија, Бугарија и Грција. Тој е признат како посебен јазик од различни авторитети како што е Encyclopedia Britannica и The Cambridge Encyclopedia of language. Тој е еден од 88-те светски признати јазици, кој е зборуван од близу 1,5 милион луѓе во Македонија, 250.000 луѓе во Егејска Македонија, 250.000 луѓе во Пиринска Македонија (Бугарија) и околу 500.000 луѓе во други делови во светот, особено во Северна Америка и Австралија".

Авторот на "Македонија и Грција - битката за дефинирање нова балканска нација" потенцира дека една од функциите на јазикот е да служи како означувач на националноста. За него јазикот вообичаено е употребуван како инструмент за градење нации од страна на европските држави.

Правејќи еден детален историски преглед на развојот на македонскиот јазик, Џон Шеј се обидува да го докаже неговото долгогодишното постоење. Тој вели дека процесот на стандардизирање на модерните јазици, типично се јавува по националната независност. "Кога јужно-балканските нации постигнаа независност од Турците или Австроунгарската империја за време на деветнаесеттиот или дваесеттиот век, ова е период во кој стандардните јазици се појавија на Балканот. Во македонскиот случај стандардниот јазик се појави пред независноста на почетокот на периодот на автономија (во 1944), што не беше пример во претходните илјада години".

Џон Шеј тврди дека македонскиот јазик може да биде конкурентски претендент за старото црковно-словенско јазично наследство.

"Првото споменување на црковно-словенскиот јазик, употребуван во Македонија, како едноставно "македонски" се сретнува во делото на германскиот хуманист Хиеронимус Мегизер во 1603 година. Неколку текстови кои се приближуваат до говорниот македонски јазик се познати пред 1790 година. Сепак, важно историско досие е малиот речник на костурски дијалект со фолклорна песна во него која датира од шеснаесеттиот век".

Пишуваните работи од Македонија почнувајќи од првата половина на деветнаесеттиот век содржат знаци на народен говор уникатен за оваа област. "Специјалистот за словенски јазик Питер Хил ги опишува раните развои на училиштата со дијалектно писмо. Литературните дела на Јоаким Крчовски (1780 - 1820) и Кирил Пејчиновиќ (1770 - 1845) заедно со оние на Хаџи Теодосиј Синаитски (1770 - 1845) се сметаат како прва генерација на современата македонска литература која покажува знаци на преовладување на народните традиции во Македонија. Иако овие писанија покажуваат содржина, стил и јазик кој е под силно влијание на преовладувачките религиозни народни писанија, тие придонесуваат за новата народна пишана традиција. Нивните дела беа употребени во "келијски училишта", а подоцна во приватните училишта отворени во куќите на уметници и трговци. Овие училишта се појавија во Македонија особено во периодот од средината на деветнаесеттиот век, како алтернатива на црковните училишта. Во 1876 година постоеја околу 45 вакви приватни училишта во градовите во Македонија и околу 118 во селата".

Користејќи неутрални автори, Џон Шеј прегледно ги дава успесите на сите поважни македонски преродбеници, при што доаѓа до сознанието дека македонскиот дијалект бил широко употребуван за религиозни цели во првата половина на деветнаесеттиот век, заедно со неколку печатени книги засновани на различни дијалекти, источен и западен, но се уште длабоко инспирирани од црковно-словенскиот јазик. Тој го истакнува значењето на Миладиновци, на Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Партениј Зографски и Марко Цепенков. Проследувајќи го фолклорот и литературниот развој, укажува и на развојот на македонската национална свест.

МАКЕДОНСКИ СТАНДАРДЕН ЈАЗИК

"По Балканските војни и поделбата на Македонија, постоеја четири официјални јазика - грчки, бугарски, српски и албански во областа на Македонија. Четирите владејачки сили се обидоа да ја потиснат македонската форма на словенски јазик. Сега беше заедничка несреќа на сите Македонци да им биде забранет јазикот во јавниот живот (училишта, печат итн). Во секој дел на земјата официјалниот јазик на поделената држава и во целина беше наметнат како културно преносно средство за целата македонска популација".

Формалното прогласување на македонскиот јазик за литературен се случи на втори август 1944 година. "Изборот на писмото за новиот македонски стандарден јазик беше причина за жестока расправија... Овие комисии ги испитуваа решенијата со конечното кое определуваше дека македонскиот стандарден јазик ќе биде основан врз централните македонски дијалекти кои беа најмногу раширени и кои најверојатно ќе беа најмногу прифатени од оние кои говорат на различни дијалекти".

Конечната кодификација од 1952/54 година го воспостави македонскиот стандарден јазик кој брзо се разви во стандарден литературен јазик.

"Забрзаната прифатеност и употреба на македонскиот стандарден јазик дозволи да го надмине за помалку од 50 години степенот на развој за кој на другите јужнословенски јазици им беше потребно околу 100 години. Питер Хил забележа дека литературните дела одиграа важна улога во афирмацијата на македонскиот стандарден јазик, бидејќи импресивна сума на нова литература на македонски стандарден јазик беше издадена во минатиот половина век. Релативно слободната интелектуална клима во Титова Југославија, споредена со построго контролираниот бугарски систем, го овозможи овој развој, и & даде на македонската литература јасна предност.

Конечно треба да се забележи дека македонскиот стандарден јазик се повеќе се прифаќа од Македонци надвор од Република Македонија - во Егејска Македонија, Северна Америка и Австралија - како нивен јазик, независно од нивниот политички став и однос кон Југославија. Значајно е дека дури и антијугословенските групи, како Движењето за ослободување и обединување на Македонија ги објави сите свои изданија на македонски стандарден јазик. Понатаму, оние македонски националисти од Егејска Македонија кои го привлекоа вниманието на остатокот на светот гледаат на македонскиот стандарден јазик како нивни. Македонскиот стандарден јазик обезбеди витална и успешна јазична форма. Лингвистите расправаат дека јазичната стандардизација, иако содржи вештачки или донесени елементи, единствено е успешна ако постои широко распространето прифаќање на јазикот. Тој мора да биде прифатлив за народот, а факторите кои го подобруваат тоа прифаќање вклучуваат и популациони и политички елементи. Популационите елементи се како историјата на изложеноста и прифаќањето на јазикот во рамки на заедниците. Политичките фактори вклучуваат елементи како степенот до кој новокодифицираниот јазик може да се разликува од соседните, но политички неприфатливи форми. На пример, кога беше дефинирана македонската азбука, постоеше силна политичка желба да се разликува македонското писмо од бугарскиот јазик, јазикот на последните освјувачи на Македонија - употребата на определено писмо кое се смета за типично бугарско оттогаш се смета за синоним за предавство. Ова дава определени индикации за силното чувство во Македонија во врска со одделеноста од Бугарија, и за важноста да се има јазик кој ја определува таа одделеност".

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"