ИСТОРИЈА

Сеќавања за катастрофалниот земјотрес во Скопје (4)

САМО ПУКНАТИНИ И РУИНИ ОД МОНУМЕНТАЛНИТЕ ГРАДБИ

Подготвила: Милева ЛАЗОВА

  • Султан Муратова или Хјунчар џамија била изградена во 1436 година како единствен завет на Султанот Мурат II на Балканот.
  • Скопската чаршија се наоѓа во стариот дел на градот и претставува особено интересен и атрактивен дел на трговски и занаетчиски живот на Скопје кој го отсликува средниот век.

Исак бегова џамија или Алаџа (шарена) била изградена во 1438 година од Исак бег, познатиот заповедник на Скопје во првата половина на 15 век, кој ги изградил и зградата за медреса (училиште) и конаци. Мухамед Бин Хаџи Џинџи ја поправил џамијата во 1519 година, но во 1689 година џамијата била оштетена од пожар. Џамијата своето име го добила по тоа што на фасадите имала разнобојни порцелански плочи од кои се сочувани само некои на турбето, единствена сочувана градба во кругот на џамијата.

Феудалната кула по земјотресот

Камениот Мост преку Вардар и Домот на Армијата кој е до темел уништен

Џамијата била значајна по својата историска и архитектонска вредност и посочуваните дрвени врати кои се украсени со разни ориентални шари во резба. Џамијата била тешко оштетена, ѕидовите биле испукани, тремот и минарето биле демолирани. Ист бил случајот и со турбето.

Иса бегова џамија била изградена како завет по смртта на Иса беговиот син Ишак бег во 1475 година. На џамијата биле вршени разни доѕидувања, но времето не е познато. Џамијата претставувала извонреден архитектонски објект, а била градена од камен и цигли додека горниот дел на фасадата завршувал со двореден венец изведен во облик на искршени линии. Покривот се состоел од две куполи покриени со оловни плочи. Пред влезот бил тремот со столбови кои носеле три помали куполи, а во едниот агол почнувало минарето изградено од камен. Џамијата претрпела сериозни оштетувања. Горниот дел на минарето паднал и го срушил тремот додека фасадните ѕидови и двете покривни куполи и преостанатиот дел на минарето испукале.

ЏАМИИ

Султан Муратова или Хјунчар џамија била изградена во 1436 година како единствен завет на Султанот Мурат II на Балканот. Меѓутоа, во пожарите во 1537 и 1689 година, џамијата горела така што повеќе пати била обновувана, а последен пат во 1912 година поради што нејзиниот првобитен изглед е непознат. Според некои сознанија, џамијата имала на северозападниот влез трем чија покривна конструкција лежела на четири столба со капители кои биле декорирани со пластика, а поврзани со пет аркади во облик на силно свиткани агли. Внатрешнпоста била во квадратен облик која била со столбови поделени во три нееднакви делови со рамен покрив. Горниот дел на минарето паднал на западниот дел на џамијата така што многу ја оштетил покривната конструкција, додека целата градба била оштетена со големи пукнатини на фасадните ѕидови. Оштетен бил и тремот како и долниот дел на минарето.

Влезот на Јаја пашина џамија

Турбе во рамките на Иса беговата џамија

Саат кула била изградена во средината на 16 век во дворот на Султан Муратовата џамија. Таа била шестострана кула чиј горен дел бил од дрво на којшто бил сместен и саатот. Во пожарот од 1689 година Саат кулата била оштетена, но дури во 1904 година горниот дел бил изграден од цигла каде што бил монтиран нов саат. Саат кулата била тешко оштетена, особено нејзиниот горен дел, камениот ѕид кој имал вертикални и хоризонтални пукнатини.

Јаја пашината џамија била изградена во 1504 година од Јаја паша, еден од командантите на градот. Оваа џамија била поправана и доѕидувана, но нема податоци за времето. На квадратната основа над ѕидовите обложени со мермерна плоча се издигнувала ребрасто поделена калота. Главниот портал мимбар и михраб во џамијата како и во тремот биле изградени од мермер и богато декорирани со сталактитни украси. Тремот со мермерни столбови, капители и зашилени агли & давале елегантност и монументалност на градбата. Минарето највисоко од сите во Скопје било 50 метри, а изработено било од камен додека шерефето од мермер и декорирано.

Оштетувањата на овој објект биле во вид на пукнатини на фасадните ѕидови, урнатата покривна конструкција на тремот, изместени аркади кои се одвоени од капителот, додека минарето било напукнато. Турбето пред џамијата за кое се претпоставува дека е погребан Мехмет Паша исто така било оштетено.

КУЛИ

Феудалната кула била единствен споменик од турскиот период кој бил сочуван на десната страна од реката Вардар. За времето на градењето на оваа кула нема податоци. Таа била изградена од камен на четворострана основа со три ката поврзани со камени скали од внатрешната страна, со повеќе прозори и два балкона. На кулата биле вршени конзерваторско-реставраторски работи. Меѓутоа, од земјотресот западнот и јужниот ѕид биле срушени додека преостанатите делови претрпеле големи оштетувања со впечатливи пукнатини.

Безистен претставува правоаголна градба поделена на четири дела во која се влегувало низ четири влеза. Внатрешноста служела за работа на занаетчиите или на трговците. По се изгледа стариот безистен којшто се спомнува уште од порано бил уништен од пожарот во 1689 година, но подоцна бил обновен и повторно од пожар оштетен во 1908 година. При последната обнова значително е изменет неговиот дотогашен изглед. Оштетувањата на овој објект биле големи особено на внатрешноста која била потполно уништена.

Дел од урнатините на Исак бегова џамија

Скопската чаршија се наоѓа во стариот дел на градот и претставува особено интересен и атрактивен дел на трговски и занаетчиски живот на Скопје кој го отсликува средниот век. Но, и денес во помал обем, бидејќи со силниот развој на индустријата и современата трговија, значително е променета рамнотежата како и важноста на овој дел на градот. Урнатините и оштетувањата во чаршијата кои ги предизвикал последниот земјотрес биле големи. Оваа катастрофа значително го изменила изгледот на овој дел од градот, бидејќи голем дел од Старата скопска чаршија бил урнат.

Во помалку оштетени споменици на културата на Скопје спаѓа и Камениот Мост, монументална и импозантна врска меѓу стариот и новиот дел на Скопје преку реката Вардар за чија изградба постојат неколку објаснувања. Во едно објаснување се вели дека е изграден за време на првата, а според друго во втората половина на 15 век. Иако бил поправан по катастрофалните поплави во 1596/7, 1905 и 1937 година, тој во основа го сочувал првобитниот изглед на градба од камени блокови со силни столбови и полукружни агли. Од земјотресот бил оштетен највисокиот дел од мостот - плочата со натписот која паднал во реката, додека на некои столбови се гледаат пукнатини помеѓу камените блокови.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"