Според археологот д-р Драги Митревски,
професор на Филозофскиот факултет во Скопје и раководител на ископувањето,
оваа статуа би ја посакал секој музеј во светот и би и дал значајно место,
со оглед на нејзините стилски, ликовни и културно-уметнички карактеристики.
Скулптурата е изработена од мермер. Десната половина е прекриена со слој од
калцинација, но кога ќе се исчисти, ќе ја добие оригиналната белина на
мермерот.
КУЌА НА СКУЛПТУРИ
Како што истакнаа археолозите, овие скулптури се многу ретки. Станува
збор за статуа која има високи уметнички вредности и е дело на уметник од
висок ранг. Тоа е уште една потврда за значењето на Вардарски Рид како еден
од големите урбани центри на Античка Македонија.
Локалитетот Вардарски Рид каде што е пронајдена статуата
Од особена важност е и тоа што статуата може точно да се датира, зашто е
пронајдена во објект во кој претходно беа пронајдени и монети од последните
македонски кралеви Филип и Александар, поточно од вториот век пред нашата
ера. Археолозите објектот го крстиле "Куќа на скулптури". Пронајдените
монети, мноштвото луксузни керамички садови, коскени предмети за тоалета,
делови од накит и други придружни предмети зборуваат за несекојдневната
намена и значење на просторијата во рамките на "Куќата на скулптури".
На сето ова археологот Митревски додава дека Македонија е многу малку
истражувана. Ова е единствениот систематски истражуван локалитет од
предримско време. Другите истражувани населби од античкиот период се главно
од римско и од доцноримско време.
По едномесечна теренска работа завршија ископувањата на овој локалитет
кои целосно ги финансира "Мобимак".