ФОРУМ

СОПСТВЕНИЧКА СТРУКТУРА И ЕКОНОМСКА ВЛАСТ

Милан Бетувски

  • Сигурно дека политичката власт има извесен степен на автономија каде може да се обиде да глуми репрезентативна власт, но ползувањето со таа автономија би било својствено за политички субјекти кои не се тесно класно профилирани, што сигурно не важи за тајфите на Љубчо и Бранко. Затоа, економската власт како поим и чинител е мистифицирана и речиси прохибирана за дискусија, за да се создаде привид дека антагонизмот меѓу "црвеното" (ДПМНЕ) и "синото" (СДСМ) содржи во себе општествена критика и алтернатива.

Досегашниот третман на двете насловни прашања, особено од аспект на македонските посебности, беше постојано во функција на деструктивните интереси кои се во фундаментот на македонската криза. Досега сопственичката структура беше третирана сосема погрешно, особено во нејзините односи кон економската ефикасност, кон економската власт и односите на политичките сили. Истовремено, економската власт е практично табу-тема, толку упорно игнориран и маргинализиран поим што не е ни чудо што јавноста нема и не може да има квалитетна анализа на македонскиот општествен систем. Затоа јавноста веќе премногу зачестено констатира парадокс кој всушност не постои: неуспешна (а јас попрво би рекол нелегитимна), а стабилна политичка власт. Важноста на насловните поими е таква што без нивно подлабоко познавање не може да се постави ниту идеолошка, ниту научна претпоставка за афирмација на интересите кои се потенцијал за надминување на кризата. Ќе се обидам да бидам што е можно пократок.

Сопственичката структура е распределба на сопственоста по локација и титулар. Таа е одговор на прашањето "кој, што и каде поседува?" во Македонија, односно вон неа, по потекло од неа. Проблематично "каде" треба да остане, оти и таа има големи економски политички реперкусии. Веќе подолго време се борам против тенденциозно пренагласената врска меѓу сопственичката структура и економската ефикасност која на македонската јавност (со чесни исклучоци) & беше наметната од страна на сосема определени политички и псевдонаучни кругови, со сосема проѕирна и длабоко деструктивна цел. Радикалната, во основа виолентна и декретизирана промена на сопственичката стурктура, проследена со радикална промена на основниот општествен однос, е револуција по дефиниција. Овој став не може да се проблематизира со евентуална неупотреба на општесвените групи кои ќе бидат погодени од последиците на промените да не се во состојба да дадат отпор (поради ниска политичка свест, класна неизграденост, слаба национална свест и слично).

Доколку при промените дојде до деградација на општествениот систем (дегредација според критериумот на прогресивноста, значи според прашањата на проширената материјална репродукција, проследена со справедлива и стимулативна распределба), тогаш тие се констатираат како контрареволуција, што значи историски ќорсокак, слепо црево на човечкиот прогрес. Колку е во суштина "крута" врската меѓу сопственичката структура и економската ефикасност?

Иако многубројните квазиинтелектуалци (Груевски, Миљоски, З. Поповска, Гошев) економската ефикасност ја детерминираат речиси исклучиво од сопственичката структура, тоа воопшто не е точно. На светот има национални економии со најразлична сопственичка структура и не може да се детектира крута врска меѓу неа и економската ефикасност. Далеку подоминантен фактор врз економската ефикасност е репрезентативноста на власта. Односот на политичката моќ меѓу во основа антагонистичките групи е моторна сила на економскиот развој во напреднатите земји. Споредливоста на политичката моќ меѓу трудот и капиталот создава одговорна власт која е принудена да води сметка за интересите на моментално миноризираната група, ако сака да постигне прогрес и тоа за да си го продолжи владеењето. Затоа мислам дека ќе успеам да афирмирам еден став кој на сопственичката структура ќе & ја даде нејзината вистинска улога во влијанијата врз економската ефикасност.

НЕУМЕСНИ ИЗЈАВИ

Индивидуалните пројави на сопственичката структура можат да бидат правно регулирани или не, економски активни или не и политички афирмирани или не. Исклучително високиот степен на правно нерегулираната сопственост (на пример: правно оспорлива приватизација, нерегуларно потекло на имотот, нарушено владение на имотот на прогонетите, двојството на правниот систем на различни локации) секогаш одново ќе го поставува прашањето на сопственичката структура како фундаментално политичко прашање. Неумесни се изјавите од типот "било што било (украл кој украл), тоа време помина, одиме понатаму" (Црвенковски). Некој се обидува при резултат 5:0 за гостите да отсвири крај на првото полувреме и не убедува дека второто ќе почне со резултат 1:1! Ирационалноста на овие демагогии го занемарува доминантното (што не мора да значи и пресудно) влијание на сопственичката структура врз формирањето на економската власт и односот на политичките сили меѓу најсвојствените општествени групи (читај: меѓу богатите и сиромашните).

Затоа, тезата за пресудноста на репрезентативноста на политичката власт не може да го анулира значењето на сопственичката структура. Македонската посебност е што во структурата на политички афирмираната сопственост доминира правно нерегулираната сопственост и затоа од нејзе деривираната економска власт е профилирана секогаш да тежи кон темелна корумпираност, криминализација, идеологизација (во негативна смисла, преку обилно користење на политичките камуфлажи и демагогија) на општеството, за да се задржат стекнатите позиции.

Втора (и многу трагична) македонска посебност е што актуелната сопственичка структура е последица на една контрареволуција чии носители обилно користеа еден досега невиден метод на колабирање на стопанските субјекти (а и некои фондови и финансиски установи) за нивна девалоризација (почнувајќи уште од првите псевдосоцијалистички волонтаризми, преку проневерите на обртните средства итн.), што резултираше со технолошка заостанатост, неконкурентност и исфрлање од пазарот.

Трета посебност (исто така нималку розова) е што деривираната политички афирмираната сопственичка структура (читај: економска власт) редовно успева да ја иструментализира политичката власт. Но, целосната инструментализација на политички нерепрезентативната власт е диктатура по дефиниција. Затоа, никој не треба да се чуди како и зошто е политичката власт стабилна и покрај експлицитните правни, економски, безбедносни и други колапси (гафови), уште помалку да & држи неумесни предавања за моралот. Политичката власт е фундирана во економската која е неспорен капацитет за влијание врз сите општествени текови врз основа на материјалното богатство. Сигурно дека политичката власт има извесен степен на автономија каде може да се обиде да глуми репрезентативна власт, но ползувањето со таа автономија би било својствено за политички субјекти кои не се тесно класно профилирани, што сигурно не важи за тајфите на Љубчо и Бранко. Затоа, економската власт како поим и чинител е мистифицирана и речиси прохибирана за дискусија, за да се создаде привид дека антагонизмот меѓу "црвеното" (ДПМНЕ) и "синото" (СДСМ) содржи во себе општествена критика и алтернатива.

Четвртата посебност на сопственичката структура се отуѓувањата на највиталните комплекси во рацете на странски компании, носителите на странските хегемонистички и империјалистички интереси кои го дефинираат нашиот потчинет неоколонијален статус, својствен за Африка и Латинска Америка, а не за Европа.

ПОТЕГОТ НА ОШТЕТЕНИТЕ

Деструктивната економска власт е противник достоен за почитување. Таа не подлежи на изборност, таа важи на доносителот. Таа има добри врски со странство, им помага на империјалистите бесплатно да се дограбат до македонските природни ресурси и до монополите, го држи отворен македонскиот пазар (актуелно преку влезот во СТО), во корен уништувајќи ја пазарната економија, заобиколувајќи ја домашната производна моќ (невработеност, сиромаштија), генерирајќи хипопродуктивна економска криза, атрофија на производната практика (притоа барајќи, преку Златка Поповска, афирмација на креативноста), генерирајќи доминација на шпекулативниот над продуктивнот капитал, сето тоа камуфлирајќи го во "демократизација", тежнение (кое нереално имплицира идентификација) кон НАТО и ЕУ и слично. Економската власт тежи кон крупносопственичка структура (бројот на присутните во некој сала е ограничен, сумата од нивните банкови салда не), што ја олеснува нејзината политичка артикулација и доминација, а оваа артикулација (СДСМ, ДПМНЕ, ЛДП, ЛП и слично) ги штити интересите на таа и таква економска власт.

Што можат да преземат оштетените од деструктивната економска/политичка власт? Методите на правната и економската борба се ограничени по својот учинок (судството е инструментализирано, синдикатите не можат да постигнат повеќе од доследното почитување на ЗРО и колективните договори, а и тоа тешко без поддршка од парадржавната политичка организација). Дисперзираноста на сопственоста на потенцијално прогресивните општествени групи (здруженија, класи, народ) ја отежнува нивната политичка артикулација, но не ја прави невозможна. Таа расцепкана сопственост може да се сосредоточи под влијанието на аксиолошки позитивни и негативни фактори. Позитивни се сите објективни анализи кои ќе ја зголемат класната, националната и воопшто политичката свест, разобличувањата кои здружени со историскиот опит веќе фундираа современа идеологија променлива за политичка употреба, како и организацијата која ќе биде носител.

Основен негативен фактор е понатамошното влошување на состојбите, за што сум им искрено благодарен на Црвенковци, Гошевци, Груевци, Манасиевци и на преостанатите.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"