ФОРУМ

МАКЕДОНИЈА СЕ ИСЕЛУВА

Митко Јованов, дипломиран политиколог и постдипломец на Институтот за историја на Филозофскиот факултет

Резултатите кои се вршени од страна на одредени социолози, укажуваат дека повеќе од 70 проценти од студентите кои се на студии на универзитетите во државата имаат за цел да заминат од државата. Ваквите податоци се во корелација со економско-социјалната состојба што ја имаме во државата, односно невработени, социјални случаи, отпуштени од работа. Тоа се во основа категориите во кои најголемиот број од граѓаните можат да се вбројат. Од друга страна имаме европски цени на телефонските услуги, на нафтените деривати итн. што го сведува стандардот на граѓаните на најниско ниво. Тоа се резултатите од транзицијата која се уште трае. Државата која се транзитира веќе тринаесет години на граѓаните им ја одзеде и надежта, особено на оние на кои најмногу им е потребна, на младите поколенија кои треба да формираат семејства, да ја создаваат иднината на државата. Единствената алтернатива или надеж што им останува на младите е да ја напуштат државата гледајќи ја иднината во некоја од западноевропските држави или САД. Трендот на заминување особено на млади луѓе од година во година е се со поголем интензитет. За ваквата појава која е присутна со години, државата не располага со релевантни податоци затоа што не води евиденција. Тоа доволно укажува дека на проблемот не му се пристапува со потребната сериозност аналогно на значењето т.е. последиците што ги има по иднината на државата. Во безработицата која владее со рекордни 40 проценти на невработени од вкупното население и која има тенденција на пораст, Македонија е на дното во Европа по стапката на невработеност. Значи не може воопшто да стане збор за постоење на перспектива за младите генерации. Најголемиот број од младата популација сопствената иднина ја гледа некаде надвор од државата.

И покрај строгите критериуми кои важат за добивање виза за патување на македонските граѓани во некоја од западноевропските држави или САД, сепак огромна е бројката, особено на студентите кои успеваат да заминат. Вообичаено, првично станува збор за намера за ангажирање на сезонски работи преку летото, за потоа повторно да се вратат во земјата и да го продолжат студирањето. Но, тоа е само еден од начините дел од младите луѓе да ја напуштат засекогаш државата, а други успеваат да се запишат на студии на странски колеџи, кои по завршувањето наоѓаат и работа. Но, исто така не е мал бројот на граѓанаите кои се со високо образовани и познаваат неколку светски јазици кои добиваат професионален ангажман во западноевропските земји и САД, откако чекаат подолг период да се вработат кај нас. Граѓаните кои не можат да добијат виза се одлучуваат да добијат бугарско државјанство. Со бугарски пасош можат слободно да отпатуваат во некоја од државите на ЕУ. Бугарија, водејќи се од политичките мотиви, не комплицира во однос на процедурата да се стане Бугарин. На прашањето колкав е бројот на македонски граѓани кои поднеле барање за добивање на бугарско државјанство, службеникот во бугарската амбасада вели: "Вие не сте тие што треба да ги поседувате таквите информации".

Надлежните институции не преземаат соодветни мерки за спречување на ваквата состојба. Кај граѓаните кои се одлучиле да добијат бугарски пасоши се забележува дека го изгубиле чуството за патритизам. Тоа е коментарот на многумината функционери кои се на платниот список на Буџетот.

Кои се факторите што доведоа до денешната состојба? Еден од нив е криминалната приватизација на државниот капитал, со што се уништи развојната компонента во македонската економија. Потоа политизацијата на скоро сите сегменти од општеството влијае погубно врз развојот на државата. Етничкиот конфликт од 2001 година само дополнително го предизвика процесот на заминување. Доколку наскоро не се превземат соодветни мерки за создавање можности за ангажирање на младите, нема да биде далеку времето кога Македонија ќе остане без сопствениот народ. Периодот од тринаесет години на очекување за подобрување на состојбите беше предолг, доволно имаше политички кампањи во кои се нудеа разноразни економски програми, а истите се забораваа со завршувањето на изборите. Нема време веќе за прокламации за спроведување на разноразни планови, туку потребна е акција.

Со воведувањето на визи за патување во најголемиот број држави сме една од најизолираните држави во светот, но тоа е одраз на нашите економско-социјални состојби во државата како и безбедносната состојба. Дали би можеле да замислиме кога не би постоел визниот режим колкав број граѓани ќе ја напуштат државата. Колку и да звучи иронично, сепак неможноста да добијат виза е единствената причина што многумина се уште се во државава.

Можеби како излез од ваквата состојба во економската сфера е можноста оние десетина проценти од вкупното население кои се збогатија на нечесен начин, криминално стекнатиот капитал што го поседуваат да го инвестираат во државава. Секако оваа идеја е нелогична и во практика нереализирана во ниедна држава, но Македонија има едно искуство кое многу и не се разликува од овој предлог. Односно, амнестирањето на терористите кои денес покрај тоа што се слободни граѓани, се и носители на највисоки државни функции. Притоа ќе се заврши и кај нас процесот на акумулација на капиталот по урнекот од 19 век. Можеби и тоа е цената што треба да ја платиме за да зачекориме во пазарната економија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"