КУЛТУРА

Мишко Талески со нов носач на звук "Ако ме оставиш"

МУЗИКАТА МИ ГИ ЛЕКУВА ГЛАВОБОЛКИТЕ ОД НОВИНАРСТВОТО

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • И покрај тоа што се занимавам со новинарство, музиката ја одбрав како хоби, меѓутоа доколку би бирал од тие две работи би ја одбрал музиката, иако таа не е многу доходовна.
  • Се решив патот до публиката да го најдам на сосема друг начин, сосема сам без никаква конкретна помош.

Мишко Талески многумина го знаат по тоа што е многу успешен и познат новинар, но сепак тој открива и дека умее добро да пее. Потврда за тоа е неговото првенче - CD-то насловено како "Ако ме оставиш" кое претставува компилација на сите негови досегашни песни снимени од 1999 година, па наваму.

На него се снимени петнаесет песни од кои на тринаесет од нив Мишко е комплетен автор. Преостанатите две кои се со патриотска содржина се обработка од "Кога падна на Пирина" чиј автор е Васка Илиева и "Збогум мајко" која ја интерпретираше Никола Бадев.

CD-ТО

Иако поголемиот дел од песните се нови, снимени во последниве неколку месеци, сепак на него се наоѓаат и песни кои се снимени и пред четири години наназад.

На CD-то има вкупно 15 песни коишто се стилски различни почнувајќи од современи, новокомпонирани песни, па и две патриотски од кои една е обработка во етно варијанта, вели Мишко. Има една поп-шлагер, со латино-американски стил, што значи песни за сечиј вкус од помлади до постари генерации. Третата песна "Кај сте Македонци" е посветена на македонскиот народ и држава, песна инспирирана од воената криза 2001 година, за протерувањата и убивањата на Македонците од Западна Македонија.

Веќе споменавме дека целосен автор на тринаесет песни е Мишко, но како аранжери се појавуваат неколку истакнати музичари. Песните не се снимани во еден период, не се наеднаш снимани како што прават одредени музички имиња.

Станува збор за песни кои се снимени во подолг временски период, така што текстовите се добро "легнати", не се набрзина направени, секоја песна си има посебна содржина, додава Мишко. Посебно внимание посветував на текстовите, бидејќи не сакав да се повторуваат со други песни затоа што е познато во Македонија, а и надвор од неа, дека владее една хипер продукција каде што една песна личи на друга. Се обидував да го избегнам тоа и текстовите да бидат малку поразлични од другите. Претежно се љубовни песни со посентиментални текстови. Некои се автобиографски, а некои да одговараат на нешто што е тренд во дадениот момент.

За Мишко ова не е деби во музиката, иако ова е негов прв носач на звук. Неговите први снимки се реализирани уште пред девет години во 1994 година за продукција на МРТВ.

Тогаш отпеав стари обработени песни. Тоа ми беше мој прв чекор што можеше да се направи за продукцијата на МРТВ. Се одлучив за народната песна затоа што во моето семејство постојано се слушаше, иако може да се забележи дека на CD-то во поголемиот дел во фолк мелодиите има забавни мотиви, објаснува Мишко. Веќе собирам материјал и за второ CD за кое исто така ќе настојувам да не се повторуваат една со друга, туку да има од се по нешто.

ТАЛЕНТ

На CD-то "Ако ме оставиш" Мишко има снимено и песна со Сузана Спасовска, "Верувај во овој живот", дует кој е прифатен од љубителите на убавата песна.

Јас на почетокот на мојата кариера не сум ни претпоставувал ниту пак сум верувал дека ќе снимам дует со во моментот најпопуларната музичка ѕвезда од фолк музиката, Сузана Спасовска, вели Мишко. Песната е многу трендовска, комплетен автор сум јас, а како солист се појавува виртуозот на саксофон Ферус Мустафов. За таа песна направивме и спот кој веќе една година се врти по електронските медиуми.

Инаку талентот за музика Мишко не го наследил од неговото семејство затоа што никој од нив не се занимавал со музика.

Додека бев во училиште се разбира пеев во хор, меѓутоа немав претерана желба да пеам, вели Мишко. Љубител сум на музиката и мислам дека без неа тешко дека човек може да живее. Она што во животот духовно ме исполнува е токму музиката, особено кога компонирам. Многу е потешко човек да се внесе во некоја песна кога е од друг автор. Морам да кажам дека е тешко за да се допре до публиката, до јавноста особено во ова време. Се знае како одат тие работи во естрадата денес, но и порано. Јавна тајна е дека треба некој да те поттурне, дека некој треба да те спонзорира и да ти помогне во стаилингот, во компонирањето. Меѓутоа, јас се решив патот до публиката да го најдам на сосема друг начин, сосема сам без никаква конкретна помош. Ова CD е направено со мои лични средства. И можеби кога ќе се види целата ситуација во државава, многу е потешко така да се направи, меѓутоа така сум погорд, отколку некој да се удира во гради дека ми помогнал. Бидејќи јас сум композитор на тие песни CD-то ме чини помалку.

Според Мишко, доколку се соработува со други композитори би чинело неколкукратно повеќе, бидејќи се знае дека една композиција чини од 500 до 1.000 евра, што значи дека 15 композиции по 1.000 евра би чинело 15.000 евра. Но, не се само композиторите во прашање, тука треба да се платат и текстописците, и аранжерите, студијата, оркестрите.

СКЕПТИК

Кога станува збор за фестивалите, ставот на Мишко е дека за да се настапи на еден фестивал не се потребни стотици туку илјадници евра, а при тоа се ризикува пејачот да не влезе во финале.

Морам да кажам дека еднаш имав понуда да настапам на фестивалот "Цветници". Тоа беше во 1996 година, меѓутоа сумата којашто беше потребна за да се настапи на Фестивалот беше екстремно висока што за мои услови беше неизводливо, објаснува Мишко. Но, како што одминуваше времето тежината на фестивалите почна да паѓа, видовме дека "Цветници" веќе не се одржува, така што и кај мене не се појави некоја желба да настапам на некој од нив. Фестивалите ги сметам како приватни фирми за перење на пари каде што однапред се знае кој ќе настапи и ќе победи, однапред се знае кој колку ќе заработи. Немам намера да бидам нечиј декор. Но, ова не значи дека во иднина нема да настапам на некој фестивал. Во 1996 година настапив на Фестивалот на Коста Наумовски "Турбо фолк". Не настапив со турбо песна, туку со автентична македонска песна насловена како "Дано, Данице". Сум имал понуди да настапувам и на популарно кажано тезги, меѓутоа не сум ги прифатил. Не сакам да претерам и со моите настапи по медиумите, затоа што мојата професија сепак е новинарството. Не личи човек кој се занимава со сериозна професија особено политичко новинарство, да го има насекаде. Музиката ми доаѓа како релаксација од главоболките предизвикани од новинарската професија.

Материјалот за второто CD Мишко веќе комплетно го подготвил, така што прашање е само времето кога тој ќе влезе во студио. Покрај петнаесетте песни што ги има на новото CD, има снимено уште пет песни кои најверојатно ќе се најдат на второто CD.

Ќе оставам простор малку да заживеат песните од новото CD, па потоа ќе го промовирам и второто, вели Мишко. Покрај подготвеното второ CD во план ми е да снимам и едно друго кои ќе содржи 10 стари обработени песни. Предизвик ми е да ги отпеам познатите "Кирајџиче јабанџиче", "Зајди, зајди", "Калеш Анѓо", "Јано севдалино"...оние песни кои ги имаат испеано Кирил Манчевски, Никола Бадев, Александар Сариевски. Но се во свое време.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"