Грција ќе лобира за Македонија
Со средбата помеѓу министрите за одбрана на Грција и Македонија, Јанос
Палантониу и Владо Бучковски двете земји и официјално ја започнаа програмата
за соработка во подготовките на земјава за членство во НАТО. Целта на
посетата на министерот Бучковски во Грција беше за забрзана интеграција на
Македонија во Алијансата, а Грција треба да лобира за побрзо реализирање на
процесот.
"Претпристапен статус" во ЕУ за Балканците
Со почеток на преговорите меѓу ЕУ и Хрватска за нејзино полноправно
членство во Унијата, јазот меѓу Хрватска и другите земји од Западен Балкан
ќе се зголеми и ќе создаде поголем притисок во регионот.
Во најновиот извештај на Институтот "Иницијатива за европска стабилност"
од Берлин се вели дека земјите од Западен Балкан треба да добијат "претпристапен
статус без да се преговара за тој статус" за влез во ЕУ.
Грчки караван на мирот
Членови на Културно-уметничко друштво од Катарини пристигнаа во Скопје, а
беа дел од конвојот на мирот и разбирањето промовиран од страна на општини
од северна Грција. Грчкиот караван кој прошета низ Скопје, најголемиот дел
од времето го помина во грчката Канцеларија за врски, а потоа замина кон
Минхен. Намерата на грчкиот организатор беше да испромовира идеја дека патот
на балканското поврзување оди во трансверзала север-југ и обратно.
Албанско барање до Рим за Мајка Тереза
Во писмото упатено до градоначалникот на Рим, Валтер Валтрони, Форумот на
албански интелектуалци од Тирана бараат да ја запре иницијативата на
македонските власти да & изградат споменик на Мајка Тереза во Рим, бидејќи
без оглед што е родена во Скопје, таа е Албанка.
Инцидент кај караулата Долно Блаце
На 14 овој месец во непосредна близина на караулата Долно Блаце тешко
било повредено едно лице од Долно Блаце. Тешко повредениот Таџедин заедно со
уште едно лице пукале врз патролата на АРМ која се обидела да ги спречи да
влезат на македонска територија.
За инцидентот е информирана и полицијата која во селото Долно Блаце го
пронашла комбето и биле приведени три лица за кои постоеле сознанија дека
учествувале во настанот.
Косово е интегрален дел на Балканот
Косово не може повеќе да се сепарира од Балканот, туку тоа е интегрален
дел од регионот, изјави албанскиот
вицепремиер и министер за надворешни работи, Илир Мета.
Тој нагласи дека во шестмесечната анализа на албанското Министерство за
надворешни работи се нагласува дека дипломатската политика на Тирана
директно е насочена кон Косово.
Враќање на едната спомен-плоча во "Св. Прохор Пчински"
Македонија од официјален Белград ќе побара во манастирскиот комплекс "Св.
Прохор Пчински" до крајот на месецов да се врати барем едната спомен-плоча
за да може достојно да обележи стогодишнината од Илинденското востание.
Деца во Албанија - жртви на крвна одмазда
Над илјада деца во Албанија се затворени во своите домови од страв да не
станат жртви на крвава одмазда, соопшти Министерството за труд и социјална
политика. Локалните невладини организации велат дека 1.370 семејства и 7
илјади поединци се жртви на убиствата од одмазда во северна Албанија.
"ОТЕ" го затвори "Космором"
Грчкиот телекомуникациски гигант "ОТЕ" го затворил својот мобилен
оператор "Космором" во Романија. "Космором" направило загуба од 190 милиони
евра.
Струмички лубеници за Албанија и Косово
По неколкудневен прекин и екстремно ниските откупни цени на пазарот на
големо во Колешино, деновиве е интензивиран откупот на бостанот. Само во
последните пет дена откупени се околу 6.000 тони или вкупно 9.000 од
почетокот на откупната сезона. Откупната цена изнесува од 1,5 до 3 денари за
килограм, а за струмичките лубеници покрај трговците од Косово,
заинтересирани се и трговци од Албанија.
|