Во Тетовско прва црква по војната

По повод црковно-народниот празник Свети Петар и Павле, во месноста Петачко Водиче, на половина километар над тетовското село Беловиште, беше извршено осветување и полагање камен-темелник на нова црква што ќе го носи името "Св. Јован Крстител".

Бранувања во СДСМ

Веќе неколку месеци по Конгресот, СДСМ не може да ги избере новите раководства во општинските разграноци поради несогласувања меѓу централното раководство и членството во врска со кадровските решенија. Без локални лидери се уште се околу 20 од 124 општински организации, меѓу кои и познатите "бастиони" на социјалдемократите - Битола, Охрид, Куманово.

Судијката Мијакова ќе му суди на Бојку

Битолската судијка Лидија Мијакова ќе го води судскиот процес против Дилавер Бојку - Леку од струшкото село Велешта. Покрај четирите обвинителни акти што веќе пристигнале во битолскиот суд најавени се и нови - за недозволена трговија со бело робје, за фалсификување исправи, како и за бегство од затвор.

Фармерите опоменуваат!

Александар Стојановски, потпреседател на Федерација на македонските фармери, вели дека ако до септември државата не преземе нешто за откупот и за плаќање на пченицата по 10 денари за килограм, со протести ќе го спречат увозот на бесцаринска пченка од 150.000 тони. Иста е состојбата во преостанатите сегменти од земјоделството.

Македонското сирење во Америка

Македонското овчо и козјо сирење, кашкавалот и македонското јагне од наредната година треба да се најдат на американскиот пазар. Со сите дегустации на нашите производи што се направени од страна на специјализираните продавници за овие простори во САД, побарувачката е потврдена и сега само треба да се направи мрежа и да се освои пазарот, се вели во соопштението на Министерството за економија.

Воведување на GPRS и MMS

Деновиве Мобимак на своите при-пеид и пост-пеид корисници им понуди уште две нови услуги - GPRS и MMS и двете со специјален промотивен период. Со GPRS системот извршена е надградба на постоеачката 900 MHz мрежа кој овозможува подобро искористување на постоечките ресурси со цел побрз трансфер на податоци преку Мобимак мрежата поголем од постоечките 9.6 Kbits во секунда. MMS услугата е мултимедијална за пораки кои освен текст содржат и други податоци во други формати - фотографии во боја, звуци, мелодии, видео клипови. За да може да се користи оваа услуга и двата корисника треба да имаат телефони кои го подржуваат MMS стандардот. Активирањето на услугите исклучиво ќе биде на барање на корисникот во продажните салони и преку инфо центарот.

Спас за Преспанското Езеро

Луѓето од регионот на Преспа велат дека никогаш до сега во поновата историја не се случи ниту толкаво опаѓање на нивото на водата во Преспанското Езеро, ниту пак толкав негов пораст во периодот од само шест-седум месеци. Имено, еминентни авторитети предлагаат да се регулира одливот на вода од Преспанското Езеро во Охридското Езеро и на тој начин да му се врати сјајот на преспанскиот бисер.

Кампања за редовно плаќање на водата

Германската агенција за техничка помош - ГТЗ со ракламна кампања и со наградна игра ќе ги стимулира жителите на Општина Сарај редовно да ги плаќаат сметките за потрошената вода и за комуналните услуги.

Долговите на Сенко Велинов

Директорката на Драмскиот театар во Скопје, Лилјана Велјановска, неодамна ги отвори картите и ги кажа имињата и презимињата на луѓето кои направиле долгови во театарот. Меѓу нив се најде и поранешниот директор Сенко Велинов. За една година од директорувањето долгот го направил со земање кредит од Стопанска банка, неплатени комуналии, со долг кон автопревозници и кон една рекламна агенција.

"Летен Фестивал на културите" во Штудгард

Во организација на"Forum der Kulturen Stuttgart e.V." (Форум на културите Штудгарт) од 27 јуни до 2 јули 2003 година се одржа "Летниот фестивал на културите" во Штудгарт со разновидна музичка и фолклорна програма од сите краишта на светот. Форумот "Корзо" зеде учество на Фестивалот презентирајќи македонски специјалитети (оброци и пијалаци) и информативни проспекти околу Македонија на неговиот штанд. По предлог на форумот "Корзо" во официјалната програма на Фестивалот беше внесена монодрамата "Овде живее Т.Т. - еден маж од Македонија" во изведба на авторот и актерот Јусуф Гулевски, кој веќе неколку години живее и работи во Штудгарт. Монодрамата на Гулевски ја осветлува трагичната судбина на македонскиот иселеник, далеку од родната грутка, проколнат да биде разделен од неговите најблиски. Во програмата учество зедоа најразлични фолклорни и музички групи од Романија, Финска, Шпанија и други земји.

Звуците на македонската култура

Од 11 до 13 јули годинава во организација на Македонската православна црковна општина "Свети Кирил и Методиј" се одржа тринаесеттиот македонски етнички фестивал на којшто се претстави Македонската заедница во Бафало. На фестивалот продефилираа традиционалната македонска храна, музика и ора.

На фестивалот настапија повеќе македонски групи и културно-уметнички друштва од Канада и Соединетите Американски Држави.
Средствата собрани за време на одржувањето на Фестивалот се наменети за Фондот за градба на црква.

Охридско лето во полн ек

Во саботата со фанфари, фестивалски оган и со популарната Бетовенова симфонија "Ода на радоста" во Античкиот театар свечено беше отворено 43. издание на Охридско лето. Популарната Бетовенова симфонија ја изведоа Македонската филхармонија, Хорот на МНТ..., а како солисти настапија Весна Гиновска – Илкова и гости од Бугарија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"