ЕКОНОМИЈА

СОЦИЈАЛА: Снежана Ивановска, протерана Македонка од Лешок

ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТ НЕ ИЗБРКА ОД ДОМА, А ОВАА НИ ГО ЗЕДЕ СТАНОТ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Во студентскиот дом "Стив Наумов" во Скопје никој не дојде да ме праша дали имам лекарства за моето хендикепирано дете. Мојата свекрва, при бегањето од дома, не можела да ги земе и лекарствата. Јас бев на работа кога не протераа од дома, а мојата свекрва успеала да ги спаси моите деца. Избегавме без пелени, без лекарства, без облека, вели госпоѓа Ивановска.
  • Народниот правобранител рече дека решенијата за станови биле делени како лото ливчиња. Му реков дека не е така, бидејќи ако биле делени како лото ливчиња, јас ќе сум добиела стан на седми кат, но јас со хендикепирано дете добив стан на приземје. Тоа значи дека документите биле внимателно разгледувани, објаснува госпоѓа Ивановска.

Госпоѓа Снежана Ивановска од село Лешок - Тетовско, за време на воениот конфликт во нашата држава, на 23 јули 2001 година со своето семејство беше избркана од албанските терористи од својот дом. Таа две години престојувала во студентскиот дом "Стив Наумов" во Скопје. Конкурирала на огласот за станови што го објави минатата Влада и добила таков стан. Но, актуелната владејачка гарнитура & го одзеде тоа право. Госпоѓа Ивановска е мајка на три деца од кое едното боледува од церебрална парализа.

Кога не избркаа од дома на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Пред Собранието никој од тогашните претставници на власта не не прими. Единствено ми пријде новинарот на Сител, Драган Павловиќ - Латас, кој ме смести во Собранието до вечерта. Потоа не однесе во хотел на негова сметка од каде што не зеде една пријателка која исто така има болно дете и со која лежевме во болница. Кај пријателката престојувавме седум дена, а потоа не сместија во студентскиот дом "Стив Наумов" во Скопје. Таму никој не дојде да ме праша дали имам лекарства за моето хеникепирано детето. Мојата свекрва, при бегањето од дома, не можела да ги земе и лекарствата. Јас бев на работа кога не протераа од дома, а мојата свекрва успеала да ги спаси моите деца. Избегавме без пелени, без лекарства, без облека, вели госпоѓа Ивановска.

Нашата соговорничка објаснува дека додека биле сместени во хотелот дошле претставници на Синдикатот на Народна банка. Тие финансиски & помогнале, & купиле лекарства за детето. Исто така и братучед на нејзиниот сопруг им помогнал со пелени и пакет - сокови.

Во студентскиот дом "Стив Наумов" бевме две години. Оттаму ни дадоа наредба да се отселиме. Јас сум со болно дете кое често добива напади и не можам да патувам и да бидам отсутна 12 часа од дома. Затоа одлучив да земам стан под кирија, вели госпоѓа Ивановска.

За време на војната нашата соговорничка осум месеци патувала од Скопје до Тетово, бидејќи работела во градилиштето на градежното претпријатие "Гранит" во овој град. Ова градилиште за време на војната го затвориле, а потоа таа се префрлила да работи во Скопје.

КОНКУРС

За огласот за станови госпоѓа Ивановска се информирала од медиумите.

На мојата мајка која беше во собата и ги чуваше децата & реков дека ќе се обидам да конкурирам, иако не се надевав, зашто знаев дека кај нас становите се доделуваат по пријателска основа. Овде јас никого не знаев и си мислев ако ме одбијат сега, ќе конкурирам повторно. Ја собрав целата документација и отидов во Министерството за транспорт и врски во Бутел, во Општина Чаир. Пред да ги поднесам документите прашав дали можам да конкурирам. Меѓутоа, таа што ја примаше документацијата беше многу непријателски расположена. Таа ми даде телефонски број, но ми беше страв да се јавам и да прашам што се случува со документите, вели госпоѓа Ивановска.

По два месеца на нејзиниот сопруг му се јавиле од Министерството за транспорт и врски и му порачале госпоѓа Снежана Ивановска да се јави во оваа институција.

Снежана Ивановска со семејството за време на воениот конфликт, 2001 година, пред Парламентот

Од работа, објаснува госпоѓа Ивановска, се јавив на телефонскиот број кој му го оставиле на сопругот и им реков на колешките: "Сега ќе ми речат да одам и да си ги соберам документите". Но, од Министерството за транспорт и врски ми рекоа: Ви честитаме, добивте стан. Ве чекаме да дојдете да потпишите договор. Јас останав изненадена и без зборови.

Таа отишла во Министерството за транспорт и врски за да го потпише договорот. Меѓутоа, првото известување за станот некој & го зел, но немала време да се распрашува кој го сторил тоа. Во Министерството & дале ново известување.

Но, радоста за ова семејство беше кратка. По месец дена госпоѓа Ивановска слушнала дека се поништува конкурсот за станови. Отишла кај Народниот правобранител, но тој не бил тука за да ја прими. Разговарала со неговата заменичка која & рекла дека ако го добила станот регуларно, не треба да се плаши, затоа што повторно ќе го добие. Во холот кај Народниот правобранител случајно се сретнала со една жена која исто така имала добиено стан и разговарале што понатаму, како да ги бараат своите права.

Отидов во "Сител" и дадов апел да се собереме сите луѓе на кои им беа одземени становите и да се обратиме кај Народниот правобранител. Кога отидовме кај Правобранителот, неговото прво прашање беше: "Зошто дојдовте кај мене". Јас му реков: На вратата прочитавме Народен правобранитал, па мислевме дека треба да се обратиме кај Вас, бидејќи треба да ги штитите правата на граѓаните. Тој потенцираше дека ќе ги брани, а мојот коментар беше - ќе видиме колку ќе ги браните. Правобранителот потенцираше исто така дека десет отсто од становите биле доделени на нерегуларен начин. Му реков дека не сме толку неписмени за да не знаеме дека со 10 проценти не се поништува никаква одлука, ниту пак конкурсот. За да се поништи нешто, разликата треба да биде 49 наспроти 51. Правобранителот рече дека решенијата за станови биле делени како лото ливчиња. Му реков дека не така, бидејќи ако биле делени како лото ливчиња, ќе сум добиела стан на седми кат, но јас со хендикепирано дете добив стан на приземје. Тоа значи дека документите биле внимателно разгледувани. Ако не сме во право, нема да ги бараме нашите права. Се чувствував непријатно поради тоа што луѓето прво ме гледаа избркана, а потоа како давам апел. Тие ќе си речат што прави оваа жена, вели госпоѓа Ивановска.

ПОМОШ

Никој во оваа држава не ме прашал како се снаоѓам. Кога дојде на власт оваа Влада наместо да ги решава другите проблеми, првото нешто за што се зафати беше сиромаштијата. Претходната власт не избрка од дома, а оваа ни го одзеде станот, коментира госпоѓа Ивановска.

За објаснувањето дека десет отсто од становите се доделени на нерегуларен начин таа вели дека луѓето од власта треба да кажат кои се тие десет отсто. Госпоѓа Ивановска потенцира дека свесни се за тоа оти во оваа држава нема идеалност и дека без разлика која партија е на власт и која и да дојде, секогаш ќе има отстапки. Но, и дека партиската книшка не смее да биде критериум дали некој ќе добие стан или не. Без разлика дали некој е член на некоја партија или не, треба да добие покрив над главата.

Нашите станови се станови под закуп за кои треба да плаќаме кирија, а во договорот пишува дека доколку за три месеци не платиме кирија, ќе ни ги земат, вели госпоѓа Ивановска.

Таа објаснува дека и во Лешок нема соодветни услови за живот. Во една куќа живеле тројца браќа со своите семејства и со родителите. Користеле едно купатило.

Снежана Ивановска сега живее под кирија во населбата Автокоманда во Скопје, за што плаќа износ од 100 евра. Нејзиниот сопруг успеал приватно да се вработи во Скопје. Освен додатокот за хендикепираното дете од 2.500 денари, таа не добива никаква друга помош.

Едно време сакаа да ни го укинат специјалниот додаток и сакаа децата да ги однесеме во домови. Во кои домови? Во нив нашите деца би умреле за 24 часа. Зошто детето кое осум ипол години го одгледувам да го однесам во дом? За да умре за 24 часа?, прашува госпоѓа Ивановска.

Таа сепак се надева дека пред Меѓународниот суд за човекови права ќе биде задоволена правдата, односно дека ќе го добијат изгубениот стан.

Не само од Судот за човекови права во Стразбур, туку од која и да било институција во странство може да бидеме позаштитени отколку од нашите судови. Можеби и судиите се принудени да застанат на страната на Владата. Таков е нашиот менталитет и уште долго ќе треба за да се доближиме до западните земји, потенцира госпоѓа Ивановска.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"