ИНТЕРВЈУ

Благородна Мингова - Крепиева, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ДА ГИ НАДМИНЕМЕ ТАБУАТА ОД БАЛКАНСКИОТ ФОЛКЛОР

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Последните статистички податоци говорат дека 51 отсто од високообразованите граѓани во Македонија се жени. Зошто тогаш го поставуваме прашањето дали жената може да се носи рамо до рамо со мажите во светот на политиката? Проблемот е во надминување на табуата од овој наш балкански фоклор кои жената ја ставаат во подредена позиција без разлика на нејзините способности.
  • Зголеменото присуство на жени во сегашниот состав на Парламентот е голема обврска за нас да ја оправдаме таа доверба. Од нашата успешност ќе зависи бројот на жени во наредниот состав.

МС: Госпоѓо Мингова - Крепиева, дали постои некое правило според кое е наведена возраста потребна за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Строго дефинирано правило на која возраст жената може активно да се вклучи во политиката - нема. Моето искуство говори дека тоа е процес кој започнува од раната младост и постепено созрева во личноста без разлика на полот. За жал, традиционализмот се уште има свое влијание и претставува еден вид кочница за многу елоквентни и способни жени кои не само што можат, туку и & се потребни на политичката сцена. Ме радува што се повеќе млади високообразовани жени се вклучуваат во политиката, потиснувајки го другиот пол од центрите на моќ и одлучување. Со еден збор, возраста на која жената може да се вклучи активно во политиката е тесно поврзана со созреаното чувство дека се има визија и потреба истата да се реализира.

МС: Која е Вашата професија и како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: По професија сум инженер технолог, иако мојот работен век од дваесет и девет години може да се подели на професионален ангажман во политиката и во надворешната трговија. Во политиката запловив уште во средношколските денови како член во органите на тогашниот Сојуз на социјалистичката младина на Македонија. Ги паметам тие години, особено 1968 година по набојот на идеи за демократизација и разногласие чии предвесници беа градското младинско гласило “Фокус” и театарската група “Св. Никита - Голтарот”. Голем број од тогашните другари ги среќавам и денес на политичката сцена како носители на плурализмот во Македонија.

МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: На ова прашање можам да ви одговорам едноставно само со потврден одговор. И овој наш разговор помеѓу Вас како жена - новинар и мене жена - пратеник го потврдува тоа. Последните статистички податоци говорат дека 51 отсто од високообразованите граѓани во Македонија се жени. Зошто тогаш го поставуваме прашањето дали жената може да се носи рамо до рамо со мажите во светот на политиката? Проблемот е во надминување на табуата од овој наш балкански фолклор кој жената ја става во подредена позиција без разлика на нејзините способности. Затоа паралелно со еманципацијата на жената треба да работиме и на еманципација на мажите кои мора да сфатат дека не сме спротивставени страни, туку симбиоза која мора да функционира беспрекорно во сите пори на општественото живеење.

МС: Колку досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на мажите, како што обично се вели за политиката?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Имам среќа што припаѓам на политичка опција која родовиот аспект го има вградено во своето програмско дејствување. Од таму произлегува и односот на моите колеги во секојдневната соработка. Од нив ја имавме целосната поддршка во реализацијата на Проектот за најмала застапеност од 30 отсто од обата пола, иако преведено на јазикот на мажите најчесто се вели 30 отсто жени. Зголеменото присуство на жени во сегашниот состав на Парламентот е голема обврска за нас да ја оправдаме таа доверба. Од нашата успешност ќе зависи бројот на жени во наредниот состав.

МС: Дали жените - парламентарки имаат време и за своето семејство?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Работното време на членовите на Парламентот не е строго дефинирано. За прв пат сите парламентарци се професионално ангажирани. Нашата работа најмалку може да се сведе на присуство на седниците на Парламентот. Тука е подготовката за секоја седница, потоа работата во комисиите, работата на некои законски проекти и постојани контакти со граѓаните, разни граѓански здруженија, невладини организации и друго. Понекогаш не останува многу време за семејството, но и тоа малку време се трудам ефикасно да го искористам. Најмногу значајна ми е комуникацијата со членовите на семејството, меѓусебното разбирање и довербата изразена со заедничкото учество во решавањето на сите прашањата од нашето заедничко живеење.

МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Мајка сум на две деца. Син ми е на 25 годишна возраст, а ќерка ми има 13 години. И покрај разликата во годините тие меѓусебно се мошне поврзани и имаат развиено чувство за одговорност, исполнителност и грижа еден кон друг. Тоа ми ја олеснува мојата улога како мајка и ми овозможува да ги извршувам своите обврски навреме. Сепак, во тоа постојано брзање се прашувам да не сум испуштила некој миг од нивното растење и зреење и затоа се обидувам секој слободен миг семејството да биде заедно, да се најдам тогаш кога како родител сум им најпотребна со збор, совет и неизмерна љубов.

МС: Жената пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа според Вас претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Ако за нешто со сигурност можам да кажам дека не е хендикеп, тоа сигурно е мајчинството. Самиот факт дека ние жените го регенерираме животот не става во футуристичка позиција. Да се гледа и гради иднината не може без вклучување во политиката. Мајчинството ја облагородува жената, ја прави поодговорна за иднината на своите деца и иднината на пошироката заедница. Токму ова е поттик, а не хендикеп за политичката и не само политичката кариера на секоја жена.

МС: Колку и дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Најголемата поддршка за моето политичко ангажирање од самиот почеток сум го имала од својот сопруг. Во него го имам најголемиот критичар, но и најдобриот соговорник по сите прашања и дилеми кои се исправаат пред мене во вршењето на оваа одговорна функција. Во последно време со некои корисни сугестии се вклучуваат и моите деца кои се особено заинтересирани за позитивни решенија во врска со заштитата на малолетниците и борбата против девијантните појави меѓу младите.

МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето хармонично семејство?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: На почетокот напоменав дека во политиката сум подолго време. Одлуката повторно да се вклучам професионално во политиката дојде во период кога Македонија се најде во длабока политичка и економска криза. Чувствував дека е обврска на секој жител на нашата земја да се вклучи и да го стави својот потенцијал во зачувувањето на територијалниот интегритет на земјата, нејзината безбедност, политичка стабилност и економски развој. Успехот е резултат на хармонијата помеѓу целите и можностите кои личноста си ги поставува пред себе. Без таква хармонија нема хармонија во семејството ниту резултати во својот ангажман. Се е поврзано и меѓусебно зависно.

МС: Дали покрај сите обврски наоѓате време и за самата себе за нега и одржување на изгледот?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Јавниот живот бара секогаш да сте уредни и умерени во изборот на сопствениот стил. Тоа бара и дополнително време, кое за жал секогаш ми недостасува. Ако треба да изберам помеѓу време кое ќе си го посветам себе си, секогаш ќе изберам тоа да го поминам со семејството, пошироката фамилија, пријателите или некоја добра книга.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Зголемениот број жени во сегашниот состав на Парламентот, да бидам искрена, се должи како на измената во законската регулатива за најмала застапеност од 30 отсто од обата пола, така и на определбата на политичките партии вклучувањето на жените да не биде формално. Тоа се гледа и од позициите кои жените ги имаа на листите на политичките партии на последните парламентарни избори. Кај некои политички субјекти тие ги зазедоа последните места што говори за нивниот однос кон жените. Затоа е неопходна зголемена активност на жените во сите политички партии за нивна поголема застапеност и подобра позиционираност на листите на некои од наредните избори. Дали ќе ја достигнеме или надминеме бројката од 50 отсто застапеност на жените во Парламентот зависи од сите нас: од жените парламентарки кои ја имаат обврската пред електоратот да се наметнат како сериозен и доминантен фактор во работата на законодавниот дом; од електоратот кој ќе им ја укаже довербата; и пред се од заедничката еманципација на обата пола во правец на взаемно почитување на способностите.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

МИНГОВА - КРЕПИЕВА: Работете врз сопственото градење на личност без предрасуди, сигурни во сопствените можности и знаење и похрабро зачекорете во светот на одлучувањето чиј простор традиционално го запоседнале мажите. Едноставно - бидете жени со амбиции.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"