Изградбата на Коридорот и на инфраструктурните објекти по неговата
должина, ќе биде позитивна, за трите држави и за економскиот и
инфраструктурен развој на целата Југоисточна Европа, што ќе помогне за
побрза европска и евроатлантска интеграција од регионот.
СОРАБОТКА
Коридорот 8 е коридор број еден во нашите односи и неговото завршување ќе
придонесе во нашите напори во евроинтеграциите, истакна во Ѓуешево
претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски.
"Коридорот 8 е приоритет и е од огромно значење за инфраструктурното и
економското поврзување на Македонија, Бугарија и Албанија и за јакнење на
регионалната соработка и нивно приближување кон Европската унија", гласеше
заедничкиот заклучок на тројцата претседатели. Тие заедно ќе упатат порака
до европартнерите и до меѓународните финансиски институции, за завршување на
Коридорот 8.
Коридорот 8 е наша стара мечта. Дел од работите се завршени, но се уште
сме далеку од посакуваното. Со овие средби сакаме да го привлечеме
вниманието на Европа да покажеме што е завршено и да побараме помош за она
што преостанува, изјави албанскиот претседател Алфред Мојсиу.
Претседателите ќе бараат помош од ЕУ за Коридорот 8
Споменикот на Гоце Делчев во Благоевград
Бугарскиот претседател на меѓусоседската соработка и даде и значење на
фактор за стабилност на целиот регион.
Нема подобра инвестиција од мирот и стабилноста во регионот од
инвестициите во инфраструктурата и развојот, подвлече Георги Прванов,
претседател на Бугарија.
Според него, европартнерите ќе заштедат многу енергија на решавање на
конфликтите во регионот доколку инвестираат во инфраструктурата. За жал,
изградбата на Коридорот 8 веќе со години е само на зборови, без многу реални
остварувања. Коридорот 8 го опфаќа патното, железничкото, енергетското и
телекомуникациското поврзување на трите земји од Бургас, преку Скопје до
Драч. На Република Македонија & се потребни околу 930 милиони долари за
железничко и патно поврзување. Во практика, за железницата и автопатот од
железничката пруга од Бугарија преку Скопје до Драч на македонска територија
од 88 километри завршена е само една третина, а од автопатот од 280
километри направени се само 86.
ЧЕСТВУВАЊЕ
Во Ѓуешево, Република Бугарија, македонските новинари побараа коментар за
неодамнешната изјава на бугарскиот претседател дадена за бугарските медиуми
дека се ближи денот кога Македонците и Бугарите заеднички ќе го прославуваат
Илинден.
Преседателот Трајковски изјави дека освен ваквата изјава на бугарскиот
претседател, официјален предлог од бугарска страна се уште нема, а доколку
таков предлог биде понуден, тој внимателно ќе биде разгледан, а потоа ќе
биде заземен и став.
Мислам дека засега тие национални манифестации треба да останат во таква
форма каква што е сега во двете држави. Живееме во ново време кога новата
генерација на политичари бара да се напуштат предрасудите и стереотипите и
повеќе да се свртиме кон иднината, изјави Трајковски.
Македонскиот претседател додаде дека доколку постои желба од страна на
високи личности од Бугарија да присуствуваат на прославата на Илинден,
нивното присуство е добредојдено. Трајковски нагласи дека "ако се стремиме
кон ЕУ нема место за реториката од 19 век, бидејќи таа би било погубна за
односите меѓу двете држави за позитивна соработка, а би ги стопирала и
процесите на европски план".
Бугарскиот претседател Прванов, потенцираше: Кај народот од двете
страни на границата созреа мислата дека во историјата има повеќе нешта кои
не обединуваат, отколку што не разделуваат.
Трајковски и Прванов се заложија за, како што изјавија, европско читање
на историјата.
Ние дадовме идеја за европско читање на историјата кога заедно со
македонскиот претседател положивме венец на гробот на Јане Сандански, а тоа
ќе го сториме и со полагање венци на спомениците на Делчев во Благоевград и
во Струмица, изјави Прванов.