д први јануари 2005 година, како
што изјави министерот за локална самоуправа, Александар Гештакоски, ќе имаме
нова територијална поделба, нови органи, градоначалници, советници, нови
извори на приходи и целокупниот процес на функционирањето на реформирана
локална самоуправа ќе може да почне со буџетската 2005 година.
Меѓутоа, новиот концепт на територијална поделба на Република Македонија
со кој сегашните 123 општини најверојатно ќе се сведат на околу 60 и кој,
како што беше најавено, до крајот на месецов треба да ја помине првата фаза
од собраниската процедура, предизвика бурни реакции во македонската јавност.
Македонците стравуваат дека со ваквата територијална поделба ќе се случи
кантонизација на државава, а според опозицијата западниот дел на Македонија
ќе стане само политички поим, бидејќи ќе се загубат сите општини со
мнозинско македонско население. Анализите на ВМРО-ДПМНЕ се дека во новата
општинска карта нема да има место за ниту една општина со мнозинско
македонско население на потегот Скопје - Кичево - Струга, што значи дека во
иднина во тој дел од земјава нема да има градоначалници - Македонци.
Владата ја крои новата територијална карта на
државава
Наспроти намалувањето на бројот на македонските општини, партијата на
Ахмети бара албанска општина Кале во Скопје на левата страна на реката
Вардар, со мнозинско албанско население. Предлогот е новата општина да биде
композит на делови на трите постоечки општини - дел од Чаир, дел од Центар и
дел од Општината Гази Баба. Преку оваа општина ДУИ гледа и поголема можност
за официјална употреба на албанскиот јазик и на албанското знаме на
територијата на Општината. Намерата на ДУИ е во македонска метропола да има
општина во која, во согласност со Законот за локална самоуправа, ќе се
зборува албанскиот јазик и ќе се избира градоначалник Албанец. Една од
варијантите на ДУИ е и Арачиново да се припои кон некоја од скопските
општини, со што таа би добила мнозинско албанско население.
СТРАВУВАЊА
Некои медиуми веќе објавија, неофицијално, дека во новата територијална
поделба, ќе се бришат општините Вратница, Јегуновце, Маврови Анови, Вруток,
Жупа, Вевчани, Мешеишта, Вранештица, Другово, Осломеј, Зајас, Арачиново,
Самоков, Танковце, Лозово, Дојран, Новаци, Бач, Цапари, Демир Капија, Конче,
Пласница, Белчишта, Конопиште, Росоман, Витолиште и други.
Со припојувањето на општините Осломеј и Зајас кон Кичево, на пример, тоа
ќе стане општина со мнозинско албанско население. Општината Вевчани ќе биде
припоена кон Велешта каде што населението е стопроцентно албанско.
СДСМ и ДУИ не успеале да се договорат за разграничувањето на приградските
и градските скопски општини, каде што ДУИ инсистирала на моделот што ќе
овозможи концентрација на албанското население во една од градските општини.
Колку се вистинити тврдењата на Гештакоски дека нема
територијални решенија за етнички прашања?
Во Кичево и Струга е проблематичен изборот на сегашните селски општини
што треба да бидат припоени кон двата града, од што ќе зависи дали во нив,
како локални центри, ќе доминира македонско или албанско население.
Министерот за локална самоуправа, Александар Гештакоски, претходно
потврди дека во Владата се уште имало неусогласеност за тоа како треба да
изгледа регионот Кичево - Струга, а за територијалната организација на
Скопје рече дека допрва ќе се утврдува со посебен закон. Министерот за
локална самоуправа неодамна, исто така, изјави дека дека новиот концепт на
територијална поделба нема да ги продлабочи етничките и националните поделби
во Македонија, бидејќи врз основа на територијални решенија не можат да се
решаваат етничките прашања.
Во интервју за "Дневник", Гештакоски вели: Треба да бидеме реални. Во
старата Општина Тетово постои Општина Брвеница со околу 40 отсто Македонци и
тоа според Пописот од 1994 година, но врз основа на нашите сознанија тој
процент сега е намален, иако сметаме дека таа општина би требало да опстане.
Другата точка во тетовскиот дел се општините Вратница и Јегуновце. Во
Вратница и сега е доминантно албанското население. Македонското население
таму е околу 40 отсто и сигурно со новиот Попис ќе се намали на околу 30
отсто. Тука се и Јегуновце со доминантно македонско население. Вложуваме
напори во тој дел да се направи одредена општина во која би било доминантно
македонското население од аспект на остварување на правата од Уставот и од
Рамковниот договор, како и од Законот за локални избори, каде што
населението со над 50 отсто има шанси да добие градоначалник и советници. Во
другите делови на тетовскиот регион, населението е од 90 до 99 отсто
албанско.
Тој истакнува и дека се обидуваат истото да се направи и во делот Маврово,
Гостивар и Ростуше. Во Маврово, според него, со околу 1.900 жители доминира
македонското население, а во Ростуше има Македонци, македонски муслимани,
Турци и Албанци и се прават напори да се зачува тој дел како општина со
мнозинско неалбанско население. Проблематични се и делови на Кичево и на
Струга, односно Вевчани, општина која бара да опстане и покрај неисполнување
на главните критериуми.
ОБВИНУВАЊА
Разговорите меѓу опозиционата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу новата
територијална поделба, по се изгледа пропаднаа. ВМРО-ДПМНЕ објави дека има
изготвено свој закон за нова територијална поделба на државата, откако со
СДСМ не успеале да се договорат, по што СДСМ ги продолжила разговорите за
новата територијална поделба со својот коалициски партнер ДУИ.
Имаме информација дека СДСМ и ДУИ не успеале да се договорат и овој закон
нема наскоро да влезе во процедура за усвојување. Прво ќе чекаме Владата да
излезе со својот предлог, а потоа пратениците од нашата партија ќе го
предложат нашиот, изјави Лупчо Балковски, член на ВМРО-ДПМНЕ.
Од раководството на најголемата опозициона партија тврдат дека во
разговорите со СДСМ не им бил презентиран бројот општини што го предлага
Владата.
Ние сакавме уште еден состанок, но тие рекоа дека им се брза законот в
понеделник да се најде на разгледување во Владата, потенцира
Балковски.
Тој додаде дека "бројот на општините што тие го предлагаат не се совпаѓа
со бројот на општини што го предлага Владата".
Марјан Додовски, исто така член на на ВМРО-ДПМНЕ, објасни дека во законот
што тие ќе го предложат општините во општи рамки ќе бидат поделени на
градски и селски. Тоа е со цел, како што рече, за да се одбегне пустошењето
на селата. Вториот критериум од кој се раководеле е да се задржат
природната, географската и економската поврзаност на сегашните општини.
Третиот критериум е населбите во општините да гравитираат кон функционален
општински центар.
Ние сме за окрупнување на општините, но сметаме дека тоа треба да биде
врз други критериуми и во согласност со Законот за локална самоуправа. СДСМ
прво се договараше со нас, а потоа ги продолжи разговорите со ДУИ, и нам
таквиот начин на договарање не ни е прифатлив, велат во ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Поповски, претседателот на Собранието на РМ, во интервју за А1
изјави: За новата територијална поделба треба да расправа и Владата и
Парламентот и јавноста. Прво, законот се работи во Владата. Откако Владата
ќе излезе со законот, во Парламентот се оди во две фази на расправа. Ќе
расправаме најверојатно со денови во Парламентот, потоа ќе го вратиме
законот назад во Владата повторно на разгледување. Тоа ќе биде период на
месец-два кога јавноста ќе го има текстот на законот и потоа Владата ќе
изготви нов текст и ќе го врати во Собранието. Ако тоа не е доволно за
усогласување, мислам дека ВМРО-ДПМНЕ е на погрешна трага. ВМРО-ДПМНЕ не е
владина партија за да учествува уште во фазата на подготовка, иако овој пат
се вклучени и во тоа. На прес кажуваат дека се подготвува закон, а
забораваат дека на три наврати ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разговарале токму за
Законот за локална самоуправа.
Потпретседателот на СДСМ и министер за одбрана, Владо Бучковски, кој е
дел од тимот за разговори со опозицијата, во минатонеделната изјава за
медиумите рече дека новиот закон за територијална поделба може да се изгласа
во Парламентот со просто мнозинство, но на Владата & е важно да добие
согласност и од опозицијата.
Иако челниците во државава велат дека со новата поделба нема да ни се
случи кантонизација, Либералната партија бара референдумско изјаснување како
последна брана, како што изјави Зоран Крстески, пратеник од оваа партија, од
федерализација на државата.