ПОЛИТИКА

Извештај за најновите аспекти што се однесуваат на уставното име на Република Македонија

ГРЧКИТЕ БАРАЊА НЕМААТ ОСНОВА ВО МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО

Пишува: Проф. д-р Игор ЈАНЕВ, поранешен специјален советник на министерот за надворешни работи

  • Уставното име според МКГ не е Republic of Macedonia, туку на англиски јазик нова деноминација Република Македонија. Оваа деноминација повторно подразбира, како и кај FYROM, ограничување на правото слободно да се определи сопствен правен идентитет.

Ставовите на Меѓународната кризна група (МКГ) и предлогот на оваа група во документот на МКГ поволно за РМ е тоа што се потврдува дека "Грчките барања немаат основа во меѓународното право". Со ова се укажува дека од правна гледна точка не постои проблем меѓу Република Македонија (РМ) и Република Грција. Овде се врши повикување на Хенкин и Бадинтер. Во учебникот на Хенкин, Пју, Шахтер и Смит International law(West Pub.co. 1992, стр. 253) јасно се потврдува дека грчките барања "немаат основа во меѓународното право и практика", односно дека државите немаат "ексклузивни права врз имиња". Од друга страна во извештајот на МКГ се зборува за легитимни "грижи" на грчката страна. Овој став противречи на претходниот став дека Грците немаат основа за своите барања во меѓународното право.

Од ставовите на Хенкин, Пју, Шахтер и Смит јасно е дека станува збор за инхерентно право на државата (бидејќи правниот идентитет е есенцијален елемент на правната личност на државата), во које државите и ОН не можат да се мешаат (односно не е дозволено интерферирање). Следува дека барањето содржано во Извештајот на кризната група за давање концесии од страна на РМ на Грците и воведување на билатерално име претставува правна бесмислица и политички и материјално ваквите барања за концесии и името се исклучително штетни.

Штетите од билатерално име и од концесиите се следниве: а) Признавање дека државното име и избор на името не е во строга внатрешна надлежност на државата, што овозможува неограничено уценување; б) Признавање од РМ дека грчките аргументи имаат основа во правото, креирајќи нелегален преседан (со штетна практика); в) Откажување од правната еднаквост и во врска со ова правење штета по угледот и достоинството односно по суверенитетот на државата; г) Откажување од принципот и правото на недискриминација при државното претставување во односите со другите држави и ОН и нејзините специјализирани агенции и установи (организациите во системот на ОН); д) Откажување од правото на неповредливоста на есенцијалните елементи од правниот субјективитет односно од правото на неповредливоста на правната личност; ѓ) Откажување од правото на прием без дополнителни услови во ОН односно откажување од неопходна правна автономност во однос на ОН (деградирање на правниот статус во ОН); е) Откажување од правото на самоопределување на сопствениот правен идентитет; ж) Потврдување на политика со која правниот идентитет и националниот идентитет се негираат; з) Нарушување на позицијата на македонското национално малцинство во Грција и негирање на нивните барања (односно негирање на оправданоста на овие барања); ѕ) Признавање дека грешките не се направени од ОН со што се проблематизира воспоставувањето на уставното име во ОН; и) Кршење на меѓународната уставна должност за почитување на сопствениот дигнитет односно должности при комуникацијата според правилата на меѓународното право (што има реперкусии и врз кршењето на уставното право); j) Загрозување на виталните интереси на РМ, што се однесува на декларацијата за историски, културни и образовни права, односно концесиите во образованието со што се доведува во прашање државноста на РМ, односно основните права во областите на образованието, културата, науката (општествените науки) и во областа на масовните комуникации; к) Уставно дерогирање на идентитетот, бидејќи според уставот на РМ уставното име е единствено Република Македонија.

НЕЗАКОНСКИ УСЛОВ ЗА МАКЕДОНИЈА

Во 1993 година при приемот на Република Македонија во ОН поставени се, и се гласало, за два дополнителни услови кои не спаѓаат во пропишаните услови јасно предвидени со Повелбата на ОН. Со поставување и гласање за услови што не се: 1) егзостивни; 2) експлицитни; 3) временски свршени; 4) внатрешно конзистентни (односно кои се такви да се поставуваат и покрај експлицитно потврдување дека државата ги задоволила условите за прием); се прави ултра вирес акт, т.е. се крши член 4 и член 2 од Повелбата на ОН.

Предлогот на МКГ подразбира нов дополнителен услов за РМ. Овој услов е прифаќање на билатералното име, кое е неопходно за воспоставување на "уставното име" во ОН. Уставното име според МКГ не е Republic of Macedonia, туку на англиски јазик нова деноминација Република Македонија. Оваа деноминација повторно подразбира, како и кај FYROM, ограничување на правото слободно да се определи сопствен правен идентитет. Се поставува прашање (хипотетички) доколку би се раскинале односите со Грција, со што би престанало да постои билатералното име (бидејќи двете земји не би имале дипломатски односи) што би се случило со името во ОН. Прашање е дали (привремено) име повторно би било FYROM (деноминација), како пред да се склучи договорот или би останало Република Македонија, со што Грција би сметала дека е измамена. Бидејќи билатералното име би го заменило условот да се преговара за името настанува ситуација во која повторно имаме два дополнителни услова: 1. Деноминација во ОН (буквално Република Македонија, кога сите други држави користат англиски називи односно ограничување при самоопределувањето на правниот идентитет), 2. Билатерално име кое подразбира ограничување на правото на определување на сопствен правен идентитет во однос на друга држава.

Сегашните два дополнителни услова се: 1. Деноминација FYROM, и 2. Преговорите со Грција за сопственото име.

Може да се забележи дека сите овие наведени услови не се експлицитно предвидени во член 4 од Повелбата, не спаѓаат мегу егзостивните услови, односно временски трансцедираат чин на приемот. Бидејки деноминацијата FYROM или Република Македонија (на англиски, дискриминаторно) претставува еден ист услов (деноминацијата) произлегува дека единствен нов (дополнителен, незаконски) услов е билатералното име со кое се ограничува право на самоопределување на сопствен правен идентитет.

Правната бесмисленост на предлогот на МКГ се гледа во следново: а) Предлогот подразбира натамошно кршење на членските права на РМ во ОН, правниот статус на РМ во ОН, внатрешно право на организацијата на ОН, како и основните права на државата што се однесуваат на комуницирање и претставување во меѓународната заедница; б) Прифаќање на билатералното име го негира базичното право во секој момент државата да може да ги раскине своите односи со која било држава. Од должноста да го почитува сопствениот идентитет произлегува должност, во случај на повреда на дигнитетот, да се раскине дипломатскиот однос; в) Од истите причини од кои е невозможно да се менува името, кои се однесуваат на дополнителни услови, не е возможно ни да се користи билатералното име; г) Прифаќањето на билатералното име односно преговарање за вакво име, како што можеме да заклучиме со Резолуцијата 47/225 од 1993 година не е предмет на преговорите мегу РМ и Грција, туку предметот на преговорите е името за користење во ОН. Преговарање (разговарање) за билатералното име според оваа Резолуција е бесмислено; д) Прифаќањето на билатерално име значи недозволено откажување од правото слободно да се склучуваат и раскинуваат меѓународни договори. Бидејќи ова право е инхерентно, уште еднаш може да се заклучи дека предлогот на МКГ нема основа во меѓународното право.

ОСНОВНИ ПРИЦИПИ

Предлогот за грчката страна е неприфатлив поради следниве елементи и аспекти: а) Проценувајќи дека можат да издржат под притисок на меѓународната заедница најмалку 10 месеци (игнорирајќи го предлогот на МКГ, односно не сакајќи да прифатат во која било смисла и во кој било вид уставното име на РМ до истекот на Времената спогодба) Грците се подготвени да ја следат логиката "Зеро сум". Во "Зеро сум" играта (кога добивката на едниот е возможна со загубата на другиот) Грците нема да допуштат ни под која било варијанта користење на уставното име, бидејќи тоа би значело според (нивното) гледиште целосна загуба, без битка за името. Ова е особено неприфатливо со оглед на тоа што може да претставува клучен аргумент во полза на политичка опозиција. (По толку години докажување дека Македонија не смее да го користи своето име во ОН, попуштањето би било сфатено како пораз.) Поприфатлива варијанта за Грците е обидот проблемот билатерално да се реши пред Меѓународниот суд за правда во Хаг. За нив од друга страна не би било исплатливо РМ да го покрене прашањето за оценка на законитоста на македонскиот прием пред овој Суд; б) Кога Грција би го прифатила предлогот на МКГ, би престанала да постои принуда во вид на деноминација, со што се губи предноста во однос на сегашната ситуација. Односно без деноминација преговорите за билатералното име би можеле да траат неограничено долго. Ова е целосно неприфатливо за Грција.

Основните мерки кои Македонија треба да ги превземе се следниве: а) Препорачливо е органот за водење на надворешни работи (Министерот за надворешни работи) да побара мислење од правната служба на ОН дали билатералното е име во согласност со Повелбата на ОН; б) Препорачливо е министерот за надворешни работи веднаш да побара правно мислење од правната служба на ОН (Секретаријатот) дали условите под кои Македонија е примена во членство на ОН (деноминација и преговарање за сопственото име) се во согласност со Повелбата на ОН (и Советодавно мислење на Меѓународниот суд за правда од 1948 година, односно Резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која ова мислење се прифаќа). Овде посебно ќе се користи Меморандумот за правните аспекти на проблемот за претставување во ОН (UN Doc.S/1466) изработен од Секретаријатот на ОН во 1950 година; в) До сите држави треба да се прати писмо во кое ќе се објасни незаконскиот прием на РМ во ОН; г) Во следната фаза ќе се побара став од сите држави за покренување акција пред Меѓународниот суд за правда; д) Покрај судските мислења на Меѓународниот суд за правда (од 1948, 1949, 1960 и 1962 година) ќе се врши повикување на Општата конвенција за привилегии и имунитети од 1946; ѓ) Во Парламентот на РМ итно ќе се извршат ратификации на две конвенции: Прво, Конвенција за претставување на државите во нивните односи со меѓународните организации со универзален карактер (1975 година), и Второ, Конвенција за договорното право меѓу државите и меѓународните организации како и самите меѓународни организации (1988 година); е) Препорачливо е да се изврши сондирање на политичките ставови на неврзаните држави, по претходно укажување дека јакнењето на улогата на Меѓународниот суд за правда е во полза на овие држави (бидејќи кај овие држави постои потреба да се зајакне правосудната контрола во системот на организирана меѓународна заедница. Овие држави често имаат проблеми со законитостита на меѓународните одлуки).

Предлогот на МКГ најверојатно нема да даде никаков резултат до септември 2002 година. По тоа ситуацијата судски ќе мора да се разреши. Билатерално, ваквиот приод (со Грција и Македонија) би бил неповолен за РМ и би траел или кратко, бидејќи судот би можел да се изјасни како ненадлежен за строга внатрешна јурисдикција на државите или во спротивно процесот би траел исклучително долго. Од друга страна, политичкото решение би било Генералното собрание на ОН директно да го прифати Судското мислење од 1948 година на Меѓународниот суд за правда. Ова решение, меѓутоа, е исклучително сложено поради краткиот временски период и релативно слабата улога на РМ во меѓународната заедница. Во врска со претходното произлегува дека само по правен пат може да се реши проблемот со името. Тоа подразбира проценка на законитоста на приемот на РМ (самата постапка би траела околу половина година, односно до следното Генерално Собрание). Постапката за проверка на законитоста на условите за прием треба да почне што побргу. Подготовките за оваа поставка треба да почнат веднаш.

Напомена: Склучување договор за сопственото име може да претставува непотребна бламажа, бидејќи подразбира дека барем една од странките во договорот нема познавање или свесно го игнорира постоењето на инхерентно право.

Документи: 1. Извештај на Меѓународната кризна група; 2. Legal Aspects of the Use of a Provisional Name for Macedonia in the United Nations System, American Journal of International Law,Vol.93 no1.1999; 3. Perceptions-JIA, 2002/2003, Игор Јанев.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"