ОБРАЗОВАНИЕ

Трка за индекс на високообразовните институции кои се соочени со корупција и "одлив на мозоци"

БЕСПЕРСПЕКТИВНОСТ НА БОРБАТА ЗА БРУЦОШКИ МЕСТА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Докажувањето на таквите кривични дела е тешко поради што факултетите треба сами да изградат стратегија за превентивно дејствување против ваквите појави, изјави Слаѓана Тасева, претседателка на Комисијата за борба против корупцијата.
  • Поалармантно е тоа што се намалува и работоспособноста на населението и се повеќе се соочуваме со неквалификувана работна сила. Во 2001 година, 45 отсто од вработените и 57 отсто од невработените се со незавршено основно, со основно и со недовршено средно образование, вели доцент д-р Верица Јанеска од Економскиот институт.

Неодамна пред нашите високообразовни институции беа истакнати листите на идните бруцоши. За жал, покрај радосни, многу млади луѓе останаа разочарани, бидејќи своето име не го нашле на некоја од листите. Нашето високо образование во последно време е на тапет со обвинението дека професорите се корумпирани. Освен тоа голем број од младите академски граѓани кои веќе дипломирале на некој од факултетите во државава, својата иднина ја гледаат во некоја од државите на Запад.

Повеќе од 15.000 лица со завршено високо образование денес живеат надвор од земјава, што претставува 15 проценти од луѓето што завршуваат високо образование. Во периодот 1990 - 1998 година земјава ја напуштиле 25.000 лица, од нив 526 со вишо, 1.225 со високо и 256 магистранти, покажаа резултатите од Проектот "Миграција на високообразовани и стручни кадри од Република Македонија", кој беше презентиран на прес-конференција на Економскиот институт во Скопје. Автор на Проектот е доцент д-р Верица Јанеска од Економскиот институт, а реализиран е во периодот 2000/2002 година.

Од 13.500 невработени високообразовани луѓе, 43 отсто повеќе од четири години чекаат да се вработат. Долготрајната невработеност и нискиот животен стандард се најголемата причина за иселување на младите високообразовани луѓе од земјава, вели Јанеска.
Најголем дел од интелектуалната миграција земјава ја напушта трајно, а најмногу поради бесперспективност и долготрајната економска и безбедносна криза во земјава, покажуваат резултатите од истражувањето. Некои од стручњаците заминуваат и заради стручно усовршување и подобри услови за работа.

Универзитетите ќе треба да подготват превентивни мерки за спречување на корупцијата, ректорот Александар Анчевски

Според податоците што беа презентирани, во 1994 година 10,5 отсто од населението постаро од 15 години со вишо и високо образование, од кои 31 отсто од Скопје и 20 отсто од Битола, живееле и работеле надвор од Македонија. Само во САД во периодот 1998/2000 заминале 2.150 лица со високо образование, од кои 197 се стручни лица. Во рамките на Проектот била спроведена и анкета меѓу 305 студенти од четврта година и 59 професори на Електротехничкиот, Машинскиот и Природно-математичкиот факултет, како и меѓу стручњаците во МАНУ.

Резултатите од анкетата покажале дека 85 отсто размислуваат и планираат да ја напуштат земјата, но само 12,5 отсто од нив трајно би се иселиле. Одливот на стручно и високообразовано население, според д-р Јанеска, значи намален природен прираст, намалена продуктивност и намален економско-технолошки развој на земјава и само со изработка на долгорочна стратегија за вработување може да се ублажи одливот на стручни лица. Дека Македонија се соочува со голем проблем на одлив на високообразовен кадар зборуваат и податоците на Советот на Европа, според кои во 2000 година во Германија живееле 49.000 македонски државјани, во Швајцарија 54.000, а во Италија повеќе од 17.000.

КОРУПЦИЈА

Деканот на Педагошкиот факултет во Битола, Симеон Силјановски, на расправа на Ректорската управа за корупцијата на битолскиот Универзитет, посочи извесен професор на овој Факултет, чие име не го спомена, дека на своите студенти им продал 500 ЦД-а по трикратна повисока цена. Докажувањето на таквите кривични дела е тешко поради што факултетите треба сами да изградат стратегија за превентивно дејствување против ваквите појави, изјави Слаѓана Тасева, претседателка на Комисијата за борба против корупцијата.

Се поголем број млади луѓе својата иднина ја бараат во некоја "ветена земја

Не споменувајќи ниту едно име на корумпиран професор, Тасева додаде дека имало укажувања за несоодветно однесување во образованието во целост, со што се деградира угледот во институциите, но и вредноста на дипломите.

Беше посочено дека универзитетски професори во трката по проекти го ставаат својот потпис и на договори што биле штетни за угледот на Универзитетот и на државата. Деканите на факултетите на битолскиот Универзитет тврдеа дека медиумите ги воопштуваат податоците, ставајќи ги во еден кош корумпираните и некорумпираните професори. За успешната борба против корупцијата, тие сметаат дека мора да има координација со другите институти.

КАЗНИ

Министерството за образование ќе ги казнува наставниците што на крајот на училишната година им подарувале петки на учениците за тие полесно да се запишат во средните училишта или на факултет, најави Зоран Поповски, државен секретар за образование.

Тој додаде дека јавно ќе бидат повикани сите училишта што "произведуваат" одлични ученици.

Не верувам дека 80 отсто од учениците се одлични. Мора да престане "синдромот" некој да заврши со сите петки, а да не може да положи приемен испит на факултет, резимира Поповски. Тој најави дека наскоро со Проектот за модернизација на образованието ќе се оценува и квалитетот на наставниот кадар.

Во образованието се залутани поголем број наставници што не ја заслужуваат професијата. Наставниците не треба повеќе да се чувствуваат удобно, зашто нивното работно место секој момент може да биде доведено во прашање,вели Поповски.

За информациите дека на факултетите владее корупција, заменик-министерот за образование, Тале Герамитчиоски, рече дека за тоа придонесува и застарениот правилник во врска со тоа што треба факултетите да наплаќаат.

Не треба да криеме дека на факултетите постои корупција, но Министерството само не може да ја сузбие. Ние не може да ги "бркаме" корумпираните професори, тоа е работа на МВР. Ние сме само сервис каде што студентите може да се пожалат, рече Герамитчиоски

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги проверува универзитетските професори и тоа од продажбата на нивните учебници и скрипти до големината и начинот на кој го стекнале имотот. Тоа го најави претседателката на Комисијата, Слаѓана Тасева, по состанокот со ректорите на трите универзитети во земјава. Универзитетите ќе треба да формираат свои комисии и да подготват превентивни мерки за спречување на корупцијата на факултетите. Тасева информираше дека ќе се испитаат и случаите на непотизам на т.н. фамилијарни факултети. Таа рече дека МВР сега собира материјални докази по пријавите за корумпирани професори.

Ректорите на скопскиот и на битолскиот Универзитет, Александар Анчевски и Божидар Маслинков, не сакаа да го коментираат состанокот со антикорупциската Комисија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"