ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ПАПАГАЛСКА БОЛЕСТ

Гог ма Гог

Изгледа Премиерот и Јас имаме ист проблем: Премиерот прави она што гледа, а не што видел, додека Јас пак пишувам тоа што сум видел, а не што ми се чини дека гледам... И така нашиот видокруг е ист, само со една голема разлика - во тајните шифри на македонската стварност влегуваме подеднакво (де)пресивни дека конечно ќе ги - отвориме.

Најмногу што ме "восхитува" е доктор Арбен Џафери, кого овој пат свесно сакав да го прескокнам, но не можев, зашто Величенствениот има историска задача откако ќе го спроведе референдумот за осамостојување на албанска Македонија да направи држава по примерот на Александар Македонски, но не со "лак и стрела", ами со еден "школуван, упорен, безобразен и досега непознат психодрамски режисерски потфат".

Македонија е болна од канцер, ни порачува Џафери, и бара од нас како старите и строги латински доктори да изведуваме сцени или да рецитираме дел од литературните дела, најмногу Достоевски, во кои како докажани болни ќе си го препознаеме својот проблем што треба да не "ослободи од историските комплеки". Браво Арбене, продолжи ти така час да не делиш, час да не лечиш. Така правеше и Гебелс, човекот што страдаше од папагалската болест - пситакоза!

А, можеби Арбен е во право?! Овие денови ме вџашија силни новинарски наслови за армија македонски интелектуалци - бегалци. Еј, луѓе, 15.000 факултетлии си заминале од оваа земја! Со кое право Вие на албанските политички партии од власта (ДУИ) и опозицијата (ДПА) им велите дека немаат кадри за институциите во кои со охридскиот Договор им е местото?! Па уште пркосите кога ќе побараат подпретседателско место во Владата. Побрзо дајте им се што им треба, оти маф ни е работата. Македонија одвнатре и од себе се демонтира, се разградува.

Да го прашам јас Бранко Црвенковски, прво како татко на неговиот син, а потоа и како мој премиер: што ќе прави, ако син му, во кој и државата и тој лично вложуваат многу надежи, љубов и пари, се "откачи" од семејството и татковината како врвен стручњак и замине во Дојчланд, кај Хауфман во "Дајмлер Беиц"?

Не, нека не ми објаснува ништо таткото на неговиот син, мојот премиер... Се ми е јасно, оти така сакам, да ми биде јасно! Имам впечаток дека Македонија ја бранат лоши адвокати. Вистинските се надвор, раселени по светот, затоа што ние така сакавме. А, сакавме на "илјада начини". Ние не ставивме во игра играчи, туку навивачи, еднаш од ВМРО-ДПМНЕ, па од СДСМ, од ЛДП, ЛП. И тоа ќе трае ли ќе трае!

Кај младите македонски интелектуалци како да се роди антагонизам кон сопствената земја. А, интелектуалците во целиот свет не фаќаат пушки, ами нивните борбени средства се сосема други и многу - поубоити... Сега тие пукаат кој во престижни институции за генетика, универзитети за астрофизика, колеџи за врвна математика, установи за медицина. Дури и овие што ги имаме овде во земјава не ги цениме, ниту ги признаваме.

Добро е, најдобро е што го "имаме" барем Арбен. Тој секогаш ќе ни кажува тоа што сакаме и тоа што не сакаме да слушнеме. Му е гајле на Џафери оти Унгарија е без море. Кога веќе го имаш, потребен е продор во длабочините на континентот.

Охридското лето почна. А, што ни треба друго освен песни, опери и драми?! Гошев го сонува Ерхард и сака да направи македонско чудо без пари. Ги врзал во државното ковчеже и не пушта ниту денар. Мисли контрола му е гувернерот - Трпевски. Де бе министре, уште подобра контрола од ММФ, е народот. Излези да видиш како живее, ќе ти биде јасно како Ти работиш?!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"