КОМЕНТАР

Македонски плурализам

МАЛИТЕ КОЦКИ НА ГОЛЕМИТЕ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Косовскиот проект кој се уште се разработува во политичките лаборатории на западните сили секој час може да ја наметне новата геополитичка карта на ова европско парче земја.
  • На Европа дефинитивно & е потребно ново руво, различно од досегашното, во неа треба да бидат сите, а не само елитните, да постои рамноправноста, а не подреденоста.

Улогата на Европа станува голема на целокупната светска политичка арена. Борилиштето станува пообемно, конкуренцијата се поголема. Полека станува јасно дека сепарирањето, поделбите и раздвојувањата на стариот континент ја заслабнува европската позиција во светот, ги намалува нејзините шанси да биде рамноправен партнер во светските институции и асоцијации. Официјален Брисел е свесен за пропустите и катастрофалните грешки кои ги има направено во изминатите петнаесетина години и сега се обидува со тетеравење да ги врати позициите што ги имаше од пред деведесеттите години на минатиот век. Само во период од декада и половина Европа се раздвои, расцепи и се сврте самата против себе. Соседите воопшто не можат да се замислат како соседи кои треба да си помагаат, да се наоѓаат едни со други тогаш кога е најпотребно, не ги научија лекциите од кризите низ изминатите децении. Наспроти тоа малите европски народи од себе создадоа самобендисани нации кои застануваат едни против други, кои негираат се што е туѓо и му припаѓа на другиот. На таков начин и со такво практикување на политичките процеси Европа се раслои, се подели на мали коцки од кои е тешко и напорно да се состави единствениот мозаик на различните народи и национални миноритети.

Американците вешто ги искористија таквите проекти на младите европски демократски општества и ги ставија под своја капа наместо под капата на Европа, ги придобија на своја страна, ги купија, ги оттргнаа од местото каде природно и географски припаѓаат. И сега Европа се отрезнува од “лудата ноќ” и ја сфаќа грешката која постојано со години ја правеше. А ја прави се уште. Дозволува некој од другите светски сили да & се меша во внатрешните континентални работи, да & ги уредува политичките односи и да & наметнува општествено уредување онака како што некој друг мисли и замислува. А Европа ќе ја плаќа фактурата, ќе го плаќа цехот од побарувањата и штетите кои ќе произлезат од мегаломанскиот проект.

ПРИВИДНА СТАБИЛНОСТ

Нешто слично како последна епизода последниве месеци се случува на Балканот каде работите не се расчистени докрај, каде кулминацијата на настаните се уште не го достигнала својот врв. Привидната стабилност на Полуостровот може како краткотраен земјотрес од неколку секунди да ги смени нештата кои во моментов опстојуваат на стаклени нозе. Косовскиот проект кој се уште се разработува во политичките лаборатории на западните сили секој час може да ја наметне новата геополитичка карта на ова европско парче земја. Стравувањата се отворени, очекувани, се зборува за нив, се предупредува на т.н. домино ефект, на последиците кои ќе произлезат од крајното решение по целокупниот регион. Приштинската управа, и онаа на светската организација и онаа на косовските политички субјекти, свесно ги насочуваат работите во оној правец кој цела деценија го посакуваат - независност и самостојност од Србија. Речиси секој администратор на Обединетите нации досега, и Кушнер и Штајнер, ги куражеше локалните власти да бидат “безобразни” во своите настапи пред меѓународната заедница, да не отстапуваат од своите стратешки цели, но и да бидат умни кога ги реализираат активностите за стекнување државност.

На прошталната вечера, приредена во Приштина, досегашниот шеф на УНМИК на Косово, Михаел Штајнер, побара од косовските лидери на албанските политички партии само едно: периодот на безвластие, времето додека првиот човек на светската организација, Кофи Анан, не именува нов цивилен администратор да не го злоупотребуваат и прокоцкаат, туку да докажат дека се способни да владеат со Косово и без надзор на меѓународните набљудувачи. Албанските лидери ги поддржаа ваквите ставови и совети на Штајнер со изговор дека сепак без него ќе биде тешко, отворено молејќи го да лобира кај Кофи Анан доколку е во можност за нов цивилен администратор да постават некој Американец. Како причини за таквото барање го наведуваат фактот што Косово сега влегло во критичната фаза кога мора да се преговара со Србија, па оттука Албанците без поддршка од своите традиционални пријатели, Америка и Германија, во ситуација кога Европјаните се повеќе се свртуваат кон Србија, немаат многу што да бараат. Штајнер на Тачи и на другите расформирани терористи им давал совети да не се истрчуваат многу со некоја одлука која би ги компромитирала пред меѓународната јавност, им објаснил дека се наоѓаат пред голем предизвик, бидејќи може да помине многу време додека Анан не избере негов наследник поради судрувањето на интересите меѓу Европа и САД. Познато е дека и едните и другите сакаат да имаат свој човек за управување со протекторатот. “Најбитно е во преговорите да не отстапите од своето основно определување и околу тоа барање да бидете единствени. Секое колебање или кое било барање под тоа ќе ве врати 15 години наназад” - им порачал Штајнер на новопечените косовски демократи. Секој од нив нагласувал дека Косово веќе тргнало по патот на европска интеграција и тоа ќе биде силен адут во преговорите со Србија. Два дена пред Штајнер да замине од Приштина им го потпиша и прогласувањето на Кривичниот закон на Косово, па така им ја заокружи надлежноста. Сега покрај претседател, собрание, влада, полиција и КЗК како своја војска, Косово има и сопствено законодавство. Полека, но сигурно, наликува на вистинска држава, иако Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност не содржи такви предиспозиции. И додека Штајнер самобендисано им ги истакнуваше придобивките кои им ги подари на косовските Албанци и додека ги советуваше да не истрчуваат премногу, американско-албанскиот лобист, Џозеф Диогарди, кружеше низ Косово и ги убедуваше албанските лидери дека сега е вистинскиот момент да прогласат независност на покраината. Отворено, во разговорите со граѓаните на Призрен, Ѓаковица, Приштина и преостанатите градови говори дека доколку Албанците сега, пред почетокот на разговорите со Србија не прогласат самостојност, ќе направат голема грешка и потоа уште долго ќе треба да чекаат таква шанса. Тие требало да го искористат овој вакуум период кога немаат цивилен администратор при што работите многу полесно би оделе. Граѓаните честопати го предупредувале Диогарди на опасноста дека избрзувањето може да ги одврати од целта, но тој категорично им одвраќал со зборовите: “Напротив, ако во преговорите со Србија влезете со одлуката на Вашиот Парламент за прогласување независност, тоа никој нема да може да ви го оспори. Во спротивно, независност од Србија ќе добиете со многу жртви и територијални откажувања”.

Што да се коментира и анализира по овие залагања и на администраторот и на лобистите за косовската независност. Се е ставено во призмата на зелените банкноти, се е бизнис, а крвта не е важна, страдањата на страдалниците за нив се небитни, колежите и масакрите од деведесеттите не се доволни за Вашингтон и Брисел, тие се само опиени од екстра профитот што ќе го добијат од локалните лидери и босови на трговијата со оружје, дрога и бело робје.

НОВО РУВО

Авантуристите кои официјално претставуваат институции од светски ранг, кои треба да го почитуваат, да го заштитуваат и да го спроведуваат меѓународното право влегуваат во необични проекти од кои вадат само лична и материјална корист наплатена врз грбот на сиромашните балкански народи и национални малцинства. Искрените и добронамерните американски и европски дипломати тоа го знаат, а сепак го премолчуваат, не преземаат ништо конкретно за заштита на кредибилитетот на институцијата која ја претставуваат и застапуваат. Идентитетот е големо прашање на Европа. Новите држави членки, посебно преку медиумите усвојуваат нови идентитети, се самоспознаваат. Создаваат регионални идентитети, нови кои досега не постоеле, а некои паѓаат во заборав, што не значи дека ќе исчезнат. Структурата во некои земји забрзано се менува, а во некои други премногу бавно тече процесот на реформа. Сепак, е најважно да се издградуваат интелектуални потенцијали и европски културен и економски идентитет. За да може ЕУ успешно да опстане и да понуди систем кој ќе има завиден век на траење ќе мора тоа прашање да го реши на тој начин што во себе ќе ги вклучи сите идентитети на европските земји, а не само нечии. Искуството од поранешна Југославија, каде е игнорирано прашањето на националните идентитети, а смислени се и наметнати нови, предупредува на опасноста од нови несакани состојби. Идентификацијата со Европа, внатре во сите нејзини членки мора да биде процес кој ќе се создава одвнатре, а не однадвор, од националните, културните и политичките рамки кои постојат. На Европа дефинитивно & е потребно ново руво, различно од досегашното, во неа треба да бидат сите, а не само елитните, да постои рамноправноста, а не подреденоста. Ако процесите одат позитивно во тој правец, тогаш нема да биде далеку денот кога силината на старата дама ќе се врати на стариот колосек и старите позиции. Се додека некој друг, а не самата таа, ги решава сопствените проблеми и во централата и на нејзините периферни делови се дотогаш ќе продолжува и ќе се шири неединството и растуреноста на ткивото кое тешко ќе се состави.

Денес Европа е голема, но составена од премногу мали коцки. А со тие коцки си поигруваат големите ставајќи го во класата на забавни игри или игри на среќа. Со нив лотаријата има посолидна добитна комбинација, со нив се подбива, се манупилира, преку нив се добива бингото. До кога?


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"