Судир меѓу избрканите од ЕСМ и полицијата
Протестот на околу 300 отпуштени работници од "Електростопанство на
Македонија" кои од повеќе градови од земјава дојдоа во Скопје, ескалираше во
средата при што пред зградата на македонското Собрание дојде до судир со
специјалната единица на МВР.
На седница на Парламентот пратениците не ги усвоија заклучоците во врска
со ЕСМ предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Либералната партија,
што предизвика револт кај отпуштените работници од ЕСМ.
Црешовото топче дома за Илинден
Македонија на 29 јули за прв пат по 100 години ќе го види единственото
Црешово топче кое го преживеа Илинденското востание во 1903. Топчето ќе биде
претставено на изложбата "Од Кресна до Илинден" што ќе биде отворена во
Музеј на Македонија во Скопје. Оваа изложба ќе оди во Крушево и уште во
неколку музеи низ земјава.
Нов музеј во Смилево
Во демирхисарското село Смилево на први август ќе биде поставен
камен-темелник на нов музеј, кој ќе биде посветен на Смилевскиот конгрес.
Проектот ќе го изведе Републичкиот завод за заштита на спомениците на
културата.
Откриени бомби во Скопје и Гостивар
Минатата недела во Скопје и во Гостивар беа откриени четири бомби. Едната
од нив била поставена пред станбена зграда во скопската населба "Карпош I"
во близина на фонтана кај Градскиот парк. Потоа две рачни бомби биле
пронајдени кај црквата "Св. Петка" во Гостивар, а вработен во хотелот "Континентал"
уредувајќи го паркот на влезот на објектот налетал на поставена шок бомба.
Намалување на рокот за државјанство
Министерот Хари Костов на седницата на Собраниската комисија за одбрана
најавил дека Министерството за внатрешни работи подготвува предлог за измени
и дополнување на Законот за државјанство. Како најкарактеристична измена што
се предлага со новите предлози потпаролката на МВР, Мирјана Контевска, го
напоменува намалувањето на времетраењето на престојот како услов за добивање
државјанство од 15 на 10 години.
Стари лидери - нови визии
Арбен Џафери и Мендух Тачи останаа на челото на Демократската партија на
Албанците по неодамнешниот Конгрес одржан во Тетово. Староновиот лидер
Џафери нагласи дека ако не се реализира охридскиот Договор, ДПА ќе се
ориентира кон нови насоки и решенија за создавање нови држави со
промовираната радикална идеја за самоопределување на Албанците во Македонија.
Предупредување и од ПДП
Доколку во наредните шест месеци не се забрза процесот на реализацијата
на Договорот во Охрид до детали или до запирка, тогаш како што предупреди
новиот лидер на ПДП, Абдулменаф Беџети, оваа партија би можела да се
приклучи на идејата за самоопределување на Албанците.
Автомобили со фалсификувани документи
Припадници на МВР интензивно трагаат по неколку илјади патнички
автомобили за кои се претпоставува дека се со фалсификувани сообраќајни
документи. Во стартот на акцијата се манипулира со бројката од околу 2.000
автомобили со нерегуларна документација.
Нечесни игри во Авио-бизнисот
Директорот на туристичката агенција "Рајзенбиро Џаферовски", Ајан
Џаферовски, го информирал премиерот Бранко Црвенковски дека директорот на
Управата за цивилна воздушна пловидба Илир Мехмеди ги условува да
изнајмуваат чартер летови само од германската авиокомпанија "Сирус", а кога
го сториле тоа ги истиснал на сметка на агенциите "Еуротурс" и "Шартурист"
поради што нивните патници останале на аеродромот во Дизелдорф.
Воените економии на продажба
Најдоцна до септември Министерството за одбрана на тендер ќе ги избере
најповолните понудувачи за купувања на трите воени економии и долгорочно
концесионирање на вкупно 16 кантини сместени во касарните низ државата.
Секој заинтересиран правен субјект за да ги добие трите економии ќе мора да
исполни два услова: да уплати 2,1 милион евра за трите фарми и да ги задржи
на работа сите 106 вработени додека за 16 кантини, исто така покрај
најповолната цена за изнајмување на објектите, услов е и задржување на
108-те вработени.
Одбележување на 40 години од скопскиот земјотрес
Четириесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје ќе биде
одбележана со повеќе изложби, промоции на книги и со спортски и културни
манифестации. Во спомен на загинатите во земјотресот во центарот на Скопје
ќе биде поставена и скулптурата "Скопје 63" од академикот Томе Серафимовски.
|