Како ли не им текна на комитите Карев и Питу па трк кај нашава актуелна
власт за да видат кога ним им фаќа око за да го кренат Илинденското востание!
На само десетина дена од највеличествениот, најсветлиот, најзначајниот,
најголемиот македонски празник ни ал ни абер од негово величенствено
одбележување, како што прилега на ваков голем јубилеј. Многу генерации ќе &
завидуваат ете на нашава на која & припаднала посебната чест да ја слави
стогодишнината од Илинден. Но, бојкоти, забошотувања, неодговорности околу
одбележувањето колку сакаш. Јана на Мара, Мара на Јана и најсветиот празник
ќе ни помине во бледа сенка, ќе ни помине, а нема да го видиме. Нема, ама
има. Има чаре!
Еве, да им предложиме на организаторите: 2. август во декември! Токму
така. Одбележувањето може да го поместиме на 31 декември кога ете и така
новогодишно ќе ни биде украсена целата држава. Елки украсени со лампиони,
дедо мразовци, претстави, музички спектакли, санки, тезги со џиџи миџи и што
ли уште не.
Бидува ли?!
К'СМЕТ
Што к'смет ќе имаше Бранко и СДСМ па баш ним да им се трефне, ни помалку
ни повеќе, туку токму сто години од Илинден. Пусти малер. Што не им се падна
на оние бившине од ВМРО-ДПМНЕ, кога ете Ганчето беше струја за вакви работи!
Де немало пари за Илинден, де Борис Трајковски не го свикувал Одборот за
одбележување на Илинден, де Петко, де Јанко крив. Ами народот не бара
виновници, туку бара празник - сто години Илинден.
Еве и Илинка пошла дури до Белград по барем една спомен-плоча за "Прохор
Пчински" за достојно да се одбележи стогодишнината од Илинден. Во МНР велат
дека ќе се бара враќање на плочата на старото место, на која пишува дека "тука
се одржало Првото заседание на АСНОМ", бидејќи на прославата на Илинден
треба да стои одбележјето што за нашата држава е повеќе од споменик на
културата.
А на јавниот сервис МТВ се врти еден кајрон за Илинден и по тоа песни и
ора од времето на црно-белата техника. И - толку од прославувањето! Во
Скопје не може да се сретне ниту еден билборд на кој ќе се најавува за
големиот настан. Само реклами и "правење" пари, а за нашиот најсветол
празник ни трага, ни глас.
А да беше сега на повидок Нова година и Божиќ? Е, вистински погодок,
сакале не сакале покрај Дедо Мраз ќе го украсевме некако и Илинден!
ОПЕРА
Освен сето ова што ни се случува со "заборавеноста" на владејачите, се
раскарале и оперџиите. Место целовечерен оперски спектакл на операта "Илинден"
од Кирил Македонски, за прославата во Крушево ќе има само концертна изведба
на Илинден.
Операта на МНТ токму со изведбата на "Илинден" требаше да заземе ударно
место на прославата на први август, велат дел од музичарите и хористите
кои не го признаваат правдањето на директорката Славица Петковска - Галиќ
дека два месеца биле малку за да се подготви ова македонско оперско дело и
место тоа да има рецитал.
Ех, голем проблем, па ќе имаме други 200 години Илинден, па 300 години,
па 400.... Догодина, се разбира, повторно ќе го славиме Илинден, но за жал
стогодишнината е токму оваа и само оваа година и тоа на 2. август.
ЈУБИЛЕЈ
Место само 2. август, целата 2003 година требаше да биде во знакот на
јубилејот, одбележана на многубројни начини, со многу настани, манифестации,
спектакли. Арно ама, нам Македонците можеби ни е генетски останато да се
караме и да се расправаме меѓусебно, додека другите користат. Уште малку па
ќе испадне дека Георги Прванов треба да ни го организира Илинден! Само да му
се дадеше прилика, Прванов ќе покажеше како тоа се одбележува сто години од
еден ваков македонски празник на бугарски начин. Впрочем, Бугарите веќе цела
година интензивно си го одблежуваат нашиот, македонскиот Илинден како свој,
како бугарски. А ние спиеме, не знаеме да си го почитуваме најсвоето и
најсветото!
Овој јубилеј беше и можност и повод за духовно обединување на Македонците
каде и да се на оваа планета. А не има многу... Ова е празник и за нашите во
Америка, Канада, Австралија, Германија, за нашите од Пиринска, Егејска и
Вардарска Македонија. Добро би било кога веќе еднаш би ги ставиле своите
бедни суети на страна. Добро би било кога место на партиска припадност би
мислеле малку повеќе на едно големо национално чувство. Чувството дека сме
Македонци. Потомци на еден Александар Македонски, Гоце Делчев, Никола Карев,
Јане Сандански, Ченто. Личности, Македонци на кои Македонија им беше се.
Како ли само посакуваме да бидеме почитувани од другите кога ете не
знаеме да се почитуваме самите себеси. Не знаеме како да им оддадеме почит
на оние кои ги дадоа своите животи за слободата и постоењето на македонската
држава. Зарем не се достојни за почит еден Никола Карев, Питу Гули, великани
поради кои гордо можеме да кажеме дека сме Македонци.
Додека си ја префрламе вината едни на други, Илинден ќе дојде и ќе не
одмине. Место да жалиме што, ете, Илинден е за само десетина дена, а не е
дури во декември на Нова година, сите Македонци, каде и да се треба да се на
нозе и гордо да го одбележат својот Велигден - стогодишнината од
Илинденското востание. Ако не сака власта, народот сигурно ќе го направи тоа
на најдостоинствен начин.