СПОРТ
Поради македонската неажурност за реновирање на градскиот стадион
АНГЛИЈА НЕ ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА!?
Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ
- Единствениот стадион во Македонија кој може најлесно да се приспособи
кон строгите стандарди кои ги пропишува УЕФА уште не е почнат да се
реновира.
- Според настаните во групата, а и по она наше историско реми во
Саутемптон во нивен интерес е натпреварот со Македонија да го играат
надвор од Македонија или да направат се што е во нивна моќ за да извршат
притисок за да се наруши атмосферата пред натпреварот.
В о фудбалските превирања во
Македонија може да се случи уште една во најмала рака кажано непријатност.
Од ажурност, односно од неажурност на македонските фудбалски работници, а во
голем дел и од оној македонски синдром да не си помогнеме еден на друг кога
од тоа навистина постои потреба.
Овој пат работите запнаа во многу незгоден момент кога навистина треба да
се обединиме за заедно да го надминеме хендикепот со немање репрезентативен
стадион на кој би можеле да ја нагостиме велесилата Англија.
СРАМЕН ДОГОВОР
Имено, само неколку месеци пред историското гостување на Англија во
Македонија состојбата со реновирањето на Градскиот стадион во Скопје не е
мрдната од мртва точка. Единствениот стадион во Македонија кој може најлесно
да се приспособи кон строгите стандари кои ги пропишува УЕФА уште не е
почнат да се реновира. Само да потсетиме дека реновирањето на стадионот
требаше да ги опфати источната и западната трибина кои требаше да се
прилагодат на тој начин за на нив да можат да се постават столчиња што
според проценките би трбало да го зголеми капацитетот за околу четири илјади
седишта. Потоа требаше да се направат тоалети на северната трибина со што би
се подобриле условите за следење на натпреварите. И на крај требаше да се
постават столчиња на јужната трибина со што би се пополниле дупките кои ги
направија навивачките хулигани, да се зголеми осветлувањето кое сега е под
сите стандарди.
За да се направи сето ова беше направена проценка и финансиска
конструкција која е потребна за сите поправки кои би ги задоволиле
минималните стандарди кои ги припишува УЕФА. Откако сето ова беше направено
се тргна во преговори од кои сите очекувавме дека ќе завршат во најкраток
можен рок и на општо задоволство на сите фудбалски гурмани кои со нетрпение
очекуваат во Македонија да гостува некогашниот светски првак Англија.
Најпрво се дојде до еден многу интересен предлог, а тоа беше Јавното
претпријатие за стопанисување со спортските објекти да го даде на користење
од десет години на Фудбалска федерација на Македонија, а за возврат
Федерацијата да го исплати долгот кон Јавното претпријатие и да го реновира
стадионот. За да се направи сето тоа беше предвидено да се обезбеди
банкарска гаранција во износ од 350 илјади евра, пари со кои би се извршило
реновирањето на стадионот и би се отплатил долгот. Финансиската конструкција
се предвидуваше да се затвори со помош напарите кои би се добиле од
англиската фудбалска Федерација која ја откупи целата северна трибина. На
овој начин се чинеше дека овој горлив проблем ќе биде решен многу брзо и
дека Македонија конечно ќе добие стадион со кој ќе може да се гордее.
ИСТОРИСКА ШАНСА
Договорот за реновирање на стадионот беше потпишан помеѓу нашата
Фудбалска федерација и Јавното претпријатие за стопанисување со спортски
објекти, беше обезбедена банкарска гаранција од "Силекс банка" но ...
договорот траеше само неколку дена. Јавното претпријатие се повлече од
договорот оставајќи ја ФФМ на цедило. Рокот кој го даде УЕФА за почеток на
работите е при крај, а ние се соочуваме со опасноста една од најсилните
репрезентации во светот да не допатува во Македонија.
Работата стаса и до седница на Владата на Република Македонија каде
неофицијално се дознава дека била побарана итна информација за застојот на
работите и дека била донесена одлука за финансиска поддршка за реновирање на
стадионот зашто Англија мора да игра во Македонија. Ова е многу позитивен
чекор и досега прв кога државата одлучува дека еден фудбалски натпревар е од
национален интерес за Македонија. Тоа секако треба да претставува
дополнителен импулс за да се закопаат воинствените секири и конечно да се
отпочне со работа.
Во меѓувреме Англиската федерација мудро молчи. Според настаните во
групата, а и по она наше историско реми во Саутемптон во нивен интерес е
натпреварот со Македонија да го играат надвор од Македонија или да направат
се што е во нивна моќ за да извршат притисок за да се наруши атмосферата
пред натпреварот. Така Македонија во медиумите беше претставена како
муслиманска земја, а потоа се заканија дека нема да ги откупат билетите
затоа што стравувале од инциденти од страна на македонските навивачи.
Психолошката војна ќе продолжи, а нашата неспособност да се најде заеднички
јазик за реновирањето на стадионот оди во нивни прилог.
Сепак се надеваме дека македонските фудбалски авторитети заедно со помош
на државата ќе најдат заеднички јазик и дека во септември ќе ја дочекаме
Англија на нов реновиран стадион.
|