ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Празник на големите Христови апостоли

СИНОВИ НА СВЕТЛИНАТА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Св. апостол Павле со својата проповед на Евангелието во Македонија, заедно со Лука, Сила и Тимотеј, ја овековечил нашата земја и народ.
  • Исус избрал 12 апостоли за да го проповедаат Евангелието: “Првиот Симон, кого го нарече Петар; Јаков Заведеев и брат му Јован на кои им даде име Воанергес, што значи синови на громот; потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски кој и го предаде”.

Христовите апостоли, очевидци на Неговото спасително дело, со неизмерна љубов и цврста вера во Бога, станаа синови Божји, синови на Светлината и оставија порака пред светот дека љубовта е патот што води кон спасение. Господ Исус Христос им зборува: “...Јас ве избрав од светот - затоа светот и вас ќе ве мрази... Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат;... Во светот ќе имате маки ; само не бојте се, зашто Јас го победив светот”.

МПЦ на12. 07/29. 06 им оддава почит на Св. првопрестолни Петар и Павле (Петровден), а на 13.07 се слави Соборот на 12-те славни Христови апостоли и повторно Св.апостол Павле (Павловден).

БОЖЈИ УГОДНИЦИ

Св. апостол Петар, сиромав рибар, син на Јона, брат на Св. апостол Андреј Првоповиканиот е роден во градот Витсаида, во Палестина. Се викал Симон, но Господ го нарекол Кифа, што значи Петар - камен (карпа): “Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат”. Тој прв од учениците со силна вера (цврста како камен), го познал Господ и му рекол: “Ти си Христос, Синот на Живиот Бог”. Горко се каел за својот грев што откажал дека го познава Исус, кога бил издаден од Јуда. По неговата прва проповед во Ерусалим се крстиле 3.000 луѓе, а по втората 5.000. Проповедал во Палестина, Мала Азија, Италија, Илирија и други места. Бил наречен апостол на Јудејците. Со името на Христос правел чуда. Ја воскреснал Тавита, и за спомен на тоа чудо, во Светата Земја е изграден манастир, за слава на Господ и чест на Св. апостол Петар. Апостолот ни остави две посланија кои порачуваат дека христијаните како новозаветен Божји народ треба да врват по трагите на Христа. Ни пишува за жртвата Христова. Ирод го фрлил апостолот во затвор, но Божјиот ангел го ослободил. Царот Нерон во Рим го осудил апостол Петар да биде распнат на крст. Апостолот ги измолил џелатите да го распнат наопаку, зашто сметал дека е недостоен да умре како Христос. Пострадал 67-та година како и апостол Павле.

Св. Павле се родил во градот Тарс во Мала Азија како Савле. Бил учен фарисеј и голем гонител на христијаните. На пат кон градот Дамаск “наеднаш го обзеде светлина од небото” од која ослепел, паднал на земјата и слушнал глас од небото: “Савле, Савле, зошто Ме гониш?... Јас сум Исус, Кого Го гониш ти”. Во Дамаск, апостол Ананије, испратен од Бога, му помогнал да прогледа, го крстил и е наречен Павле. Со помош на благодатта на Светиот Дух, Павле станал силен проповедник и ревносен бранител на Христовата наука. Го проповедал христијанството од границите на Арабија до Шпанија, а најмногу меѓу незнабошците поради што бил наречен апостол на незнабошците. Ја организирал Црквата на многу места. Ни оставил 14 посланија. Св. апостол Павле е “сведок на Христовите страдања и соучесник на славата што ќе се открие”. Со својата проповед на Евангелието во Македонија, заедно со Лука, Сила и Тимотеј, ја овековечил нашата земја и народ. “Отвори ново небо за Македонија. Го разгорел пламенот на светоста и меѓу нашиот народ”. Во Троада му се јавил на сон еден Македонец кој го молел: “Премини во Македонија и помогни ни!”. Така тој со соработниците заминале да го проповедаат Евангелието во Македонија. Еврејските старешини го затвориле и мачеле апостол Павле. Го предале на Римјаните и за време на владеењето на Нерон, Св. ап. Павле бил исечен со меч.

СОБОР НА 12-ТЕ АПОСТОЛИ

Исус избрал 12 апостоли за да го проповедаат Евангелието: “Првиот Симон, кого го нарече Петар; Јаков Заведеев и брат му Јован на кои им даде име Воанергес, што значи синови на громот; потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски кој и го предаде. Бидејќи останале 11 ученици, избран е 12-от, Матиј”. “И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ кај народот”. А еве како го завршија апостолите земниот живот: Андреј - распнат на крст во облик на Х буквата, Петар - распнат наопаку, Јаков Заведеев - исечен, Јаков Алфеев - распнат, Јован Богослов - упокоен чудно, Филип - распнат, Вартоломеј - распнат, одран па исечен; Матеј (евангелист) - изгорен, Тадеј - распнат, Симон Зилот - распнат, Матиј - каменуван и мртов исечен со секира, Павле - исечен со меч.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"