родолжуваме со житието на света
Матрона, чиј празник се слави на 27 март (стар стил), т.е. на 9 април (нов
стил). Света Матрона била сиромашна девојка, која била вработена како
слугинка во домот на некој Евреин во Солун. Жената на тој Евреин била многу
лоша и постојано ја тепала света Матрона. Воедно ја терала да се откаже од
Христа и да го прими јудаизмот. Но, света Матрона не се откажала од Христа и
кришум продолжила да оди в црква. Еднаш лошата Еврејка разбрала дека света
Матрона била в црква и почнала да ја навредува и да & вика зошто била таму,
а не во синагога. Света Матрона & одговорила дека Бог се одрекол од
синагогите и дека живеел во христијанските цркви. Кога го слушнала тоа
Еврејката почнала да ја тепа света Матрона и ја затворила во една темна
одаја, оставајќи ја без јадење и пиење. Кога утредента ја отворила одајата,
ја видела света Матрона како се моли. Пак ја натепала и пак ја затворила
овојпат на четири дена. Но, света Матрона и тоа го издржала. Тогаш Еврејката
повторно ја натепала света Матрона и по трет пат ја затворила, иако одвај
била жива. Тогаш света Матрона ја предала својата душа на Бога. Подоцна
христијаните чесно ја погребале, а во нејзина чест била изградена црква во
Солун. Се смета дека света Матрона живеела во 3 или во 4 век.
Веќе пишувавме за приликите во Македонија во 4 век, како и за
македонското самосознание кое тогаш било присутно среде Македонците. Не се
знае кога точно Евреите почнале помасовно да се населуваат во Солун, но од
Библијата знаеме дека ги имало таму и во првиот век по Христа. Поради фактот
што света Матрона била христијанка, може да се верува дека таа била
домородна Македонка, која работела во домот на Евреи.
СВЕТИ НИКИТА СЕРСКИ
Неговиот празник се слави на 4 април (стар стил), т.е. на 17 април (нов
стил). Свети Никита Серски се родил во Албанија. Долго време се подвизувал
на Света Гора и тоа прво во рускиот манастир посветен на свети Пантелејмон,
а потоа и во скитот посветен на света Ана. Овде тој толку се усовршил што
срцето му станало полно со љубов кон Исус Христос. Заради скапоцената крв
што Исус ја пролеал на крстот за спасение на луѓето, свети Никита решил и
самиот да ја пролее својата крв за да го прими венецот на мачеништво. Ја
напуштил Света Гора и заминал за Серез. Прво се приготвил во тамошниот
манастир, а потоа отишол кај турскиот управник на градот пред кого смело
изјавил дека е христијанин и дека верата во Христос е вистинската вера.
Управникот, иако се налутил, прво се обидел да го разубеди и за таа цел
повикал неколку угледни муслимани. Тие се обиделе да го убедат свети Никита
да се откаже од Христа, но кога виделе дека тоа им е залудно, управникот
наредил мачење на светителот. Главата на свети Никита му била стегана во
метален обрач, а под ноктите му биле бодени шпици. Кога ни тогаш не попуштил,
бил фрлен во темница, а по извесно време бил обесен. Тоа се случило во 1808
година.
Иако во житието на свети Никита пишува дека се родил во Албанија, неколку
податоци укажуваат на неговото македонско потекло. Сметаме дека тој го
избрал рускиот манастир како место на свое подвизување токму заради
сличноста помеѓу македонскиот и рускиот јазик. Во прилог на ова е и
македонскиот град Серез што свети Никита го избрал како место на својата
маченичка смрт.
На почетокот од 19 век состојбата во Македонија била многу тешка. Поради
востанието во Србија, во Македонија била концентрирана голема османлиска
војска. Сигурно дека како резултат на таквата состојба бил засилен и
прогонот на христијаните во Македонија, чија жртва несомнено бил и свети
Никита Серски.
СВЕТИ ТЕОН СОЛУНСКИ
Неговиот празник се слави на 4 април (стар стил), т.е. на 17 април (нов
стил). За житието на свети Теон Солунски нема многу податоци. Тој прво се
подвизувал во манастирите на Света Гора. Потоа станал игумен на манастирот "Света
Анастасија" близу Солун, а по извесно време бил поставен за митрополит на
Солун. Се упокоил во мир во 1545 година. Неговите свети мошти и денес
почиваат во манастирот "Света Анастасија".
Од историски аспект гледано, свети Теон Солунски живеел во време кога
Македонија веќе век и половина се наоѓала под османлиска власт. Најактуелен
настан од тоа време било воведувањето на спахискиот систем во Отоманската
империја. Во првата половина на 16 век (додека свети Теон главно се
подвизувал во Света Гора), забележани се и низа внатрешни потреси во
Охридската архиепископија. Најпрво, во почетокот на 15 век, кон Охридската
архиепископија биле потчинети Софиската и Видинската епархија, но во 1530
година смедеревскиот владика Павле ја отфрлил власта на Охридската
архиепископија. Во 1532 година на собор во Охрид, Павле и неговите духовници
биле исклучени од црквата, но тој ја продолжил својата дејност, па дури
успеал кај турската власт да го наклевети охридскиот архиепископ Прохор, кој
поради тоа бил накратко затворен. Во 1542 година повторно имало собор во
Охрид, на кој дошол и Павле, но и тогаш бил осуден. Потоа и костурскиот
владика го кренал својот глас против Прохор, а подоцна и други епархии се
отцепиле од оваа ахриепископија. Во 1548 година забележан е документ од
Охридската архиепископија во кој се спомнати разните народи кои се наоѓале
под нејзина јурисдикција, меѓу кои се спомнати и Македонците. Што се
однесува до свети Теон, иако бил современик и сведок на овие настани, тој
дејствувал во рамките на Цариградската патријаршија затоа што во тоа време
Солун бил под нејзина јурисдикција.
СВЕТИ АГАТОПОД И СВЕТИ ТЕОДУЛ
Житието на овие светители е заедничко и нивниот празник се слави на 5
април (стар стил), т.е. 18 април (нов стил). Во него читаме дека во времето
на безбожните римски цареви Диоклецијан и Максимијан во Солун живееле двајца
богоугодни службеници на тамошната црква, кои се викале Агатопод и Теодул.
Агатопод бил старец, а Теодул бил убав млад човек и потекнувал од
христијанско семејство. Тој имал тројца браќа по име: Капитон, Митродор и
Филосторгие. Во тоа време царот објавил наредба за прогон на христијаните
доколку не сакаат да ги прифатат паганските верувања. Ваквата наредба
стигнала и во Солун, каде намесник бил Фаустин. Недолго потоа на
гледалиштето во Солун биле поставени справи за мачење наменети за оние кои
не сакале да се потчинат на оваа наредба. Некои христијани тогаш се откажале
од Христа и заради страв од краткотрајните мачења, се определиле за вечен
оган. Други христијани се притаиле, но некои смело се спротивставиле на ова
безумие, јавно изјавувајќи дека остануваат верни на вистинскиот Бог. Такви
биле и свети Агатопод и свети Теодул. Тие отворено велеле дека се христијани
и заради тоа набргу биле одведени на суд пред намесникот Фаустин. Тој прво
се обидел да ги придобие со нудење на разни привилегии и подароци, но тие не
сакале ни да слушнат да се откажат од Христа. Потоа Фаустин се послужил со
измама. Прво го испрашувал свети Теодул, а откако видел дека тој не попушта,
го повикал насамо свети Агатопод и го излажал дека свети Теодоул наводно
изјавил оти се откажува од Христа. Но, свети Агатопод не поверувал на овие
лаги и почнал да го разобличува верувањето во паганските богови.
Тогаш намесникот наредил да бидат затворени. Во затворот свети Агатопод и
свети Теодул превеле во Христовата вера мнозина затвореници. Главниот судија
на Солун го известил намесникот за ова и му рекол дека овие двајца
христијани под итно треба да бидат погубени затоа што и во затворот ја шират
својата вера. Намесникот многу се налутил и наредил повторно да ги доведат
пред него. Повторно се обидел да ги натера да се откажат од Христа,
заканувајќи им се дека ќе ги убие. Но, тие рекле дека се радуваат на
маченичката смрт затоа што таа ќе ги овенча со вечна слава. Светите маченици
повторно биле затворени, а потоа уште еднаш биле изведени на суд, по што
биле осудени на смрт. Нивното сурово убиство безбожниците го извршиле со тоа
што прво им ги врзале рацете, а потоа околу вратовите им врзале тешки камења,
па така ги фрлиле во морето. Пред да бидат погубени свети Агатопод и свети
Теодул се помолиле на Христа. Подоцна морето ги исфрлило нивните чесни тела
и тие биле достојно погребани од христијаните.
Маченичката смрт на свети Агатопод и свети Теодул се случила во 303
година. Тоа е време на царувањето на римските цареви Диоклецијан и
Максимијан. Диоклецијан владеел од 284 до 305 година. Максимијан прво бил
негов војсководител, а потоа (во 285 година) бил поставил за цар на
западниот дел од царството од страна на Диоклецијан. Ова Диоклецијан го
направил заради големината на Римското царство, чие владеење тој не можел
сам да го контролира. Во негово време престолнината била префрлена во градот
Никомидија (на Мраморното Море), по што градот Рим почнал да го губи своето
значење.
Во почетокот на 4 век во целото Римско царство (вклучувајќи ја и
Македонија) биле погубени голем број христијани. Во тоа време Македонија над
четири и пол векови се наоѓала под римска окупација. Иако Македонците веќе
учествувале во римските институции, чувството за македонската етничка
припадност и тогаш било присутно, за што веќе пишувавме.
(Продолжува)