За нас - Македонците како полувековен проблем е тоа што не е докажано со
каква национална стратегија на 23 април 1945 година е создадена во Скопје
организацијата: НОФ (Народно ослободителен фронт за Егејскиот дел на
Македонија) надвор и независно од КПГ и од каков било политички субјект во
Грција кој повеќе од година делува и се раководи од КПМ/КПЈ.
Програмската цел на НОФ, беше: да се бори за извојување на националните
права и правото на самоопределување на Македонците под Грција. За
остварување на таа стратешка цел, беше применета и оружена форма на борба,
за што раководството на НОФ по неколку дена, односно на 28 април 1945 година
реши да формира македонски партизански единици. (Види:Кирјазовски, 1995/202),
пишува Кочов.
ЦЕЛИ
Авторот на книгата, посветува внимание и на најголемата манипулација од
раководствата на КПЈ и КПГ, кога на средбата на 2 април 1946 година Тито и
Захаријадис во Белград без присуство на Македонците решиле македонското
народно-ослободително движење од Егејскиот дел на Македонија предводено од
НОФ, а раководено од КПЈ-КПМ, да се стави под раководство на КПГ и да се
измени програмската цел на НОФ. Таа гласела: "НОФ ќе се бори во сојуз со
грчкиот народ за спасување на македонскиот народ од физичкото истребување".
Тоа е вистината, и можеби е дел од стратегијата на туѓинците кои посакаа
преку манипулацијата на НОФ, да си ја остварат целта, бидејќи од таквото
делување на НОФ, грчката држава имаше преземено законски мерки со невиден
терор и прогон, таквите воени зафати наликуваа на физичко истребување.
Народот беше принуден да ги напушта родните огништа и да бега во Југославија
или владините сили за безбедност ги испраќаа по островите. За нас
Македонците, коренито беа изменети условите по договорите меѓу Тито и
Захаријадис, односно КПЈ и КПГ и импликациите од робувањето кон еден или кон
друг беа катастрофални. Но, по сето ова НОФ за чудо станува погласен во
паролите за тоталните мобилзации на Македонците. Ги повикува и ја прогласува
КПГ како единствен спасител и добронамерник за разрешување на македонското
прашање на Македонците под Грција, а такви беа и препораките од КПМ/КПЈ (Види:
Директивите и препораките на Лазар Колишевски во книгата на Кирјазовски
1995/29), објаснува Кочов.
На 23.04.1945 година, токму во Скопје, во просториите на ЦК на КПМ, била
формирана организацијата НОФ (Народно - ослободителен фронт) на Македонците
под Грција. Во составот на оваа Организација се формирани АФЖ и НОМС.
Стрелање без пресуда
А со каква национална платформа? . . . Платформата беше за остварување на
туѓи интереси. Она на што НОФ можеше да смета во перспектива, а сигурно и
сметаше беше заштитата од КПМ/КПЈ. Таквото погрешно сфаќање на националното
прашање, веќе наплатено со жртви и со поништување на многу национални
вредности, слепо се брани и денес по цена на тотално национално пропаѓање.
Тешко беше да се излезе од лавиринтот на сите манипулации околу КПГ и КПЈ,
зошто се работеше за едно добро разработена стратегија во која дури и оние
луѓе со т.н. "тврди националисти" пред агресивната катадневна пропаганда
потклекнаа, во корист на т.н. "класното", а националното (посебно за нас -
Македонците) беше формално. Но, од исходот на настаните се покажа дека за
НОФ (За сите нас Македонците, посебно под Грција), беше лет во хаос?! А во
хаосот кој е моќен, тој е праведен. Значи правдата не е во правилноста, туку
во моќта. Тоа се потврди!, пишува во книгата "Билет во еден правец".
Авторот Кочов објаснува оти нема сомнение, дека оптималната цел на НОФ (КПМ/КПЈ)
била да ги опфати тотално сите Македонци под Грција и да ги стави во
функција на сенароден фронт за реализација на програмската цел.
Но, се поставува прашањето: Ако таквата стратешка цел беше прифатена како
грижа од КПМ/КПЈ, тогаш, зошто само пред неполни три месеци овие највисоки
тела на Југославија беа против паролата: "Да го свртиме оружјето кон Солун!",
односно : " На Солун, не на Сремскиот фронт?!, пишува Кочов.
ИГРИ
На седмиот Конгрес на КПГ што се одржал на 1 октомври 1945 година,
земале учество 223 делегати од кои мнозинството припаѓале на работничките
партии и на земјоделската селска партија. Македонците не биле ниту политички,
ниту воен фактор.
Развојот на левите сили (КПГ и ЕАМ), низ политичките настани во почетокот
на 1946 година се одвивал спрема концептот за неомасовување на населението
во вооружен отпор и од таквиот став биле враќани илјадници војници и офицери
сите симпатизери и членови на КПГ и на ЕЛАС, кои биле жестоко прогонувани од
новата власт на Атина.
Но, зачудува концептот на НОФ (КПМ/КПЈ ) по кој уште во 1945 година бил
реализиран, а била извршена масовна мобилизација на македонското население,
зачленувајќи го во НОФ и АФЖ.
Тоа го покажува и следното дека по предупредувањето и спречувањето на
левите сили низ цела Грција да учествуваат во масовноста, а подоцна тие леви
сили се преорентираа и настана наводно проблемот со резервите на воените
сили на ДАГ. И, не е чудо тие од 25.000- илјадитата армија на ДАГ, во
нејзините редови се најдоа насилно мобилизирани и ја сочинуваа 50 отсто
Македонци борци, а другите беа Грци. Значи, ако политичката стратегија и
тактика на Маркос била за не омасовување на вооружениот отпор и тоа
со искусни борци од ЕЛАС, тогаш каде да ја бараме логиката на таквите
политички процеси. Тоа што го правеше НОФ со невидено галопирање во
омасовувањето на македонците селани, објаснува Кочов.
На 2. 04. 1946 година, Захаријадис, генерален секретар на КПГ,
враќајќи се од Москва во Белград се сретнал со маршал Тито и разговарал
околу одлуката за поведување на оружена борба против десницата во Грција.
Захаријадис од Тито добил целосна поддршка, односно, ветување за морална и
материјална помош. На 24. 08. 1946 година врз основа на договорот
Тито-Захаријадис, еден дел од составот на Политбирото на ЦК на КПГ на чело
со Јоанидис Јоанис и потребниот апарат, илегално се префрлил од Атина во
Белград. Генерал Маркос Вафијадис кој во јуни 1946 година од Захаријадис
беше назначен за организатор и раководител на партизанските групи илегално
ја напуштил Грција и се префрлил во Белград каде што добил конкретни
директиви и ветувања од делот на ПБ на ЦК на КПГ. Во септември се префрлил
во Егејска Македонија каде што на 28 октомври го формирал Главниот Штаб на
партизанските единици, односно ДАГ. Но, на 10 ноември Захаријадис од Сталин
добил директива вооруженото движење зимата 1946 - 1947 година да не се
омасови, бидејќи тоа наводно го налагала меѓународната ситуација, КПГ на
политичката борба да и даде примат и слично.
Наредбата Бр. ЕП 13 од 27.12.1946 година, на генерал Маркос, гласи: "Сите
партизански единици се ставаат во составот на ДАГ".
Значи, НОФ од овој датум не претставуваше никаков воено-политички фактор,
туку по т. н. "Братство и единство" на НОФ и се земени сите ингеренции. По
ова настана деликатна рамнотежа, помеѓу НОФ и КПГ, но полека влегуваше во
менгемето на КПГ, охрабрувано па дури и од македонскиот врв на КПМ и
несомнено стануваше жртва на политичките игри. А, бргу потоа се најде во
рацете на бескруполозната апсолутистичка власт на КП, пишува Кочов.
(Продолжува)