|
ИСТОРИЈА
Сеќавања за катастрофалниот земјотрес во Скопје (3)
ТУРСКИТЕ ТУРБИЊА, АНОВИ И ЏАМИИ СТАНАА САМО КАМЕНИ КУПОВИ
Подготвила: Милева ЛАЗОВА
- Иако денес од Тврдината Кале постои само дел, сепак таа многу говори
за едно тешко минато.
- Куршмли ан кој претставува остаток од некаква градба последните години
на ЏИЏ век бил употребуван како затвор за бројни македонски револуционери,
а по тоа повторно бил ан, на крај да би служел како лапидариум на
Археолошкиот музеј. Анот претставувал првокласен историски споменик кој и
по својот надворешен и внатрешен изглед делува монументално и впечатливо.
С копската тврдина Кале била
доминантен објект во центарот на градот. Археолошките податоци говорат за
негово користење уште во доцниот неолит и во раното бронзено време. Подоцна,
од 695 година околу тврдината се формира денешно Скопје, а низ нејзиниот
изглед и архитектура многу епохи ги оставаат своите траги - почнувајќи од
градење во форма на квадрат со ѕидови од кои околу 120 метри во облик на
микенски ѕидини бил сочуван, додека преостанатите делови се преѕидувани и
дополнувани, бидејќи настрадувале за време на војните помеѓу Византија и
народот кој доаѓал од север се до освојувањето на Турците. Од турскиот
период постојат записи кои говорат дека тврдината имала петтоаголен облик,
дека била опколена со дупли ѕидови со околу 70 бастиони и три железни и
други капии. Поголем дел од ѕидините, од северо-источните до југо-западниот
дел, како и кулите биле разурнати, додека и киклопските ѕидини потешко
оштетени. Големи делови биле напукнати и се лизгале кон Вардар, така што
постоела опасност од понатамошни рушења.
ГРОБНИЦИ
Турбе Јигит паше била гробница од XIV
век, каде бил погребан командантот на турската војска која го заземала
Скопје во 1392 година. Самата градба била прилично руинирана и оштетена. За
време на земјотресот Турбе потполно, односно до темел урнато.
Тврдината "Кале" каде што биле сместени Археолошкиот,
Историскиот музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата
Турбе Крал К'зи (гробницата на кралевата ќерка) пред
катастрофата
Турбе Алти Ајак била гробница на командантот на турската коњаница Јаши
бег кој погинал во 1690 година од Австријци во борба за Скопје. Турбе го
градел од слој камен и цигли на шестоаголна основа за шест столбови и
куполен покрив. Од ова Турбе по земјотресот останале само два столба и
основа.
Турбе Гази Баба била гробница на познатиот турски поет Ашик Челебије кој
починал во Скопје во 1571 година. Турбето било градено од цигли и
претставувало осмострана куполна градба малтерисана и однадвор и одвнатре. И
ова Турбе било потполно уништено.
Турбе Крал К'зи бил по едно толкување била гробница на ќерката на
последниот босански крал, која како заробеник живеела кај Гази Иса бег, што
во превод значи "гробница на кралевата ќерка". Турбето било градено од камен
и цигли. На квадратната основа биле четири столба со зашилени врвови, а
покриено со купола на четири вода. И оваа гробница ја затекнала истата
судбина - разрушено е до темел.
ГРАДБИ
Казанџилар џамија по се изгледа била изградена во
XVII век од казанџискиот еснаф. Иако
скромна по архитектура, таа потполнувала дел од комлексот Куршумли ан.
Објектот бил потполно урнат и останале само мали делови од северниот ѕид и
долниот дел од минарето.
Во тешко оштетените споменици на културата спаѓаат: Куршмли ан кој
претставува остаток од некаква градба последните години на
XIX век бил употребуван
како затвор за бројни македонски револуционери, а по тоа повторно бил ан, на
крај да би служел како лапидариум на Археолошкиот музеј. Анот претставувал
првокласен историски споменик кој и по својот надворешен и внатрешен изглед
делувал монументално и впечатливо. Куршумли ан бил ѕидан од камен и цигла.
Имал приземје и кат со многубројни куполи кои порано биле покривани со олово
по што и го добил името (турски куршум - олово). Низ главниот влез се оди во
затворен двор со галерии, додека на северниот дел биле просториите за
сместување на стоката - камили, коњи и волови.
Куршумли ан пред земјотресот и по него
Од земјотресот потполно се урнати делови на централниот влез,
југоисточниот дел, цел агол, како и поголем дел на сводот на кат на
западната страна, додека скоро сите ѕидови, сводови и столбови биле
напукнати и оштетена. Исто така имало и многу оштетувања во задниот дел на
анот.
Изгледот на Казанџилар џамијата по земјотресот
Мустафа пашина џамија била една од најубавите и најмонументалните во
градот. Изградена е во 1492 година од тогашниот заповедник на Скопје,
Мустафа паша, кој бил и погребан во турбето во дворот на џамијата. Таа била
ѕидана од камен и слој од цигла на квадратна основа со купола на тромпите. И
михраб и мимбар биле од мермер украсени со пластична декорација. Фасадата
пред влезот обложена била со мермерни плочи, а тремот бил на четири мермерни
столбови со три помали куполи. Проширениот долен дел на минарето бил многу
украсен со орнаменти, а горниот дел од камен. Во дворот бил обновен
шедрванот подигнат од Мустафа паша, како и бројни надгробни ознаки. Џамијата
претрпела значајни оштетувања. Фасадните ѕидови имале големи пукнатини, а
отпаднале и мермерните плочи, додека куполата била со видливи пукнатини.
Целиот трем бил растресен, а оштетени биле куполите и столбовите. Минарето
било оштетено на повеќе места додека делот над шерефетот хоризонтално
напукнат. Исто така било оштетено и турбето со напукнувања и паднати делови.
(Продолжува)
|