|
Ubi Kaius, ibi Kaia
(Повод: Фељтонот "Македонија и Грција - битката за дефинирање нова
балканска нација" од Џон Шеј (6), "Македонско сонце" број 469 од 27.06. 2003
година, стр. 40 - 41)
Попатна забелешка: за жителите на Македонија можеби е точно да се зборува
за нација, во смисла на многу други држави како на пример француската, ако
се земат предвид малцинствата, но македонскиот народ во етничка смисла во
никој случај не е нов, но оваа тема не е предметот на написов.
Целта на оваа реакција е тврдењето во фељтонот од господинот Шеј дека
Грција без егејскиот дел на Македонија би претставувала ништо, не би можела
да постои. Ваквото гледање на работите е штетно како за односите
Грција-Македонија, така и воопшто за меѓудржавните односи на Балканот, а и
она што е најважно, не одговара на обејктивната вистина.
Првата грчка држава беше создадена 1830 година со помош на Русија. Таа
држава, Пелопонез, имаше територија од 21.000 квадратни километри (приближно
колку сегашната Република Македонија) и 600.000 жители. И покрај тоа што
тогаш Грција не ја имаше под своја јурисдикција јужна Македонија, т.е.
егејскиот дел, таа не само што се покажа способна да опстане економски,
спротивно на она што се тврди во фељтонот, туку и од тоа време успеа повеќе
од шест пати да ја зголеми својата државна територија, бројот на нејзиното
население се зголеми повеќе од шеснаесет пати, па денеска нејзината
територија е 131.000 квадратни километри со околу десет милиони жители. Меѓу
причините за олкавото зголемување не беше само големиот апетит на тогашните
и следните грчки власти, туку и големата супериорност на грчката дипломатија,
на грчките мозоци врз српската и посебно бугарската дипломатија, а се знае и
со помош на странските големи сили. Но, она што за написов е важно е фактот
дека првата грчка држава и покрај тоа што ја немаше во своите граници
Егејска Македонија, беше економски стабилна, а тоа е доказ дека без тој дел
на Македонија, Грција можеше сосема добро да живее и да напредува. Со
распарчувањето и геноцидот врз Македонија всушност Балканот беше осуден на
медиокритет, заостанатост, па и денеска Грција е на опашката од Европската
унија во економска и друга смисла. Ако Македонија не беше разделена меѓу
своите соседи, таа земја што беше една од најбогатите провинции на Турската
империја ќе беше голем стимулс, а и активен фактор, за развојот на сите
балкански народи, за безбедноста, мирот и просперитетот на целиот Полуостров.
Па и денеска, наместо стерилните грчко-македонски кавги околу името, знамето,
историјата, етничноста и друго, ако постоеше целосна соработка, доверба меѓу
двете држави, ако границите беа отворени, Грција и Македонија ќе беа моќна
оска за себалканскиот развој во сите битни полиња, а што се разбира само по
себе, грчко-македонското пријателство на двата народа ќе им беше многу
профитабилно како материјално, така и морално, и покрај малите димензии на
Република Македонија и на релативно нискиот број од нејзиното население.
Од статистиките во повеќе држави се гледа дека меѓу најстабилните,
најтрајните, најуспешните бракови се оние што се склучени од интерес, а
љубовта, пак, ќе си дојде со времето. Овој принцип владее и во меѓународните
и меѓудржавните односи, па аксиоматично е дека би требало да се примени и на
Балканот, доколку алтернативата што ќе се избере ќе биде напредувањето, а не
назадувањето.
При венчавањето Старите Римјани ја изготвувале следната традиционална
формула со која младоженците брачно се врзувале еден за друг:
Ubi Kaius, ibi Kaia, т.е.
Каде ќе одиш ти Кају, таму ќе оди и Каја. Со други зборови зетот и невестата
се задолжуваат да бидат секогаш заедно и во добро, и во лошо, да се борат со
обединети сили. Кеметците, пак, т.е. Старите Египјани, го санкционирале
нивното стапување во брак со тоа што кандидатот и кандидатката заедно ќе
скршеле едно барде, со кој акт се потенцирала трајноста, дефинитивноста на
склучувањето на бракот. При ваквите и слични примери здравиот разум и
далекугледноста наметнуваат едно важно прашање: Зар е толку тешко и "неразумно"
на Балканот, без да се изгуби државниот суверенитет на сите заинтересирани,
да се скршат неколку бардиња и искрено да се рече: Ubi
Kaius, ibi Kaia?
Даниел Мелвил
За кои Егејци ќе биде слободен влезот во Лерин?
Според промовираната и конечна Програма на Организациониот одбор за
претстојната III-та
Светска средба на децата - бегалци што ќе се одржи во периодот од 15-20 јули
2003 година во Лерин, веќе извесно време во електронските и други медиуми се
информираат заинтересираните дека право на присуство и учество ќе имаат
прогонетите Македонци од егејскиот дел на западна Македонија кои ги
напуштиле своите родни огништа во периодот од Граѓанската војна 1946-1949
година.
Несомнен е интересот на овие дискриминирани, прогонети и обесправени
Македонци, кои во виорот на последната Светска војна ги напуштија своите
огништа, сега после толку децении да ги посетат своите родни места, заедно
со своите најблиски. Но, постои една заблуда која ќе мора Организациониот
одбор итно да ја дообјасни и расчисти за голем број од прогонетите Македонци.
Имено, Организациониот одбор на Децата - бегалци, вниманието го свртува
само на прогонетите од периодот на Граѓанската војна 1946-1949 година, па се
прашуваат останатите прогонети и дискриминирани Македонци прогонети во
времето од 1940-1945 година, или пред таа војна чиј број на заинтересирани
не е мал, дали III-та
Светска средба на децата - бегалци ќе важи и за нив, или пак ќе се направи
некаква недоверба и обесправеност, односно ќе продолжи традицијата секој да
си ги решава своите теми и прашања на начин кој најдобро му одговара. Затоа
неопходно е преку сите медиуми во Република Македонија и пошироко итно да се
објави и објасни на заинтересираните каков ќе биде протоколот за посетата на
Егејска Македонија. Исто така да се поднесе барање - како граѓани родени во
Егејска Македонија, вклучувајќи ги и нивните потомци, деца, внуци да им биде
одобрен слободен влез во своите родни огништа.
Ангел Радев, Радовиш
|