ФОРУМ

МАКЕДОНИЈА И НАТО, СОН ИЛИ ЈАВЕ?

Илија Давчевски, Кавадарци

Република Македонија по осамостојувањето како млада држава, со нестабилна еконо-мија и случувањето во ЈУ про-сторите се ориентира кон НАТО ориентациите. Во периодот на претходните владини претставници премногу беше експлотирано и презентирано пред македонската јавност успешното и брзо зачленување на РМ во НАТО-Алијансата. Ваквите илузии и брифинзи нека останат минато и поука за сегашните владини структури да не продолжат на ист терк да ја залажуваат јавноста, но потребно е да му се каже вистината на македонскиот граѓанин. Нато-Алијансата како единствена, најголема воено-политичка структура, која остана по заминувањето на Варшавскиот пакт, е добро организирана воена-политичка структура, со модерна софистицирана воена техника и со добро едуциран воено-офицерски кадар. Нато-Алијансата со седиште во Брисел денеска се состои од 19 членки со најава за проширување на истите со нови држави. Има изработено комплекс на строго почитувани критериуми, од воени, политички, економски, демократски и други аспекти. На кратко да ги елаборираме, со цел да сфатиме ние како РМ и другите како нас посткомунистички земји дека идејата на НАТО уште долго време ќе претставува нереализиран сон, од следниве причини: Економскиот аспект бара развиена економска инфраструктура, стабилна валута и добар животен стандард; Политичкиот аспект се гледа од призмата на стабилна политичка држава со разрешени малцински и граѓански права и високо изградени меѓународни односи со соседите; Воениот аспект предвидува државата аспирант да располага со современ едуциран воено-офицерски кадар и професионална армија. Имајќи ги предвид овие параметри и знаејќи ги нашите воени политички состојби потребно е да престанеме со пренагласеното форсирање на идејата за НАТО, а да почнеме постапно во етапи да ги разрешуваме воено-политичките и економските дубиози, со што постепено ќе создадеме амбиент и предуслови со одредени параметри да ги исполниме критериумите на НАТО.

РМ е членка во Партнерството за мир, веќе неколку години и активно учествуваше на неколку НАТО воени вежби. Исто така неспорно е дека во нашата Армија се направија и се прават реформи, но тоа не е доволно да ги постигнеме високите стандарди на Алијансата околу професионализацијата на вооржувањето. Да не зборуваме за економските состојби и способности на РМ да одвојува милиони и милијарди долари кои ги внесуваат членките на Алијансата во заедничката каса. РМ како партнер на НАТО има континуирана соработка откако стана партнер во Алијансата. Истото најдобро се верификува кога РМ им ја отстапи територијата на НАТО-трупите за мировна имплементација на Косово. Присустовото на НАТО трупите во РМ може да се окарактеризира во позитивна и негативна конотација: Позитивната страна на присуството на НАТО беше важна за време и пред кампањата од безбедносен карактер за спречување на ескалираните судири од Косово во РМ; Другата позитивна страна беше што мировните трупи, за имплементацијата по завршувањето на војната поради близината веднаш навлегоа на Косово за извршување на мировната мисија. Негативната конотација која можеше да предизвика несогледливи последици од присуството на НАТО: Создавање на антинатовско расположение кое можеше да предизвика меѓуетнички судири и екцеси; Копнената опција на НАТО доколку беше применета на Косово ќе доведеше до вовлекување во војна на Македонија и за дестабилизација на регионот.

Желбите за влегување во НАТО на мала врата ако мислевме дека ќе ги оствариме со присуството на НАТО трупите, изгледа не беа многу мудри. Нивното присуство на нашата територија можевме да го ефектуираме со високи финансии, но да го оставиме пропуштеното, бидејќи гарантираната безбедност од НАТО можевме и скапо да ја наплатиме ако настаните во Косово и Србија добиеја други неповолни димензии во однос на копнената акција која беше во игра поради долгата кампања.

Воените околности се менуваа - одлуката на македонскиот Парламент за некористење на нашата земја за напад на наши соседи кореспондира за идна добрососедска соработка, но дали мораше постојано и пренагласено при посета на високи воени политички претставници од Алијансата да ја елаборираме синтагмата за некористење на нашиот простор. Навистина ова беше одобрувано од Запад, но во нивните колуари и анализи во натамошниот период ќе биде користено како бариера за побрзо интегрирање во овие структури. Оттука произлегува и следното прашање и одговор: Во случај на копнена акција на Косово дали ние имавме сили да ги спречиме НАТО-силите да не ја реализираат својата цел и какви последици би имало за РМ?

Единствена побрза солуција за позабрзано интегрирање на РМ во Алијансата е отстапување на Криволак за НАТО-базата со што ќе ја обезбедиме нашата безбедност. Оваа солуција ќе ни обезебеди и дополнителни финансии кои би се искористиле за осовременување на АРМ со што ќе создадеме предуслови и амбиент за забрзување на процесите за интегрирање на РМ во НАТО.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"