ФОРУМ

НАЈДОБРИОТ ЗАМИНА, ДОЈДЕ УШТЕ ПОДОБРИОТ

Милан Бетувски

(Повод: Конгресот на таканаречената “ВМРО-ДПМНЕ” и опасноста оваа мафијашка партија да создаде привид од "рехабилитација" со изборот на Никола Груевски за претседател)

Се наметнува потребата од демаскирање на Никола Груевски по сите негови финансиски "квалитети", кои би требало, според демагозите на ДПМНЕ, оваа разбојничка банда да ја прикажат како херојска комитска дружина. Прво да ги разгледаме најчесто истакнуваните "доблести" на спасителот: 1. млад; 2. способен; 3. докажан економист; 4. спровел "значајни" реформи: а) вовел ДДВ; б) вовел котизација на фирмите; в) го "внел" странскиот капитал во ОКТА, ТЕЛЕКОМ, РАДИКА и на други места; 5. најавува влез во НАТО за три години и во ЕУ за 10 години (од стојалиште на поборник и оптимист); 6. најавува континуитет во идеолошката поставеност на партијата со нагласена економска компонента итн.

Да почнеме со ред:

1. Овој човек е млад, но политичките убедување му се архиреакционерни. Тој во основа е анархо-либерал, политичар кој ревносно ги штити интересите на црната буржоазија, а жестоко ги гази прогресивните интереси на 9/10 од македонскиот етнос. Отприлика такви беа и состојбите за време на неговото учество во владата на Љубчо, време во кое 90 отсто од Македонците констатираа влошување на состојбите.

2. Способноста е квалитет со кој морам начелно да се согласам, но и да му дадам свое видување. Најголемата способност му е што остварил привид за позитивните личности и покрај изнесеното во точка 1. Извесно е дека овој човек обилно го користи незнаењето што упорно го шират неговите колеги, некои и од таборот на СДСМ (на пример Златка Поповска). Нашата економска наука е во жална лакејска положба и таа си земала врз себе една срамна задача псевдоекономската политика во полза исклучиво на транзициските тајкуни, надворешно-трговските шпекуланти, корумпираните полтичари и криминалците да ја прогласува за "изнудена", "однадвор наметната", "прагматична", "храбра", "релативно добра", "болна, ама ефикасна" (би рекол: за едни болна, за други ефикасна) итн. Способноста на овој човек беше за него тотално неприменлива кога се поставуваше прашањето зошто не се спротивстави на јавните криминални "приватизации" (читај грабежи). Единствено што тогаш, во својство на министер за финансии имаше да каже: "Немам коментар". Способност за восхит!

3. "Докажаноста како економист" веројатно потекнува од неговата успешно извршена задача Македонија да ја фрли во неоколонијален статус, да ја осиромаши и вовлече во технолошка заостанатост, да го дозаврши процесот на насилна, конфликтна и брутална редистрибуција на националното богатство, процесот на социјална сегрегација и темелна криминализација на државата, како и да "воведе странски капитал" (читај: распродаде за бадијала) во фирмите "на кои не знае што да им прави" (а случајно се профитабилни, или барем монополи).

4. Дел од неговото "рефоматорство" веќе објаснив. Сепак, да ги разгледаме најзначајните негови "реформи": а) она што тој го вика ДДВ, а всушност зголемен и унифициран данок на промет, затоа (заради зголеменоста) тој релативно лесно ја алиментираше општествената надградба, се разбира со дополнително задолжување во странство и продажба на најпрофитабилните делови од стопанството. Најбитните прашања од доменот на даноците овој човек никогаш не ги ни поставил, ниту кога било ќе ги постави. А тие се: даночната евазија, сивата економија, стимулативната улога на даночната улога на буџетот, селективниот пристап кон алокацијата на даночните ресурси и конечно потрошувачката на парите прибрани од даноците (Пауновски, Арнаудов, Војо Михајловски, Далаверски и др). б) воведувањето на задолжителна котизација е неспорна заслуга на Никола Груевски, но тоа е поматено со поврзувањето на скопската берза со соседните, кои со тоа доаѓаат во привилегирана положба, па така едно стопанство кое сесрдно е уништувано од сопствената влада ќе треба да се натпреварува со стопанствата кои се сесрдно потпомогнати од нивните влади. Повеќе од јасно е во која насока ќе се движи профитот. в) внесувањето на "странски капитал" во Македонија за време на владеењето на Љубчо и овој Груевски беше само празна фраза, зад која невешто се прикриваше продажбата на македонското стопанство на странски компании, што не фрли во неоколонијално ропство од кое нема лесно да се извлечеме. Наглото збогатување на партиската врхушка меѓу другото потекнува и од благодарноста на странците за сторената услуга. По овие "реформи" (за волја на вистината: предавствата) економската политика на Владата "се сведе на фискална политика" (Гошев), што практично значи дека сите понатамошни влади (до Владата на националниот спас) ќе немаат никаква економска политика.

5. Најавите на Никола Груевски дека за три години Македонија ќе влезе во НАТО и за 10 во ЕУ јасно укажуваат дека тој продолжува очајнички да се држи за политичките камуфлажи како неопходно средство за прикривање на вистинските цели на неговото политичко телохранителство. Во последно време посебно камуфлажата за НАТО добива интригантен колорит поради можноста од идејно и материјално распаѓање на НАТО-пактот. Ако сета надеж и мир и безбедност била во членството во НАТО, а тој се распадне, следува дека Македонија никако не може да биде мирна и безбедна земја. Евентуалното лоцирање и афирмирање на внатрешните прогресивни интереси чија афирмација би довела до суштински мир, стабилност и безбедност е лекција од која Груевски и неговите соучесници избегале од училиште. Тоа лоцирање ним им е забрането поради опасноста заедно со прогресивните интереси во мирот и безбедноста да се јават и "крајно опасни, недемократски, дестабилизирачки (кутрата наша депресивна стабилност, колку ли таа чувари има!), профашистички, прокомунистички итн.", прогресивни интереси од областите на политиката, економијата и културата, што е смртна опасност за шефовите на Груевски и неговата партиска тајфа. Патем речено, со камуфлажата за влезот во ЕУ како конечен крај на длабоката економска криза се чини дека некој сака да не убеди дека во часот на формалното зачленување на волшебен начин во Македонија ќе се сменат сопственичката структура, доминацијата на шпекулативниот над продуктивниот капитал, политичката доминација на капиталот над трудот и неоколонијалниот статус. Во меѓувреме останува се по старо, плус последиците од влезот во Светската трговска организација, имплементацијата на т.н. "охридски договор" и се поизвесната продажба на ЕСМ и поштата. Сакам Македонија да влезе и во НАТО и во ЕУ, за луѓето конечно да увидат дека станува збор само за паравани зад кои се крие разорна политика, паравани какви што беа грчкото ембарго, спорот околу знамето и името, приватизацијата, Пактот за стабилизација и асоцијација, партнерството за мир, милијардата на Тупурко, тајванската срамота, фингираната војна, Рамковниот договор и неброени други лаги за наивни.

6. Најавите за идеен конитинуитет на ДПМНЕ сведочат дека партиската врхушка нема намера да констатира дека е поразена затоа што станало јасно дека партиската политика е директно спротивставена на политичките, економските, безбедносните и културните интереси на македонскиот народ. Значи, ДПМНЕ останува противмакедонска, проамериканска анархо-либерална партија на крупниот капитал.

Може ли разумен и чесен човек воопшти да биде член на ДПМНЕ? Воопшто да не е човекот подлабоко упатен во економијата и политиката, може ли да не му пречи се тоа што во Македонија не чини и да им се прави какво било друштво на оние што тоа го направија (а истото важи и за т.н. СДСМ)? И гадењето е добра основа за приближување кон човечката суштина. Ќе смогнеме ли барем толку сили да појдеме до нивните партиски простории за да си ја побараме пристапницата назад и членската книшка за да ја вратиме заедно со изјава за напуштање на членството поради несогласување со политиката што ја спроведува партиската врхушка?


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"