омина повеќе од една година од
потпишувањето на Нишкатаспогодба, а случувањата во и околку МПЦ не
престануваат да бидат топ тема во медиумите. Се уште не стивнуваат реакциите
по Одлуката на СПЦ за формирање Автономна Охридска Архиепископија, а веќе
пристигнуваат нови шокови. Се обелодени ставот на некој или некои од врвот
на МПЦ за откажување од кривично гонење против владиката Јован, доколку тој
ги врати присвоените 57.000 евра. Се огласи владиката Наум со молитви и пост
за просветување на новинарите, се јави и Архиепископот Стефан кој по обичај
ништо суштествено не кажа. Најшокантно од се е сепак интервјуто на владиката
Петар за неделникот "ЗУМ". Од друга страна и натаму продолжува молкот на
Светиот синод по прашањето за утврдување одговорност на владиката Јован, што
дополнително ги иритира верниците и целокупната македонска јавност.
Македонскиот народ со право е загрижен за опстанокот на својата црква.
Одбраната на црквата ја чувствува како пресудна битка во одбраната на
државата и нацијата, бидејќи губењето на црквата обично иде во пакет со
губењето на државата и обратно. Таков пример имаме во блиското минато и во
блиското соседство, како што е случајот со Црногорската црква. Сличностите
се очигледни, истоветни се барањата за самостојност, а истоветен е и
центарот кој го врши оспорувањето. Познато е како Црна Гора ја изгуби
својата држава и црква во 1918 година. Пресудна улога во тоа одигра
пратеникот во црногорското Собрание Гаврило Дожиќ, играјќи ја улогата на
тројански коњ. Под негово влијание црногорското Собрание донесе одлука за
самоукинување на независната црногорска држава и нејзино припојување кон
Кралството на СХС, што доведе до губење на Црногорската црква. Подоцна овој
човек стана Патријарх на СПЦ.
Идентичен е случајот и кај нас, но со обратен редослед. Улогата на
тројанскиот коњ ја одигра владиката Јован (иако се чини тоа требаше да биде
некој друг), донесен е актот за самоукинување на автокефалноста со
потпишувањето на Нишката спогодба, а владиката Јован веќе е прогласен за
српски егзарх на Автономната Охридска Архиепископија.
Нишката спогодба е составена во 17 точки. Со неа се укинува
автокефалноста на МПЦ, се врши промена на името, при што се исфрлени сите
македонски предзнаци, па МПЦ се нарекува "Православна црква за која станува
збор", "Споменатата црква" и слично, а Архиепископот Охридски и Македонски
се преименува во Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски. Терминологијата
е усогласена во секој поглед со онаа на нашите белосветски "пријатели", кои
при многубројните посети не нарекуваа секако, само не со нашето уставно име.
Според оваа спогодба не е можен избор на Поглавар без согласност на Српскиот
Патријарх, кој го потврдува изборот. Македонскиот народ не е загрижен поради
дејствувањето на расколникот Јован, туку го загрижува нешто многу посериозно,
а тоа е севкупното дејствување на Синодот, односно неговото недејствување во
одбрана на Уставот на МПЦ, што недвосмислено упатува на заклучокот дека во
Синодот седат повеќе коњи – тројански, се разбира. Голем број на несоборливи
аргументи упатуваат на овој заклучок.
Првиот аргумент е самиот чин на упорно инсистирање на преговори со СПЦ.
Синодот мора пред јавноста да ја образложи целта на понатамошните преговори.
Признавањето сигурно не е цел, туку зад тоа се крие нешто сосем друго. Овој
заклучок се наметнува од проста причина што СПЦ еднаш веќе ја призна
самостојноста на МПЦ со свој Одлука бр. 44 од 24/11 мај 1959 година, која
добро & е позната на јавноста. Оваа одлука не значи ништо друго, туку
канонски отпуст. Врз база на овластување дадено во истата одлука, Српскиот
Патриајрх Герман веќе во јули 1959 година доаѓа во Скопје и во црквата "Света
Мина" држи света архиерејска литургија во сослужение на Архиепископот
Охридски Доситеј. Во 1962 година Македонија ја посетува Рускиот Патријарх
Алексеј, каде во Охрид во црквата "Свети Климент" сослужува со поглаварите
на СПЦ и МПЦ. Ваквите сослуженија помеѓу двајца или повеќе поглавари не
значат ништо друго, туку де факто признавање на Црквата. Такви сослуженија
подоцна имаше и со поглаварите на Бугарската и Грчката црква.
Одлуката на СПЦ со која се признава самостојноста на МЦП објавена е во
службено гласило на СПЦ, објавена е во 1964 година во Трст во книгата "Обезглавената
Српска црква" од Драгољуб Вурдулија, а е цитирана и во Уставот на МПЦ, во
неговата Преамбула. Сето ова значи дека одлуката е општо позната и сите
релевантни фактори во регионот и пошироко се запознати со истата. Уште колку
пати треба да не признаат па одлуката да биде валидна?
Очигледно, натамошните преговори кои ги најавува Синодот кријат некоја
друга скриена цел која ја разоткрива токму Нишката спогодба во која се
бришат македонските предзнаци во називот на црквата и во титулата на
Поглаварот, се укинува самостојноста, а во т. 17 се презема обврска за
измена на Уставот во согласност со спогодбата, што не значи ништо друго,
туку од Уставот да се избришат сите македонски предзнаци. Очигледно на некои
"наши" архијереи им пречи македонското име, односно им пречи историската
вистина констатирана во Уставот на МПЦ, дека Македонија и Македонците се
овековечени во Светото писмо - Библијата, како еден од најстарите народи во
Европа. Со спогодбата наместо признавање се афирмира токму спротивното -
непризнавање на македонското име и нација.
Сакам да ги прашам нешто нашите архијереи. Зарем е можно да се надеваат
на признавање од оние кои за пари купуваат епархии или од оние кои за пари
продаваат томоси? Веќе и на малите деца им е јасно дека по осамостојувањето
Македонија повторно стана јаболко на раздорот на Балканот. Повторно оживеаја
злите духови од 1913 година и се обединија да го докусурат пленот. Едни ни
го негираат името, други нацијата, а трети црквата. Затоа, бидете сигурни,
никогаш и под никакви услови нема да не признаат под уставното име. Тие
отворено нудат признавање самостојност на црквата, но под одредени услови
кои значат губење на националниот идентитет. Нишката спогодба само го
потврдува тоа. Но, македонскиот народ веќе се изјасни, такво нешто не
прифаќа.
Вториот аргумент е фактот што досега не е покрената црковно-судска
постапка против расколникот Јован. Наводните финансиски малверзации за кои
на големо се зборува во јавноста, се најмалиот грев што може да му се
припише. Тој стори многу потешки дела, буквално го згази достоинството на
македонскиот народ, ја погази сопствената заклетва во сите нејзини делови,
го згази Уставот на МПЦ (чл.3, 4 и 5), на тој начин што го смени грбот и
знамето на МПЦ и го смени јазикот на кој се богослужи во црквата, го смени
името на Повардарската епархија и истата ја припои кон туѓа црква. Тој веќе
седи до Српскиот Патријарх Павле при литургии и свечености во СПЦ. Сите овие
работи беа обелоденети во јавноста.
Фактот што Синодот (преку изјавите на Тимотеј и Петар) го застапува
ставот на расколникот ќе биде расчинет кога редовните судови ќе го потврдат
криминалот и откако ќе се види до каде може да оди СПЦ, не е ништо друго,
туку само обид да се замагли и одолговлекува случајот, со што се става во
директна заштита на расколникот. Овој заклучок се наметнува од проста
причина што редовните судови воопшто не се надлежни за овие повреди на
каноните и Уставот, туку се во надлежност на црковните судови. Треба ли да
се потсети Синодот дека со Уставот на МПЦ е предвидено постоење на Црковен
суд и црковен обвинител (чл. 142 и 155), а кога станува збор за архијереји
во прв ред и последен степен суди токму Синодот (чл. 24, т. 44). Една од
основните должности на Синодот е токму да се грижи за доследно почитување на
уставноста и законитоста во МПЦ (чл. 24, т. 23).
Светиот синод ќе мора да објасни кој го кочи функционирањето на овие
органи.
Владиката Јован во своите намери да ја разнебити МПЦ отишол дотаму што
отпечатил бланко фактури, меморандуми и рекламен материјал со туѓи симболи.
Неверојатно, но со нив тој комуницирал дури и со самиот врв на Црквата и тоа
никому да не му пречи.
Синодот треба да се потсети уште за нешто. Во согласност со чл. 73 од
Уставот на МПЦ, за да може некој да ја носи титулата епархиски или викарен
архијереј, покрај другото, треба да се одликува со морален живот и да се
здобил со добар глас во својата средина, во спротивно согласно чл.74 истиот
треба да биде расчинет. Дали е возможно се уште некој во Синодот да смета
дека овој човек се одликува со морален живот и добар глас во својата средина.
Зарем заборави Синодот какви се скандали направи во Брегалничката и
Повардарската епархија, од каде буквално беше протеран.
Третиот аргумент е фактот што Синодот не поведува црковносудска постапка
против владиката Петар. Овој човек е поопасен и од самиот Јован. Да не
заборавиме - тој е негов ментор, по негов предлог е внесен во Синодот, тој е
претседател на Комисијата за односи со другите цркви, ја води Комисијата за
уставни прашања, а се чини дека има главен збор и во материјалното работење.
Лично мислам дека негова заслуга ќе биде минимизирањето на финансиските
малверзации за кои беше најавено брзо обелоденување, а што и до ден денес не
се случи. Се ми се чини дека од најавените 300 страници доказен материјал се
ќе се заврши само со една кривична пријава која веќе е отфрлена од судот. Но,
најголем грев на владиката Петар е токму Нишката спогодба.
Со кое право отишол владиката Петар да преговара и потпишува спогодби кои
значат уставни промени, кога тоа носи понижувачки статус и кога за тие
прашања не само што не е надлежна Комисијата ниту Синодот, туку се во
исклучива надлежност на Архијерејскиот Црковнонароден Собор, како највисоко
црковноуправно и законодавно тело на МПЦ (чл. 38 и чл. 49 од Уставот на МПЦ).
По огромните реакции во јавноста првично изјави дека никој од Синодот, па
ни тој, не се откажал од името на Црквата, но само декларативно. Во практика
тој грчевито го брани Нишкиот документ, тој се гордее со него, сметајќи дека
во него има многу позитивни работи. Во своето интервју во неделникот "ЗУМ"
тој се обидува целиот македонски народ да го направи недоветен, поради што
ќе мора јавно да се извини. Тој вели: "Не очекуваме такви одлуки од СПЦ со
кои се задава најголем удар на МПЦ и на македонскиот народ – вели - откако
еднаш не признаа сега не тераа да го потпишеме Нишкиот документ, кој ние го
сметавме само како нацрт и како основа за понатамошни преговори".
Факт е дека СПЦ еднаш со своја одлука не призна, но исто така е факт дека
со Нишката спогодба се укинува таа одлука, не ни зададоа тие најголем удар,
туку самите ние, односно лично Петар со неговите пулени, не не натераа тие
да го потпишеме договорот, туку самите го сторивме тоа со своите своеволни
потписи. Впрочем, самиот Петар признава дека работената верзија - нацртот на
Спогодбата ја подготвиле во Водоча и во Нови Сад. Во Ниш отишле само на
потпис, како и да го залијат дебелото мрсно со дебело црно вино, да
наздрават за успешно извршената зделка и како свештеници на иста црква
братски да се разделат.
Што се однесува до формата на Спогодбата, таа воопшто не е битна. Во
правото е битна содржината, а содржината Петар воопшто не ја оспорува. Дали
ќе го крстите документот како работна верзија, нацрт или како било поинаку,
оној момент кога е постигната согласност на волјите на двете страни,
договорот - спогодбата се смета за заклучена. Во овој случај тоа е сторено
уште во Водоча и Нови Сад, поради што во најмала рака е чудно да се очекува
нов повик за продолжување на преговорите, освен ако не е во прашање
скриената цел.
Владиката Петар се гордее со она што е постигнато во Ниш. Тој смета дека
таа спогодба има многу позитивни работи. Како своја заслуга си го припишува
наводниот факт дека во тој документ се изборил во Преамбулата да се вметне
одлуката на СПЦ за признавање на нашата црква. Верувале или не, човекот не
го прочитал ни сопствениот Устав. Доколку го стореше, тоа ќе забележеше дека
наведената одлука на СПЦ е внесена во Преамбулата на Уставот од многу
поодамна и без негова заслуга.
Како голем успех го смета тоа што со Нишката спогодба во меѓусебната
комуникација со СПЦ и на локално ниво ќе сме можеле да го користиме
досегашното уставно име. Верувале ил не, тој се гордее со тоа што во
комуникацијата со кумановската и драчевската црква, па и со врањанската, на
пример, ќе може да го користи досегашното уставно име. Голем успех, нема што!
Но, под кое име господинот Петар ќе ја застапува нашата црква во односите
со трети цркви? Ќе смее ли тогаш да го спомне македонското име, тоа да & го
објасни на македонската јавност.
Како позитивна работа од Нишката спогодба ја истакнува подготвеноста сите
да не признаат како самостојна црква доколку го смениме името во Охридска
Архиепископија, иако во минатото сите соседи ни ја присвојувале оваа црква,
се разбира доколку од називот на црквата го исфрлиме македонското име.
Верувале или не, тој се гордее со ова, но не објаснува чија ли црква ќе
бидеме во тој случај, ако самите од називот го исфрлиме македонското име и
чиј Поглавар ќе биде Неговото Блаженство, г.г. Стефан, ако неговата титула
Архиепископ Охридски и Македонски се преименува во Архиепископ Охридски и
Митрополит Скопски. Убеден сум дека ќе се постигне токму спротивниот ефект.
Тогаш уште пожестоко ќе не присвојуваат и тоа не само црквата, туку и
народот и државата.
Вистински шок за мене како човек претставуваат неговите зборови: "Не
очекуваме Нишкиот документ да се појави во јавноста". Си работеле луѓето
тајно, веројатно требало до крај да ја завршат работата и да не стават пред
свршен чин, па дури тогаш да ја информираат јавноста, но работата им ја
расипал владиката Пахомие кој ја обелоденил. Затоа Петар многу му е лут, што
е многу разбирливо, затоа што најверојатно тој сега ќе беше нашиот Гаврило
Дожиќ, односно Српски Егзарх на Автономната Охридска Архиепископија, наместо
владиката Јован.
Вистински бисери содржи малата исповед на владиката Петар пред јавноста,
кога отворено признава дека како Комисија не знаеле дека Нишкиот документ ќе
биде од толкаво значење, немале чувство што ќе произлезе од нивните парафи,
го потпишале бидејќи го сметале како основа за понатамошни разговори,
отворено признавајќи дека воопшто не размислувале за тежината која ќе се
наметне со парафите, затоа што во секој случај над нив постои Синодот.
Коментар на оваа изјава не е потребен, но не можам, а да не го изразам
своето чудење како е можен толку неодговорен однос од луѓе на така високи
позиции во црквата, за толку значајни работи кои се од вителен интерес за
опстанокот на црквата. Владиката Петар во овој дел зборува во името на сите
потписници. Чудно, но досега никој од преостанатите потписници не се јави со
своја реакција за да се огради од ваквите изјави на Петар, бидејќи во нив се
изречени квалификативи кои дефинираат деловно неспосбни лица.
Лично не верувам дека Нишката мисија им била доверена на деловно
неспосбни лица, но верувам дека го потцениле македонскиот народ во намерата
да го изманипулираат и да си ја завршат зделката што ја испланирале или
задачата што ја добиле.
Со оглед на тоа дека нашите архијереи не се свесни за тежината на нивните
потписи и последиците од нив, ќе им ги соопштиме јавно:
- Со Нишкиот документ вратени се вековните стремежи на македонскиот народ
за самостојна црква на позиции од 19 век, широко отворајќи ги портите за
туѓи влијаниа, како за културна, духовна и национална асимилација на
македонскиот народ;
- Создадени се услови за раскол во Синодот;
- Создадени се услови за раздор со пријателските соседни православни
народи.
Заради сето досега сторено, доколку имаат барем малку човечко достоинство
и чувство на одговорност, расколникот Јован и неговиот ментор владиката
Петар, заедно со нивните истомисленици, доколку се уште ги има и доколку се
уште не се покајале, веднаш да ги фрлат архијерејските мантии и да ги
отстапат на други кои ќе имаат барем малку македонско национално чувство. Во
спротивно, веднаш и без одлагање Светиот синод да покрене црковно-судска
постапка и да ги расчини овие ненародни владици. Да не се плаши од никакви
закани и уцени, без оглед од каква природа да се. Народот ќе застане зад
својот Синод, ќе знае и да му прости по некој грев, но предавство никако.
Светиот синод да престане да коленичи пред оние кои не сакаат ни името да
ни го спомнат, да застане цврсто во одбрана на Уставот на МПЦ како негова
најсвета должност, како и да застане во одбрана на честа на своите верници и
македонскиот народ воопшто. Во спротивно, во согласност со старите
македонски обичаи, сите од Синодот ќе мора да завршат бричени и истрижени,
качени на магариња со лицето свртени кон опашката.